Народната банка поднела предлог за измени на Законот за платежни услуги, што ќе добијат граѓаните?

Со предложените законски измени значително се прошируваат услугите што граѓаните можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции. Дополнително, НБ предложи и приспособен пакет за микро трговци. Се чека реакцијата на Министерството за финансии

Летово гувернерот на Народната банка Трајко Славески најави дека ако банките не ги намалат провизиите, тогаш уште есенва можеби тоа ќе се направи со закон. Од Народната банка за „Слободен печат“ велат дека предлог за законски измени веќе доставиле во Министерството за финансии.

– Во однос на надоместоците за платежните услуги за плаќањата во денари, Народната банка поведе иницијатива за измени на тековното законско решение за платежната сметка со основни функции за чие користење веќе постои законско ограничување на надоместокот, или е без надоместок за граѓаните што ѝ припаѓаат на групата законски корисници на права, односно ранливи категории, но за прилично мал опфат на услуги и само за плаќањата во интерните системи на банките. Со предложените измени на Законот за платежни услуги и платни системи, значително се прошируваат услугите што граѓаните можат да ги користат преку платежната сметка со основни функции, без разлика дали плаќањата се извршуваат во  интерните системи на банките или вклучуваат меѓубанкарски пренос на средствата, што е во согласност со најдобрите практики на земјите од ЕУ. Дополнително, Народната банка предложи и приспособен пакет за микро трговци – најчесто семејни бизниси со ограничени ресурси, со цел поттикнување на финансиската вклученост и дигитализацијата на плаќањата. Предложените измени се доставени до Министерството за финансии на 17 септември 2025 година за нивно видување и натамошно проследување – изјавија од Народната банка.

Сега е на потег Министерството за финансии, кое треба да биде предлагач на законските измени.

Од 1 јануари 2023 година стапи во сила Законот за платежни услуги и платни системи и посебно беше акцентирана сметка со основни функции, која за износ од триесетина денари требаше да овозможи плаќање пет сметки месечно без дополнителен надоместок, односно може да се користат за плаќања сметки за комунални и други услуги, јавни давачки, разни други плаќања и преноси на парични средства, внесување и повлекување готовина, или за купување на физичките места на продажба или преку интернет со дебитни платежни картички за кои нема членарина. И покрај бомбастичните најави, гувернерот Трајко Славески во август изјави: „Само 140 граѓани досега ја користат платежната сметка со основни функции, а причината се ограничувањата“.

Граѓаните постојано реагираат за различни банкарски надоместоци. Заклучно со септември годинава банките направиле приходи од провизии и надоместоци од 145,6 милиони евра, а лани заклучно со септември тие изнесувале 141,7 милиони евра. Но, истовремено се зголемил и бројот на банкарските услуги, затоа што се зголемиле и кредитите и депозитите.

Банките направија чист профит од 235,1 милиони евра за 9 месеци

Од Народната банка велат дека во изминатиот период биле насочени кон намалување на банкарските надоместоци и кон зголемување на достапноста и користењето на дигиталните платежни услуги.

– По интензивните комуникации со банкарскиот сектор и намалувањето на трошоците за користење на Македонскиот интербанкарски платен систем – МИПС од страна на Народната банка во август годинава, банките пристапија кон ревизија на своите тарифи во насока на намалување на надоместоците за извршување платежни услуги. Како резултат на овие активности, банките усвоија нови тарифници со значително намалени надоместоци за платежни трансакции со платни налози – тврдат од Народната банка.

Од 7 октомври нашата земја е членка на Единствената област за плаќањa во евра – СЕПА, а според анализите на Народната банка, со СЕПА граѓаните и фирмите плаќаат неколкукратно пониски надоместоци.

Банките направија чист профит од 235,1 милиони евра за 9 месеци

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот