Бен Афлек - Фото: EPA-EFE/ETIENNE LAURENT

Нетфликс за 600 милиони долари ја купува компанијата за филмска продукција на Бен Афлек

Нетфликс, во една од своите најголеми аквизиции досега, би можел да плати до 600 милиони долари за стартап компанијата „ИнтерПозитив“, филмска продукција која употребува вештачка интелигенција,  која ја основа Бен Афлек, пишува „Вараети“.

Според американските медиуми, Афлек и инвеститорите во „ИнтерПозитив“ би можеле да заработат до 600 милиони долари преку договорот со Нетфликс, доколку компанијата ги исполни поставените цели за успешност.

Сумата што Нетфликс ја плати однапред за „ИнтерПозитив“ е помала од таа максимална вредност.

На 5 март Нетфликс ја објави аквизицијата на „ИнтерПозитив“, при што деталите за финансиските услови не се откриени. Со оваа аквизиција, целиот тим на компанијата, кој брои 16 инженери, истражувачи и креативци, ќе се приклучи на Нетфликс, додека Афлек ќе ја извршува функцијата на висок советник за да обезбеди континуирано лидерство.

Договорот доаѓа една недела откако Нетфликс се откажа од купување студио и стриминг сервис на Ворнер Брос Дискавери, откако друга компанија ја зголеми својата понуда за еден долар по акција, а Нетфликс реши да не дава контра понуда.

Според Афлек, „ИнтерПозитив“ развива систем кој создава модел на вештачка интелигенција врз основа на дневните снимања од продукцијата. Моделот им овозможува на филмските автори да го користат во постпродукцијата за различни задачи, како мешање и корекција на бои, повторно осветлување на кадри и додавање визуелни ефекти.

Нетфликс планира технологијата да им ја овозможи на своите креативни партнери, но во моментов нема планови за комерцијална продажба.

Главната директорка за содржини во Нетфликс истакна дека оваа технологија им овозможува на партнерите повеќе избор, поголема контрола и заштита на нивната визија.

„Не можам да бидам посреќен што овој проект продолжува со тимот на Нетфликс и со нетрпение очекувам пошироката креативна заедница да добие пристап до она што го градиме и иднината на која заедно работиме“, изјави Афлек по повод договорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот