Намаленото производство на домати и краставици ќе ја крене цената за крајните потрошувачи

Цената на зеленчукот на зелените пазари секако во најголем дел се формира врз откупната цена по која се откупуваат од производителите. Сепак намаленото производство во струмички на домати, краставици и пиперки ќе влијае врз малопродажната цена бидејќи во моментов и откупната е релативно висока и се движи од 40 до 50 денари за килограм.

Сепак од ваквиот тек на настаните задоволни се и производителите и откупувачите.

– Годинава градинарите ги зголемија површините со пролетната зелка, а драстично ги намалија тие под домати и краставици. Изминатите денови трговци од разни краеви бараат низ селото домати и краставици, но, според моите сознанија, на прсти можат да се избројат земјоделците кои ги засадија, вели Бончо Божиков, земјоделец од село Дабиле и претседател на тамошната месна заедница.

Откупувачите додаваат дека покрај намаленото производство, на повисоките откупни цени влијае и отворењето на пазарите и границите.

– Црвените се откупуваат за 40, а розевите за 50 денари за килограм. Пиперката ја откупуваме за 40-45 денари, а краставиците до 50 денари за килограм. Најмногу интерес има од пазарите во Србија, држави од ЕУ и Украина. Се надевам дека ќе има доволно производство за да ги задоволиме побарувањата и нема да има никаков застој во откупот и пласманот, рече Благој Витанов, трговец од Струмица.

Други откупувачи додаваат дека покрај големиот интерес за раноградинарксите култури, очекуваат добро да поминат и производителите на бостан, за кој пред почетокот на бербата имало голем интерес.

Некои производители, кои поминаа лошо со пролетната зелка, се надеваат дека со повисоките откупни цени на доматите, краставиците и пиперките, ќе ги покријат загубите од ниските откупни цени на зелката.

На пазарите на мало во Струмица доматите се продаваат од 60 до 80 денари за килограм, пиперките 70, а краставиците од 60 до 70 денари за килограм.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот