Фото: илустрација / архива на Слободен печат

Наскоро ќе поскапат евтините пратки од „Тему“ – оданочувањето напредува во Собранието

Во рамките на 70-тата седница, Собранието денеска ја донесе одлуката со која Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за данокот на додадена вредност е одобрен и препратен на понатамошно второ читање.

Станува збор за измените со кои ќе се оданочат и евтините пратки од онлајн-трговците како „Тему“ или „Али Експрес“, со вредност помала од 22 евра. Оваа мерка ќе донесе извесен приход во даночната каса, но и ќе ги направи производите кои се нарачуваат преку „Тему“ значително поскапи и понеконкурентни во однос на соодветните домашни производи.

Заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски, наведе дека се предлага укинување на актуелното ослободување од ДДВ за увоз на пратки со ниска вредност до 22 евра, кои се испраќаат од странство до приматели во земјава.

„Предлогот предвидува и ослободување од ДДВ за мали пратки од некомерцијална природа испратени од физичко лице од странство до физичко лице – примач во земјава со вредност до 22 евра“, рече тој.

Јанкуловски додаде дека се предвидени и исклучоци од ова ослободување – тоа нема да се применува за одредени категории производи: алкохол и алкохолни пијалаци, парфеми и тоалетна вода, како и тутун и производи од тутун.

Според Јанкуловски, главната причина за измените и дополнувањата на постојното законско решение е „создавање на појасна правна рамка, спречување на злоупотреби и обезбедување на поправедни услови за работење“.

„Се задржува сепак можноста граѓаните да примаат лични пратки од странство до 22 евра без плаќање ДДВ, што од социјален аспект е многу значајно“, рече заменик-министерот. Тој потсети дека со директива од ЕУ од 2021 година е укинато ослободувањето од плаќање ДДВ за мали комерцијални пратки.

Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Малиша Станковиќ, истакна дека ваквото законско решение треба да биде поддржано, бидејќи, како што рече, на овој начин се воспоставуваат еднакви услови за малите македонски трговци.

„Сакаме да градиме нови патишта, болници, градинки, училишта, сакаме зголемување на минималната плата и слично. Но, тоа не можеме да го правиме доколку македонскиот денар завршува на странските пазари. Мораме ние малку да имаме една елементарна почит кон нашите луѓе, кон нашата држава. И затоа сметам дека ваквото законско решение е добро. Мора да се справиме со сивата економија“, рече Станковиќ.

Од друга страна, пратеникот на Левица, Реџеп Исмаил, потенцираше дека законот треба да биде повлечен. Тој додаде дека наместо регресивна даночна политика која ја казнува сиромаштијата, треба да се зголемат даноците на добивка.

„Не е точно дека ќе се зголемат производите за нашите граѓани. И токму тоа е целата поента, дека ова е усогласување со директивите на ЕУ. Вие сте спремни се да прифатите со ЕУ, дури и на директна штета на вашите граѓани. Ова ништо позитивно нема да придонесе во Македонија од економски аспект. Ама буквално ништо. Ако мислите да го наполните буџетот со оданочување на шноли, господин заменик-министер, мислам дека е нереално тоа да се очекува. Со ова ги задоволувате барањата на вашите геостратешки стопани и тоа на директна штета на граѓаните кои ве избрале. Ова е недозволиво“, рече Исмаил.

Данокот од Тему ќе донесе месечен прилив од 65 илјади евра

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот