Обвинителството испитува дали „Зимзоленд“ предизвикува општа опасност
Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје оформило предмет за функционирањето на забавниот парк „Зимзоленд“ во општина Аеродром, за да испита дали евентуално постојат елементи на кривичното дело „предизвикување општа опасност“, објави „360 степени“.
Препорачано
Предметот е отворен по допрен глас, а доаѓа по објавените информации дека надлежните инспекторати не постапуваат согласно своите надлежности за отстранување на реквизитите.
Од Јавното обвинителство велат дека веднаш ќе издаде наредба до Министерството за внатрешни работи (МВР), конкретно до Единицата за економски криминал, да направи увид на местото и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот.
„Бидејќи јавно објавените информации укажуваат дека надлежните инспекциски органи не постапуваат согласно законските надлежности за отстранување на реквизитите, Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас и веднаш ќе издаде наредба до МВР – Единица за економски криминал да излезе на терен, да направи увид на самото место и да ја обезбеди целокупната документација за функционирањето на лунапаркот, а со цел да се испитаат евентуални елементи на кривично дело предизвикување општа опасност“, велат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Откако повеќе инспекциски служби соопштија дека утврдиле пропусти во работењето на зимскиот парк и дека изрекле казни, тој сепак продолжува да работи. Во врска со случајот, на барање на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) бил направен и вонреден инспекциски совет во кој биле вклучени сите институции.
Од Општина Аеродром, пак, како што пренесе „Телма“, велат дека известувањето од Град Скопје не е обврзувачко за нив. Според Општината, тие го следеле законот според кој треба да поминат осум дена, откако фирмата го примила записникот од инспекцискиот совет. Инспекторите, како што се наведува, на терен биле на 10 декември, па најран датум на кој Општината би можела да постапува е на 18 декември.
Од „Зимзоленд“ минатата недела потврдија дека во забавниот парк се вршат инспекциски надзори, но соопштија дека и покрај тоа продолжуваат нормално да работат.


