Недовршената црква „Св. Константин и Елена“ ќе стане стечајна маса?!

Црквата „Св. Константин и Елена“, лоцирана на улица „Македонија“ пред објектот на АРМ, и по осум години од почетокот на нејзината изградба стои оградена со лимени тараби и недовршена, иако рокот за изградба беше три години. Изведувачот, градежната фирма А.Д. „Бетон“ од Скопје, како што објави Истражувачка репортерска лабораторија Македонија, пред два месеца побарала стечај за фондацијата „Св. Цар Константин“, која ја финансираше градбата на црквата.

Фондацијата на „Бетон“ му должи 1.098.000 евра за градежни работи на верскиот објект. Барањето за отворање стечај е поднесено во септември, назначен е стечаен управник, а судско рочиште е закажано на 11 ноември.

– Основа за поведувањето на постапката е неспособност за плаќање – неликвидност на должникот Фондација „Св. Цар Константин“ Скопје. Долгот на должникот спрема доверителот предлагач е од нотарски платен налог, кој е правосилен и е во фаза на извршување, а износот на долгот е 67.570.171 денари -велат за ИРЛ од Основниот суд Скопје 2.

Судот оценил дека се исполнети условите за отворање стечајна постапка и донел решение за замрзнување на имотот и сметките на фондацијата.

Ова е прв случај во кој МПЦ се јавува како должник во стечајна постапка, а неизградената црква и земјиштето ќе влезат во стечајна маса.

Сопственик на земјиштето од 2.230 метри квадратни во строгиот центар на Скопје, на кое се гради црквата, е МПЦ. Земјиштето е купено во 2012 година со непосредна спогодба од државата, по цена од 1.800 денари за метар квадратен или вкупно за 65.268 евра. Откако земјиштето е префрлено на име на МПЦ, со потпис на архиепископот г. г. Стефан се формира фондацијата „Св. Цар Константин“, а како основачки влог е ставено земјиштето.

Како што објавува ИРЛ, првата донација на фондацијата е од МПЦ, која на сметката на фондацијата префрлила 1 милион евра, а за да се соберат потребните пари за изградба на црквата беа организирани три донаторски конференции – првата во декември 2012, потоа пролетта 2013 и последната во декември 2014 година. Преку овие донаторски конференции биле собрани околу 2 милиони евра.

Црквата беше идеја и желба на поранешниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ и таа доби дозвола за градба и почна да се гради и покрај протестите на граѓаните кои беа против.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот