Некоја нова Македонија, совладан светскиот шампион на селекторското деби на Лазаров

epa09068610 Kiril Lazarov (L) of North Macedonia in action against Henrik Jensen Mollgaard (R) of Denmark during the Men's EHF EURO 2022 qualification handball match between North Macedonia and Denmark in Skopje, Republic of North Macedonia, 11 March 2021. EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ракометната репрезентација на Македонија новата страница во историјата ја започна со голема победа над актуелниот светски шампион Данска со 33:29 во рамки на квалификациите за пласман на ЕП 2022.

Капитенот Кирил Лазаров не можеше да посака подобро деби на селекторската функција против светскиот шампион кој буквално беше надигран во секој сегмент од играта, а притоа се виде новото лице на репрезентацијата.

1EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Повратникот Филип Миркуловски кој по три години повторно го облече репрезентативниот дрес, ја врати борбеноста и пожртвуваноста во репрезентацијата, одбраната успеа целосно да ги запре Данците предводени од Микел Хансен, додека во нападот видлива е „раката“ на Лазаров и новиот стручен штаб . Течна игра, разновидност во акциите, но и одличен настап на ракометарите кои треба да бидат идни носители на репрезентацијата, Филип Талески и Филип Кузмановски.
Со оваа победа, Македонија направи голем исчекор во пласманот на Европското првенство, ракометарите моментно се први на табелата со максимален учинок од три победи во три натпревари.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Ракометарите одлично го започнаа натпреварот, првиот гол во ерата на Кирил Лазаров како селектор го постигна Филип Талески . Македонија во четвртата минута веќе имаше предност од 4:2 со двата гола на Талески и Манасков.
Актуелниот светски шампион постојано ја бркаше предноста на Македонија, успеа да израмни на 7:7, но тоа беше се што успеаја да направат Данците.
Во 17. минута со два брзи гола, од кои вториот беше на Лазаров, Македонија повторно имаше предност од два гола (9:7). Три минути подоцна Филип Талески го совлада Ландин по што Македонија за прв пат има водство и од четири гола (12:8) и предноста ја задржа до крајот на полувремето (17:13). Во првиот дел блескаше и Никола Митревски кој имаше девет одбрани, а во нападот блескаше Филип Талески со пет постигнати гола.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Одличната игра на ракометарите продолжи и во второто полувреме, во одбраната фантастичен беше Никола Митревски, додека играта во нападот доби нова ширина и димензија под палката на селекторот Лазаров. Одличната игра на двата дела од теренот донесе предност од осум гола во 44. минута откако Гоце Георгиевски постигна гол за 25:17.

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Данците успеаја да се соземат од шокот кој им го приредија избраниците на Лазаров и постигнаа три гола со кои намалија на 25:20.
Македонија возврати со два брзи гола на Лазаров и Кузмановски со кој повторно дојде до предност од седум гола и водството го задржи до крајот за голема победа од 33:29.
Никола Митревски блескаше на голот со 13 одбрани, а во нападот Манасков, Талески и Кузмановски постигнаа по пет гола, а повратникот Миркуловски даде три, додека селекторот и капитен даде четири гола. Кај Данска, Микел Хансен постигна 11 гола.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот