Банка / илустрација / Фото: Flickr / Stanislas Fradelizi/World Bank

Банките направија чист профит од 235,1 милиони евра за 9 месеци

Народната банка излезе со нови податоци. Граѓаните и фирмите за камати потрошиле 441,8 милиони евра, а за провизии 145,6 милиони евра. Сепак, профитот во банкарскиот сектор е намален за 7 милиони евра. Зошто?

Заклучно со октомври банкарскиот сектор направил нето-добивка од 235,1 милион евра, покажуваат податоците од Народната банка. Во истиот период лани, нивната добивка била 242,1 милион евра. Податоците покажуваат дека профитабилноста на банкарскиот сектор се намалила за 7 милиони евра, но бројките „зборуваат“ и дека тоа не се должи на помали приходи од камати, или од провизии. Напротив, тие се зголемиле. За 9 месеци годинава, банките од камати направиле 441,8 милиони евра, додека во истиот период лани, износот бил 428,5 милиони. Годинава, нивните приходи од провизии и надоместоци изнесувале 145,6 милиони евра, а лани заклучно со септември изнесувале 141,7 милиони евра. Тогаш зошто се намалила профитабилноста?

Податоците од Народната банка откриваат дека банките годинава платиле поголем износ за камати. Тоа е резултат на зголемените камати за депозитите. Просечната каматна стапка на вкупните депозити во септември (последен податок од Народна банка) била 2,2 проценти, а пред една година изнесувала 2,01 проценти. Притоа, кај домаќинствата имало раст од 1,97 на 2,14, додека кај корпоративниот сектор од 2,34 на 2,60 проценти. Овој раст не бил проследен и со новопримените депозити, каде што има намалување на каматите, но крајниот резултат, сепак е помал профит од нето-камати во банкарскиот сектор: од реализирани 343,1 милион евра во првите девет месеци од 2024 година, на 340,9 месеци за истиот период годинава.

Летово гувернерот на Народната банка, Трајко Славески најави дека ако банките не ги намалат провизиите, тогаш уште есенва можеби тоа ќе се направи со закон.

– Како што се регулирани цените на електричната енергија, на природниот гас, на снабдувањето со вода, на телекомуникациски услуги се регулирани, така ќе бидат регулирани уште можеби од есен и цените на платежните услуги – изјави Славески.

Тој на средбата со Македонската банкарска асоцијација рече дека 18 отсто од нето-приходите на банките во 2024 доаѓаат од провизии и оти банките имаат многу повисок поврат на капитал од останатите економски сектори.

– Намалувањето на провизиите ќе придонесе и до намалување на сивата економија, затоа што повеќе пари ќе одат преку сметка, наместо во кеш – рече Славески.

Вкупната актива на комерцијалните банки според октомвриските податоци од НБРМ изнесува 13,8 милијарди евра. Најголема актива има скопската Стопанска банка – 2,46  милијарди евра.

 

Провизиите „горат“- за водење на сметка во банка 35 денари месечно, за плаќање сметка на шалтер 50 денари

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот