Извршниот директор Џери Марел/Вработени во неговиот ресторан за брза храна „Five Guys“/Фото: Принтскрин/Инстаграм

„Не сакав нeкој да ми пука во грб“: Американски директор им поделил бонус од 1,5 милиони долари на вработените

Популарниот американски синџир ресторани за брза храна „Пет момчиња“ (Five Guys) ја прославил 40-годишнината оваа година, но прославата се претворила во фијаско откако промотивната акција предизвикала хаос во филијалите. Извршниот директор Џери Марел признал дека компанијата „навистина згрешила“ и како извинување им исплатил бонуси на вработените во вкупен износ од 1,5 милиони долари, пишува „Њујорк пост“.

За да одбележат четири децении работење, „Пет момчиња“ покренале кампања „купи еден бургер, добиваш друг бесплатно“ во февруари. Меѓутоа, побарувачката била толку голема што рестораните не можеле да издржат. Илјадници филијали останале без хамбургери, а персоналот бил преоптоварен со работа, работејќи до изнемоштеност за да го услужи огромниот број клиенти.

Поради неочекуваниот одѕив, компанијата била принудена да ја прекине промоцијата порано од планираното, што предизвикало бран незадоволство на социјалните мрежи.

Во неодамнешно интервју за „Форчн“, 82-годишниот извршен директор Џери Марел се пошегувал дека по неуспешната промотивна акција се плашел за сопствениот живот.

– Не сакав некој да ме застрела во грб или нешто слично веќе по првиот ден, бидејќи премногу згрешивме. Немавме поим дека одѕивот ќе биде толку голем – рекол Марел, очигледна алузија на атентатот врз извршниот директор на „ЈунајтедХелткер“, Брајан Томпсон.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by FORTUNE (@fortunemag)

Како гест на извинување до преоптоварените работници, Марел одлучил на секоја од 1.500-те филијали во Соединетите Држави да им испрати бонус од 1.000 долари. Тој потег го чинел вкупно 1,5 милиони долари.

Марел, исто така, открил како ги финансирал изненадувачките бонуси.

– Имав намера на својата сопруга да ѝ купам нова бунда, но наместо тоа, тие пари ги потрошив на бонуси. Таа сè уште ме гледа како да сум глупав. Но, мислам дека вредеше. Луѓето работеа напорно. Беа преоптоварени – додал тој.

Компанијата „Пет момчиња“ подоцна јавно им се извинил на клиентите кои биле разочарани затоа што не успеале да ја искористат понудата.

– Ги посетивте нашите ресторани во толкав број што едноставно не бевме подготвени за вас. Потфрливме во однос на сопствените стандарди, а тоа е нешто што го сфаќаме многу сериозно –  пишува во соопштението за медиумите од компанијата.

Исто така, потврдено е дека промоцијата ќе се повтори во текот на март, давајќи им на американските клиенти нова можност да ја искористат понудата.

– Искрено бевме затекнати од одѕивот. Четириесет години е долг период, а изливот на поддршка за нашата 40-годишнина нè потсети зошто ја сакаме својата работа – заклучил Марел.

ВИДЕО: Убиен директорот на најголемата компанија за здравствено осигурување во САД, среде бел ден застрелан во градите

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот