Најголемата љубов на поетесата Десанка Максимовиќ, нејзините песни откриваат многу за него, а тој самиот бил повлечен и тивок

Зад себе остави бројни љубовни песни, но малку се знае за љубовта на нејзиниот живот, Сергеј.

Српската писателка Десанка Максимовиќ, после студиите на Филозофскиот факултет каде студирала литература и историја на уметност, добила стипендија од француската влада и во 1923 година заминала за Париз. Била професорка во Првата женска гимназија, а сопругот го запознала кога веќе била позната поетеса.
фото фејсбук
„Ме повикаа Русите еден ден во нивниот клуб да одржам предавање и да прочитам неколку свои песни. Тука го запознав Сергеј. Дали беше тоа љубов на прв поглед? Веројатно!“, рекла своевремено Десанка и продолжила:
„Тој беше сигурно мојата прва љубов и првиот маж со кого сум се бакнала. Бев веќе зрела девојка. Подоцна се зближивме. Не можев веднаш да се омажам, зашто уште имаше деца во нашето семејство, браќа и сестри, кои не беа изведени на пат. На Сергеј му објаснив дека треба да почека, зашто моите наследени должности морам до крај да ги исполнам. Беше великодушен човек и ме сфати. Трпеливо го чекаше денот кога најпосле се венчавме и го основавме домот“, опишала Десанка.
Поради љубов Сергеј се откажал од актерската кариера
Десанка Максимовиќ и Сергеј Сластиков се венчале во 1933 година. Тој бил руски емигрант. Во Првата светска војна бил заробен од Турците, но по некое чудо успеал да се спаси и да стигне до Белград. Таму ја запознал Десанка, а познатата песна „Снег“ (Те запознав кога снегот се топи/ топи и дува ветар млак) е посветена на Сергеј.
По венчавањето, Сергеј завршил актерска школа и добил понуда да оди во Скопскиот театар. Меѓутоа, поради тоа што Десанка морала да остане во Белград, ја одбил понудата.
– Се вработи во издавачката куќа „Просвета“ како преведувач од руски јазик. Во текот на својот живот превел 14 книги. Пишуваше и песни за деца, потпишувајќи се како Калужанин. Беше родум од Калуга, шумска област во близина на Москва, раскажувала Десанка.
фото Фејсбук
Бил сиромашен, но за него ѝ „играло“ срцето
Кога Десанка Максимовиќ се омажила, многумина биле изненадени. Зборувале дека можела подобро да се омажи, бидејќи многумина ја барале, но таа имала само еден одговор:
– Се омажив за човек кој моето срце го бараше, без разлика на тоа што беше сиромав. Во него го најдов тоа што го посакував, објаснила таа.
Никогаш не жалела поради тоа што немала деца. Како најстара во родителскиот дом, одгледала бројни браќа и сестри. Се грижела за нив сè додека тие не станале свои луѓе. Така го преживеала чувството на мајчинство.
– Подоцна, во бракот, мојата творечка работа целосно ме исполнуваше. Кога ќе напишев една песна, како да сум родила три деца. Толку ќе се истрошев. Јас целата се давав, раскажала своевремено поетесата.
За Сергеј многу малку јавноста знае, зашто неговиот живот поминал во сенка на познатата жена. Но, за него зборуваат бесмртните стихови на големата српска поетеса.
Сергеј Сластиков Калужанин починал во 1976 година, речиси две децении пред Десанка која вечно му останала верна. Погребани се еден покрај друг, во нејзината сакана Бранковина, а на нивниот гроб се наоѓа макета на руска црква како своевиден симбол на бајката која ја испишувале заедно во текот на животот.
Во 1988 година, Десанка Максимовиќ е одликувана со Златен венец на Струшките вечери на поезијата.
фото Фејсбук
Глумицата на „Београдско драмско позориште“, Татјана Лукјанова, ќерка на руски емигрант која многу години се дружела со Десанка и Сергеј, вака ги опишала:

„Многу ја сакав. Беше чудесна жена. Скромна, а паметна. Уште во младоста ја засакав нејзината поезија. Беше омажена за Русин и го обожаваше. И него го запознав. Скромен, интелигентен, тивок. Живееа сложно и складно, кога тој почина, тоа за неа беше страшна загуба, но ја поднесе загубата“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот