Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Зимзоленд во „сити оф хаос“

Некој дозволил да се одржи манифестацијата, но сега тој „некој“ нема храброст да крене два прста. За немање срам, веќе одамна не правиме муабет.

Две недели си вртат вртелешките на „Зимзоленд“, исто толку долго претходно се најавуваше, и ние уште се чудиме кој дал дозвола за неговото одржување и дали се безбедни реквизитите на кои масовно се забавуваат граѓани, но и деца.

Град Скопје и Општина Аеродром си ја префрлаат надлежноста, оти кај нас, вообичаено, никој не е одговорен за она што секојдневно му се случува пред „носот“.

Демек, било на приватен имот. Па што? На приватен имот кој што сака може да прави? Дури и кога со тоа е засегнат цел град и е доведена во прашање безбедноста на луѓето?

Инспекциите се разбудија дури откако алармираа медиумите, бидејќи локалните власти не гледаат дека во дворот им се случува „панаѓур“ од чија бучава и метеж е вознемирена целата населба. Четири инспекции се покренаа за да се констатира техничката исправност, законитоста и безбедносните услови под кои работи забавниот парк. Се утврди дека таму се продавала храна без дозвола и во нехигиенски услови, биле затекнати и лица што вршеле нерегистрирана дејност.

Се разбуди дури и градежниот инспектор на Општина Аеродром, па како што беше соопштено допрва ќе почнувал инспекциска постапка за отстранување на поставената опрема.  Ден потоа од Аеродром излегоа со друго тврдење – уште на 28 ноември ја започнале постапката. Долга некоја постапка, таман додека заврши ќе си го истера организаторот ќефот и ќе си ги наполни џебовите.

Од „Зимзоленд“, само што поминаа инспекциите, се пофалија дека нема да бидат затворени, дека ги доставиле сите потребни документи и дека ќе продолжеле да создаваат „магични моменти“.

Значи, сепак некој дозволил да се одржи манифестацијата, но сега тој „некој“ нема храброст да крене два прста. За немање срам, веќе одамна не правиме муабет.

Ниту ќе се затвори „Зимзоленд“, ниту реквизити ќе се отстранат, освен ако градоначалникот Орце Ѓорѓиевски чека да се накити и да започне „магијата“ на плоштад, па после да му се стави клуч на она што се случува во Лисиче.

Минатата година се случи истото, но на друга локација, односно на друг приватен имот. „Зимзоленд“ беше лоциран пред салата „Јане Сандански“. И тогаш од Градот и од Општината креваа раменици и се правеа недолжни, иако само на отворањето беа присутни 10.000 граѓани. Со години имавме забавни паркови донесени од којзнае каде, кои без дозволи и безбедносни сертификати за реквизитите работеа на просторот пред салата „Борис Трајковски“. Исто на приватен имот. Никогаш никој не призна дека дал дозвола за нивно поставување.

Живееме во град во кој работите најлесно се решаваат односно се игнорираат со избегнување на одговорноста. Но, уште почудно е да не се реагира доколку се знае дека манифестацијата се одржува без дозвола.

Еве, на пример, ако градоначалниците Ѓорѓиевски и Митески не издале одобрение за поставување на „Зимзоленд“, иако жители на Лисиче тврдат дека просторот се тампонирал уште во октомври, тогаш што чекаа досега ( па и да не се надлежни) за да излезат на терен и да го запрат она што сега таму се случува. Или ги оставија скопјани да се порадуваат пред Нова година во отсуство на некоја организирана содржина за празнично расположение на најмладите и возрасните.

Во меѓувреме, секоја вечер жителите на Ново Лисиче и на Лисиче нервите ги искинаа од неподнослива бучава и гласна музика. Велат дека дома не можат да си дојдат од паркираните возила на секој слободен простор. Оние, пак, кои не живеат таму и доаѓаат само за да се забавуваат, малку размислуваат дали „Зимзоленд“ има дозвола или не и дали реквизитите се безбедни. Уживаат во убавите моменти.

На Скопје му недостасува забава, забавни паркови, празнична атмосфера. Но, не вака и не на ваков начин. „Зимзоленд“ и сите случувања поврзани со него деновиве покажуваат дека се нема контрола на хаосот што се случува во градот или дека никој не се замара со тоа да воведе ред.

Можеби, пак, станува збор за контролиран хаос, во кој за забава на народот, се прогледува низ прсти и кога некој не игра по правилата.

Но, каде ќе се скријат сите доколку на „Зимзоленд“ се случи нешто непосакувано?

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот