Наоми Кемпбел се споменува стотици пати во документите на Епстин: Видена била и во неговата вила во Њујорк и на островот
Името на британската манекенка Наоми Кемпбел се споменува стотици пати во документите на Џефри Епстин објавени од Министерство за правда на САД. Според објавените материјали, таа побарала лет со неговиот приватен авион, била видена во неговата вила во Њујорк, како и на неговиот приватен остров. Нејзиниот адвокат, сепак, тврди дека таа не знаела за неговите кривични дела и никогаш не учествувала во недозволено однесување, пишува српски „Еуроњуз“.
Препорачано
Во милионите страници документи што беа објавени по смртта на Епстин во 2019 година, се содржани електронски пораки и преписки кои, според пишувањето на „Њујорк тајмс“, покажуваат дека Кемпбел барала средби со него во неговата њујоршка резиденција и ја користела неговата мрежа на контакти за присуство на престижни настани ширум светот. Во една порака до неговата асистентка таа напишала дека „сака да го види Џефри“, потпишувајќи се како „исцрпена убавица“.
Во разговори со сојузни истражители, неколку жртви изјавиле дека Епстин ги запознавал со Кемпбел на општествени настани и дека ја гледале во неговата куќа во Њујорк и на островот. Документите укажуваат дека таа останала во контакт со него и по неговата пресуда во 2008 година во Флорида за поттикнување малолетнички на проституција.
Нејзиниот адвокат Мартин Сингер изјавил дека неговата клиентка немала сознанија за „ужасните кривични дела“ на Епстин сè до неговото апсење во 2019 година и дека по тој момент немала никаков контакт со него.
Епстин бил поканет и на прослава по повод 40-тиот роденден на Кемпбел, опишана како приватен настан за најблиските пријатели и семејството. Според адвокатот, таа не ја составувала листата на гости, а Епстин на крајот не присуствувал. На сличен настан во Париз, организиран по повод 25 години нејзина соработка со модната куќа Долче и Габана (Dolce & Gabbana), Епстин се појавил во придружба на неговата партнерка Гилејн Максвел и се задржал околу дваесет минути. Адвокатот нагласил дека Кемпбел не била организатор на настанот.
Според изјави и документи, Епстин при регрутирање млади жени го користел познанството со Кемпбел за да ги увери дека можат да имаат кариера во манекенството, ветувајќи можности за соработка со брендот Викторијас сикрет (Victoria’s Secret). Адвокатот истакнал дека Кемпбел никогаш немала договор со тој бренд и дека, доколку Епстин го користел нејзиното име, тоа било без нејзино знаење или согласност.
Електронските пораки покажуваат и дека таа споделувала детали од својот приватен распоред со него и со неговата асистентка.
Кемпбел не е обвинета за никакво кривично дело, а Федералното истражно биро (FBI) во разговорите со жртвите не пронашло докази што би ја потврдиле нејзината вмешаност.
На 30 јануари Министерството за правда на САД објави повеќе од 3,5 милиони страници документи, околу 2.000 видеоснимки и 180.000 фотографии во рамки на најобемната серија материјали поврзани со случајот.
Во 2019 година, Епстин беше обвинет пред сојузен суд во Менхетен за трговија со малолетници со цел сексуална злоупотреба. Тој беше пронајден обесен во затворската ќелија додека го чекаше судењето, а неговата смрт официјално беше прогласена за самоубиство.


