Авион на „Квантас“ - Фото: Wikimedia Commons

Најдолгиот директен лет со авион ќе трае 22 часа и патниците двапати ќе го видат изгрејсонцето

Австралиската авиокомпанија „Квантас“ следната година ќе ги воведе двата најдолги директни комерцијални лета во светот: од Сиднеј до Лондон и од Сиднеј до Њујорк. Станува збор за летови што покриваат повеќе од 17.010 километри, односно околу 16.250 километри, а ќе траат приближно 22 часа, пренесува „Н1“.

Бидејќи нема да има запирања меѓу Сиднеј и овие две дестинации, вообичаеното патување со авион ќе се скрати за околу четири часа.

Ваквите долги директни летови ќе бидат можни благодарение на модифицираните авиони Ербас А350-1000УЛР, кои „Квантас“ ќе ги користи на овие рути. Авионите се опремени со мотори Ролс-Ројс Трент и дополнителен резервоар за гориво, што им овозможува да летаат на многу поголеми растојанија.

Велнес зона и простор за истегнување

Патниците на директните рути Сиднеј – Лондон и Сиднеј – Њујорк двапати ќе го видат изгрејсонцето, поради што овие летови го добиле прекарот „Проект Изгрејсонце“. Првото изгрејсонце патниците ќе го видат некаде над Азија или Блискиот Исток, а второто поблиску до Европа или Северна Америка.

Во авионот ќе има место за 238 патници, распоредени во 6 луксузни кабини од прва класа, 52 бизнис седишта, 40 премиум економски седишта и 140 седишта од економска класа. Сите патници ќе имаат пристап до брз безжичен интернет без дополнителна наплата.

„Квантас“ на овие долги летови ќе воведе и посебни велнес зони со здрави напитоци и лесни оброци, како и специјално дизајнирано осветлување приспособено на биолошкиот ритам на патниците. Ќе биде обезбеден и простор за истегнување и лесни вежби, за патниците полесно да го издржат долгиот лет.

Промена на начинот на патување

Првите ултрадолги комерцијални летови се планирани за почетокот на 2027 година. Според експертите, овие линии би можеле значително да го променат начинот на кој патуваме со авион, а екстремно долгите летови без запирање би можеле да станат сè почеста практика.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот