Научниците развија терапија која може да направи пресврт во третманот на Алцхајмеровата болест
Научниците развија иновативен третман заснован на наночестички кој успешно ги прекина симптомите на Алцхајмеровата болест кај глувци, нудејќи нова надеж во борбата против оваа тешка болест.
Препорачано
Тимот експерти од Институтот за биоинженеринг на Каталонија и Болницата „Западна Кина“ при Универзитетот Сечуан разви биоактивни „супрамолекуларни лекови“ кои проактивно можат да ја поправат крвно-мозочната бариера, клучна за здравјето на мозокот, пишува „Футуризам“.
Крвно-мозочната бариера го штити мозокот од штетни материи, но кај Алцхајмеровата болест нејзиниот интегритет слабее. Тоа овозможува продор на токсини и акумулација на штетниот протеин амилоид-бета, кој го попречува природниот систем за чистење на мозокот. Новиот пристап им овозможува токму на тие протеински молекули да поминат низ обновената бариера и да се елиминираат преку крвотокот.
Импресивни резултати од експериментот
Во низа експерименти на генетски модифицирани глувци, кои произведуваат големи количини на протеинот амилоид-бета и покажуваат пад на когнитивните функции, примената на супрамолекуларните лекови доведе до речиси моментално намалување на нивото на тој протеин.
– Само еден час по инјекцијата, забележавме намалување на количината на протеинот амилоид-бета во мозокот за 50-60 проценти – изјавил коавторот и истражувач од Болницата Западна Кина при Универзитетот Сечуан.
Ова е ветувачки пристап за лекување на болест која погодува милиони луѓе ширум светот.
Поинаков пристап кон лекувањето
– Многу третмани се осмислени за отстранување на протеинот амилоид-бета, леплив протеин кој се акумулира во мозокот на заболените од Алцхајмерова болест. Некои од нив можат да ги отстранат наслагите, но тоа само по себе не го запре губењето на меморијата ниту доволно ја забави болеста – рекол главниот истражувач Џузепе Баталија.
– Нашата работа предлага поинаков пристап: наместо да се фокусираме исклучиво на отстранување на она што веќе тргнало наопаку во мозокот, нашата цел е да го поправиме системот што го одржува мозокот здрав на прво место – неговите крвни садови и заштитната бариера – додаде тој.
Долгорочно когнитивно подобрување
Особено возбудливо е откритието дека когнитивните подобрувања кај глувците биле значајни. Глушецот, чија старост би била еквивалентна на 90-годишен човек, „го повратил однесувањето на здрав глушец“ шест месеци по примањето на третманот.
– Долгорочниот ефект произлегува од обновувањето на васкулатурата на мозокот. Мислиме дека тоа делува како каскада: кога се акумулираат токсични видови како амилоид-бета, болеста напредува. Но, кога васкулатурата повторно ќе почне да функционира, таа почнува да ги отстранува Аβ и другите штетни молекули, овозможувајќи му на целиот систем да ја поврати својата рамнотежа – објаснил Баталија.
Иако резултатите се исклучително ветувачки, потребно е уште многу истражување пред слични пристапи да може да се испробаат на луѓе.
– Постојат многу напори на животински модели за да се најдат иновативни методи за преминување на крвно-мозочната бариера заради подобрување на ефикасноста и прецизноста на испораката на лекови – рекла Кортни Клоске од Здружението за Алцхајмерова болест.


