Научниците објаснија: Која билка би можела да нè прехрани на Марс?

Фото: Профимедиа

Човештвото веќе со децении детално го испитува првиот сосед на Земјата, правејќи планови еден ден и да го колонизира. Сепак, освен многу послабата гравитација, отсуството на атмосфера на која сме навикнати на нашата сина топка, постои уште еден проблем кој човекот мора да го реши за да може да го насели Марс – каква храна би можеле да одгледуваме?

Условите на Црвената планета се многу посурови и почвата на неа не е исклучок. Почвата не само што е посна и во неа нема органски материи и корисни микроби, туку таа е и многу заситена со соли и минерали, поради што повеќето растенија на Земјата никогаш не би можеле да успеат во неа.

Новата научна студија, меѓутоа, предлага решение – луцерка (medicago sativa).

Способна не само да преживее, туку и да се развива во многу недостапната вулканска почва со сличен состав на онаа што го покрива Марс, научниците веруваат дека би можела да претставува исклучително добра основа како почетна култура.

Со текот на времето, луцерката би ја збогатила почвата на плантажите каде што се одгледува, а, освен за храна, нејзините остатоци би можеле да се користат и за ѓубрење и дополнително збогатување на почвата, во која подоцна би можеле да се одгледуваат репа, ‘рдокви и зелена салата.

„Поради ниската содржина на хранливи материи во почвата на Марс и високата соленост на водата, културите не би можеле да се одгледуваат. Затоа, од суштинско значење е долгорочно да се зголемат хранливите материи во почвата и да се намали соленоста“, се наведува во новата студија, објавена во списанието „Plos One“.

Претходните истражувања покажаа дека дури и оние екстремно издржливи растителни култури од Земјата не би можеле успешно да се одгледуваат без да се донесат и додадат ѓубрива во почвата во која би растеле. Тука на сцена влегува луцерката.

Експертите утврдиле дека луцерка може да расте во реголитот на Марс без додавање ѓубрива.

Уште поважно, беше тестирано и како би се однесувал симулираниот реголит од Марс доколку се наѓубри со луцерка. Репа, ‘рдокви и зелена салата – три растенија кои бараат мошне малку одржување, брзо растат и не им треба многу вода – успешно се одгледувани во него.

Постои „услов“ – потребна е свежа, слатка вода. Врз основа на понатамошни експерименти, научниот тим смета дека солената вода од Марс би можела да се третира со бактерии и потоа да се филтрира низ вулканската карпа за да се добие свежата, слатка вода потребна за одгледување.

„Првпат е осмислено интегрирана употреба на биоѓубрива и микроби за обработка на базалтниот реголит и солената вода за да се создадат ресурси за одржливо одгледување на растенија“, велат истражувачите.

Одгледувањето луцерка на Марс и нејзиното користење за оплеменување на почвата би решило многу логистички проблеми за транспорт на огромни количини ѓубрива и храна милиони километри до Марс.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот