Надлежните конечно „свирнаа“ крај за „Зимзоленд“
Од Општина Аеродром на прашањето дали излегле на терен и го затвориле лунапаркот, потврдија дека по многубројните координирани инспекциски надзори и изречени глоби, Општината донела Решение за прекин со работата на „Зимзоленд“ и за отстранување на опремата
Речиси еден месец од почетокот на новогодишната манифестација „Зимзоленд“, исполнета со обемна музичка програма, забавни реквизити за најмладите, лизгалиште и куќарки за храна, пијалаци, греано вино и греана ракија што на целиот настан му дадоа еден вистински празничен „шмек“, од Општина Аеродром информираа дека конечно дојде крајот на оваа нелегална зимска приказна во Скопје.
Препорачано
Од локалната самоуправа на прашањето дали излегле на терен и го затвориле лунапаркот, потврдија дека по многубројните координирани инспекциски надзори и изречени глоби, Општината донела решение за прекин со работата на „Зимзоленд“ и отстранување на опремата.
– Спроведени се неколку координирани инспекциски надзори од повеќе надлежни институции, каде што беше вклучена и Општина Аеродром, по што е донесено решение за прекин со работа на „Зимзоленд“ и за отстранување на опремата во рамките на оваа манифестација – велат од Општината за „Слободен печат“.
Фуриозен почеток со илјадници посетители
Настанот започна феноменално, со неверојатна промоција од инфлуенсерите по социјалните мрежи за почетокот на, за жал, единствената зимска приказна во главниот град. „Зимзоленд“ уште пред самиот почетокот го задржа вниманието на јавноста, која беше во очекување на официјалниот почеток на манифестацијата.
Големата возбуда за овој настан кај граѓаните, особено кај оние најмалите и најенергичните, се забележа уште на денот на отворањето, кога, како што тогаш информираше организаторот, настанот за еден ден го посетиле повеќе од 9.000 луѓе.
Девет илјади посетители е уште еден рекорд, по ланските 10 илјади гости на отворањето, кој го постави „Зимзоленд“, но рекорден беше и бројот возила што направија сообраќаен хаос во Лисиче. Енормниот број посетители своите возила ги паркираа каде ќе стигнат бидејќи организаторот, кој лунапаркот го постави на голема нива, изгледа „заборави“ дека ќе треба и огромен паркинг, па овозможи простор за паркирање на 40-ина возила.
Паркинг-хаваријата што се случи првиот ден беше навистина невкусна за окото на граѓаните, особено на аеродромци и за лисичани, кои живеат во непосредна близина на „Рагуза 919“, попозната како „Мирко 919“, во чиј округ беше отворен зимскиот базар и лунапарк.
Граѓаните веднаш реагираа за хаосот
Жителите веднаш почнаа со поплаки за хаосот со паркирањето што им се случуваше пред очи, а ситуацијата беше толку сериозна што дури и полицијата излезе на терен за да го регулира сообраќајот на булеварот „Февруарски поход“, како и на улицата „Гаврил Константиновиќ“, која води кон Лисиче, а минува покрај „Зимзоленд“.
Почна манифестацијата „Зимзоленд“, а со неа и паркинг-кошмарите на лисичани
Возачите ги паркираа возилата на десната лента од булеварот, по тротоарите, зелените површини и во должина на улицата што води кон Лисиче, која беше целосно блокирана за жителите што мораа да кружат за да стигнат до својот дом.
Инспекторите набрзо почнаа да „чепкаат“
Кратко по официјалниот почеток на настанот, се отворија прашања околу организацијата на манифестацијата и нејзината легалност, односно поседување дозволи за сите реквизити, штандови за храна и слично, по што набргу по „чаршиските муабети“, „Зимзоленд“ почна да добива посети и од државните институции и нивните инспекторати, кои ги истражуваа токму ваквите дилеми.
Уште на првата инспекција на Агенцијата за храна и ветеринарство, казни добија сите штандови за храна поради неисполнување на хигиенските услови за производство и продажба на храна, а за организаторот открија дека воопшто не пријавил дека ќе се продава храна на „Зимзоленд“, а не бил ниту регистриран во Агенцијата, поради што се здоби со времена забрана за производство и пуштање на храна во продажба.
Потоа низ медиумите се ширеа информации дека „тефтерчето“ го отвориле и инспекторите на Државниот пазарен инспекторат и уште неколку институции, па се очекуваше затворање на целата манифестација.
Општината мудро молчеше
Во периодот на инспекции и надзор на работењето на „Зимзоленд“, можеби најтемна дамка беше отсуството на општинска одговорност и внимание за настанот, како и нивна навремена реакција, земајќи предвид дека Општина Аеродром речиси две недели се однесуваше како манифестацијата да не постои, но откако го забележаа медиумскиот и институционалниот притисок, информираа дека нивните инспектори уште на 28 ноември отвориле истрага за овој лунапарк, за која постојано велеа дека е во тек и дека штом ќе заврши, јавноста ќе биде известена.
Обвинителството испитува дали „Зимзоленд“ предизвикува општа опасност
На крај, 24 дена по почетокот на манифестацијата, по насока на Основното јавно обвинителство кое по допрен глас отвори постапка за „Зимзоленд“, последни во инспекција беа инспекторите на УЈП, кои го зададоа последниот „удар“ и трајно го запреа работењето на овој лунапарк, кој според бројот на казните и на институциите што ги издале, бил далеку од легален. Медиуми пренесуваа дека во вторникот на терен биле и екипи на МВР, но од Министерството за „Слободен печат“ ги демантираа овие информации и одговорија дека СВР Скопје не давало никаква асистенција за време на последните инспекции.
УЈП го зададе последниот удар
Од Управата за јавни приходи за „Слободен печат“ потврдија дека во изминатите денови заклучно со вторникот, имало неколку инспекциски надзори по кои биле изречени многубројни глоби за продавачите на храна, кои очигледно и по казните од АХВ поради нехигиена, си продолжиле да продаваат храна.
Обвинителството испитува дали „Зимзоленд“ предизвикува општа опасност
Управата казнувала поради неиздавање фискални сметки, прекршок за кој еден од штандовите бил казнет дури двапати поради што ќе добие и трајна „пломба“, а глоби имало и за неуредно водење на книгата за дневни извештаи.
– Даночниот инспекторат на УЈП, а во врска со божиќниот базар Зимзоленд, во изминатиот период во неколку наврати изврши теренски контроли во согласност со со Законот за регистрирање готовински плаќања, при што Даночниот инспекторат утврди неправилности во работењето кај правни субјекти и се однесуваа на неиздавање фискални сметки и неуредно водење книга за дневнофинансиски извештаи.
Кај едно правно лице беше изречена втора глоба за неиздавање фискални сметки по што според законот следува запечатување – велат од УЈП за „Слободен печат“.
Во рамките на контролите се затекнати и физички лица што продавале храна и ракотворби на тезги без соодветни дозволи.
„Овие физички лица на увид доставиле документација дека имале поднесено барање до УЈП за паушално оданочување, но сите се одбиени бидејќи не ги исполниле условите за паушално оданочување, освен барањето за продажба на ракотворби. По однос на овие лица известени се надлежните институции за преземање понатамошни постапки од страна на АХВ и ДПИ“, брифираат од Управата.
Како што информираше Општина Аеродром, „Зимзоленд“ од вторникот е затворен и организаторот има обврска и рок да ги отстрани сите реквизити од просторот каде што се одржуваше манифестацијата.


