Интервју со Ана Стојановска, психолог: Најголемата опасност кај недефинираните врски е што се навикнуваме на трошки внимание
Во време кога врските сè почесто немаат име, а чувствата секако имаат тежина, Денот на вљубените добива поинаква димензија. Сè повеќе луѓе живеат во односи без јасна дефиниција, без статус и без одговор на прашањето „што сме ние?“. Современите трендови како нејасните односи, пријателствата со сексуална компонента и онлајн запознавањето отвораат нови форми на поврзување, но и нови несигурности.
Препорачано
Дали станува збор за еволуција на љубовта или за суптилно бегство од длабока блискост? Во разговор за „Слободен печат“, психологот Ана Стојановска ни даде одговор на овие дилеми.
Ана, денеска во светот многумина ја слават љубовта. Но, во денешно време таа добива сè повеќе форми кога станува збор за романтичните врски. Сè почесто се зборува за нејасни односи без јасна дефиниција, како и за пријателски односи со сексуална компонента. Како вие, од психолошка перспектива, ја гледате оваа промена – дали станува збор за еволуција на љубовта или за бегство од вистинска емоционална блискост?
– Мојот впечаток е дека денес не е променета потребата за љубов и блискост, иста е и длабока – туку се менува начинот на кој љубовта ја изразуваме и на кој ја дефинираме романтичната врска.
Денес партнерските односи сè почесто се градат околу потребата за индивидуална слобода и автономија. Луѓето сакаат љубов, но не по цена на губење на сопствениот идентитет. Затоа гледаме повеќе отворени разговори за сексуалноста, повеќе експериментирање, преиспитување на традиционалните улоги и поголема флексибилност во тоа како една врска треба да изгледа. Од таа перспектива, може да зборуваме за еволуција – стануваме поискрени за нашите потреби и не прифаќаме автоматски или наследени форми што не ни одговараат.
Но постои и друга страна. Кога една врска нема назив, статус или јасна дефиниција – кога лебди во просторот – „се гледаме“, „ни е убаво“, „ќе видиме каде ќе оди“ – тогаш истовремено нема ни јасни очекувања и обврски од партнерите. Прашањето „Што сме ти и јас?“ станува непријатно, затоа што одговорот неизбежно носи одговорност.
Во пракса, често гледам ситуации каде што двајца луѓе делат интимност, време, па дури и ексклузивност, но избегнуваат разговор за дефинирање на односот. Зошто? Затоа што кога нешто нема име, нема ни јасна обврска. А кога нема обврска, ризикот од повреда делува помал. Нејасноста тогаш станува форма на заштита. Ако не сме „официјално“ заедно, веруваме дека нема што да се изгуби. Но, психолошки, телото и емоциите не функционираат според статусот на односот. Ако инвестираме чувства, ако се надеваме – тогаш веќе сме вклучени. Без разлика дали односот има назив или не.
Затоа би рекла дека не станува збор ниту само за еволуција, ниту само за бегство. Живееме во време кога истовремено сакаме и длабока поврзаност и силна автономија. А тензијата меѓу овие две потреби создава нови форми на односи – понекогаш креативни и ослободувачки, а понекогаш збунувачки и емоционално несигурни.
Во пракса, сè повеќе луѓе се наоѓаат во вакви нејасни односи, во кои не постојат јасни правила, очекувања или обврски. Што најчесто ги задржува луѓето во една таква ситуација, и зошто им е тешко да побараат јасност?
– Можеби вистинското прашање не е зошто остануваме во нејасни односи, туку што добиваме од таа нејасност. Од што нè штити таа „магла“ во која се наоѓа односот?
Кога нема јасни правила и дефиниции, имаме чувство на поголема слобода во врската – не сме сами, имаме интимност без формална обврска, блискост без целосно вложување. Но, цената за таа слобода е намалено чувство на сигурност. Во нејасните односи често се обидуваме да ги задржиме и двете нешта истовремено – и поврзаноста и автономијата – без целосно да се посветиме.
Барањето јасност носи ризик. Ако прашам „Што сме ние?“, можам да слушнам одговор што ќе ме повреди. Во нејасноста барем постои надеж.
Затоа не мислам дека останувањето во нејасна ситуација не е недостаток на храброст или зрелост. Тоа е сосема човечки обид да ја одложиме можната загуба и да се заштитиме од болка.

Онлајн запознавањето и онлајн дејтингот нудат чувство дека изборот е бескраен, но истовремено создаваат и нови несигурности. Како овој начин на запознавање влијае врз нашата способност да се поврземе подлабоко и да изградиме стабилен однос?
– Онлајн апликациите за запознавање се создадени да понудат избор и навистина го нудат. Живееме во култура што го вреднува изобилството од можности, па често и сопствената вредност несвесно ја поврзуваме со тоа колку избор имаме.
Но, кога опциите се многубројни, лесно се појавува чувството дека можеби некаде таму има „нешто подобро“, некој подобар за нас. Тоа не сместува во динамика на постојано пребарување – повеќе контакти и повеќе разговори, но помалку трпение за продлабочување на комуникацијата. Ми се чини дека се намали толеранцијата за лични несовршености, и туѓи и сопствени, како да не можеме да бидеме „доволно добри“ еден за друг.
Онлајн просторот навистина го олеснува контактот со другите. Но, длабоката поврзаност не се гради со бројот на match-еви, туку во реалноста, преку присуство и емоционално вложување, преку посветеност и спремност да се задржиме.
Во дигиталната комуникација, сè почесто сведочиме на појавата на „гостинг“, односно ненадејно исчезнување од комуникацијата без објаснување. Што ни кажува ова однесување за начинот на кој денес се справуваме со непријатните разговори и емоционалната одговорност?
– Немам впечаток дека „гостингот“ е нов феномен – луѓето отсекогаш избегнувале непријатни разговори. Разликата е што денес, во дигиталната комуникација, тоа е многу полесно изводливо. Со едно непишување порака, едноставно исчезнуваме.
Во мојата работа со клиенти често гледам дека проблемот на „гостингот“ не е во лошата намера, туку во недостатокот на емоционална писменост. Многумина не знаат како да кажат: „Не сум заинтересиран“ или „Ова не е тоа што го барам“ без да се чувствуваат виновни или како да повредуваат.
„Гостингот“ е начин да се избегне непријатноста. Полесно е да се повлечеме во тишина отколку да го понесеме товарот на јасен и искрен разговор. Но, избегнувањето нема да ја отстрани емоционалната одговорност, туку само ја префрла болката на другата страна.

Во ваквите односи без јасни граници, често постои нерамнотежа – едната страна се надева, додека другата избегнува. Какви последици може да има долготрајното останување во ваква состојба врз самодовербата и чувството на лична вредност?
– Кога во една врска има многу нејаснотија од едната страна, другата често влегува во анксиозност. Наместо сигурност, се појавува постојано „погодување“ – дали направив нешто погрешно, дали не сум доволна, што значи оваа порака, зошто денес е поинаква?
Во таква состојба на прекумерно размислување, умот се обидува да најде смисла во магливата ситуација. А кога нема јасни одговори, многу лесно почнуваме вината да ја бараме во себе. Со време, тоа може да ја поткопа самодовербата и да ги замагли нашите граници.
Најголемата опасност е што постепено се навикнуваме на „малку“ – на трошки внимание, на половична присутност – и почнуваме да веруваме дека тоа е максимумот што го заслужуваме. А долготрајното останување во таква динамика може сериозно да го наруши чувството на лична вредност.
И покрај постојаната комуникација, допишување и виртуелна поврзаност, многумина велат дека се чувствуваат сè поосамено. Како го објаснувате овој парадокс на современата љубов?
– Последниве години ставивме силен акцент на личната слобода, независноста и грижата за себе. Тоа е важен и здрав фокус – учиме да поставуваме граници, да си даваме љубов и да не се губиме во односите.
Но, понекогаш, во тоа свртување кон себе, ја запоставуваме другата страна на релацијата – емпатијата, емоционалната достапност и храброста да бидеме ранливи со некого. Наместо да учиме како да бидеме во длабока врска и истовремено да ја зачуваме личната вредност, често вежбаме како да бидеме сами и да останеме „безбедни“.
Виртуелната комуникација ни дава чувство на контакт, но не секогаш и чувство дека сме вистински видени и слушнати. А човекот е социјално битие – нашата психичка стабилност и физичкото здравје се поврзани со квалитетот на врзувањето и размената со другите.
Затоа не е чудно што, и покрај постојаната поврзаност, многумина се чувствуваат осамено. Не ни недостасува комуникација, ни недостасува вистинска блискост.


