Науката има одговор: Колку пати во животот доживуваме страсна љубов?
Повеќето граѓани на Соединетите Американски Држави во текот на животот страсна љубов доживуваат во просек двапати, додека 14 проценти никогаш немале такво искуство, покажуваат резултатите од истражувањето што го спроведе Институтот „Кинзи“ од САД.
Препорачано
Во студијата биле анкетирани 10.036 самци на возраст од 18 до 99 години ширум САД, на кои им било поставено прашањето колку пати во животот биле страсно заљубени. Просечниот одговор изнесувал 2,05 пати. Резултатите се објавени во научното списание „Интерперсона“.
Според податоците, 14 проценти од испитаниците никогаш не искусиле страсна љубов, 28 проценти навеле дека тоа им се случило еднаш, 30 проценти двапати, 17 проценти трипати, додека 11 проценти изјавиле дека биле страсно заљубени четири или повеќе пати.
„Луѓето постојано зборуваат за заљубувањето, но ова е првата студија што навистина го постави прашањето колку пати тоа се случува во текот на животот. За мнозинството луѓе, страсната љубов е искуство што се случува само неколкупати“, изјави водечката авторка на истражувањето и научничка во Институтот „Кинзи“, Аманда Геселман.
Истражувачите ја дефинирале страсната љубов преку два клучни аспекти – засилена физиолошка возбуда, како „пеперутки во стомакот“, испотени дланки и забрзан пулс, како и силна психолошка потреба да се биде во близина на саканата личност.
Искуствата на страсна љубов биле слични кај хетеросексуалните, геј, лезбејските и бисексуалните испитаници.
Постарите учесници пријавиле нешто поголем број вакви искуства во однос на помладите, што укажува дека страсната љубов може да се појави и во подоцнежните години од животот.
Мажите во просек навеле малку поголем број искуства од жените, а разликата била поизразена кај хетеросексуалните мажи во однос на хетеросексуалните жени. Сепак, истражувачите нагласуваат дека тие разлики се мали и дека страсната љубов претставува универзално човечко искуство.
Податоците на Институтот „Кинзи“, собрани во соработка со платформата за запознавање „Меч“, покажуваат и дека 60 проценти од самците во САД се сметаат себеси за многу романтични, додека мнозинството верува во љубов на прв поглед и во судбина.
Во исто време, 51 процент од испитаниците наведуваат дека чувствуваат поголем притисок да пронајдат љубов отколку претходните генерации, а 73 проценти сметаат дека романтичните содржини во медиумите поставуваат нереални очекувања кога станува збор за врските.
Авторите оценуваат дека резултатите придонесуваат за подобро разбирање на романтичните очекувања и укажуваат дека, и покрај силното присуство на идејата за „големата љубов“, страсната заљубеност за повеќето луѓе останува релативно ретко искуство.


