Неверојатната хемија помеѓу Тина Тарнер и Мик Џегер: Ѝ го соблече здолништето среде сцена, а многумина мислеа дека се љубовници
Пејачката Тина Тарнер, која е родена на денешен ден во 1939 година, беше музичка дива, која беше сакана и почитувана од милиони обожаватели ширум светот. Таа им беше драга соработничка на своите современици од музичката сцена, но и идол на помладите пејачи и музичари.
Препорачано
Еден од оние музичари со кои имаше прекрасно пријателство беше и пејачот на легендарната музичка група „Ролинг стоунс“, Мик Џегер. Нивната близина ѝ беше позната на пошироката јавност, а нивната неверојатна хемија на сцената своевремено ги поттикна луѓето да се прашуваат каква е природата на нивниот однос.
Тарнер ја започнала соработката со „Ролинг стоунс“ во 1966 година, кога им се придружила на концертна турнеја. Тогаш таа не ни знаела кои се тие, но Тарнер и Џегер бргу се спријателиле.
„Не знаев кои се ‘Ролинг стоунс’. Мик беше тој кој секогаш стоеше на страна и нѐ гледаше. Малку се срамеше од мене, но на крајот почнавме да се забавуваме и се обидов да го научам неколку танци бидејќи тој само стоеше мирен на сцената. Тој почна да пробува некои танцови движења зад сцената, на што сите ние му се смеевме“, изјавила Тарнер за „Пипл“ во 1981 година.

И самиот Џегер призна дека научил многу од Тарнер, иако таа јавно го искара дека никогаш не признал дека таа го научила да танцува.
Тие продолжиле да настапуваат и понатаму, но нивниот настап на „Live Aid“ во 1985 година е, без сомнение, момент кој влезе во историјата на рокенролот.
Присетувајќи се на инцидентот во нејзините мемоари, Тарнер напиша:
„Мик и јас никогаш не можевме само да стоиме и да пееме – тоа не бевме ние. Моравме да направиме нешто. Тој ме погледна. Јас бев облечена во црн кожен горен дел и здолниште, припиен до кожа, и можев да видам како се формира ‘зла’ идеја. ‘Дали тоа здолниште се симнува?’ праша итро. ‘Што?’ беше мојот вчудовиден одговор. Тој рече: ‘Ќе ти го соблечам здолништето’. Го прашав зошто, но беше предоцна за разговор, Мик веќе реши да го направи тоа“, откри Тарнер.
Поради ова, таа била разбирливо нервозна.
„За среќа, бев подготвена. Ако ми го соблече здолништето, ништо не се гледаше освен костимот под костимот. Бев покриена, барем така се уверив самата“, рекла таа.
Секако, Џегер го реализираше својот план, за кој некои го осудија, некои го славеа, а други имаа дополнителен аргумент за сомневање дека меѓу познатите музичари има многу повеќе од само пријателство.
Но, самата Тарнер го негираше тоа. Во разговор за „Дејли мејл“, зборувајќи за Мик Џегер и Дејвид Боуви, таа потенцираше дека нивните односи секогаш биле професионални.
„Никогаш не спиевме заедно и никогаш не ми се пуштаа, затоа што мислам дека некако ме гледаа како пример“, изјави Тарнер во 2017 година.



