На 23-годишна возраст почина Дамијано Алберти, инфлуенсерот кој храбро ја споделуваше борбата со ракот
По речиси тригодишна, исцрпувачка борба со тешка болест, на 23-годишна возраст почина италијанскиот инфлуенсер Дамијано Алберти. Веста што ја потресе Италија и неговата бројна заедница на социјалните мрежи ја потврди неговото семејство со трогателна објава на Инстаграм, придружена со фотографија од насмеаниот Дамијано со микрофон во раката.
Препорачано
„Дамијано сега е слободен од сè низ што помина. Дел од нас засекогаш одлета“, напишаа тие, заблагодарувајќи им се на сите што го поддржуваа за време на неговата тешка битка.
Алберти починал на 14 февруари, но семејството ја сподели тажната вест два дена подоцна, оставајќи зад себе илјадници скршени срца на оние кои во него гледаа симбол на храброст, искреност и нескршлив дух.

Дамијано изгради заедница од речиси сто илјади следбеници на Тикток, Јутјуб и Твич, каде што првично споделуваше содржини за фитнес, патувања и студентски живот.
Сепак, неговиот живот доживеа целосен пресврт во мај 2023 година, кога јавно објави дека му е дијагностициран малиген тумор на ногата. Наместо да се повлече од јавноста, донесе храбра одлука својата борба да ја претвори во јавно сведоштво. Под мотото „Дамијано меѓу луѓето“, транспарентно го документираше секој чекор од лекувањето – од болните хемотерапии и операции до емотивните падови и моментите на надеж, нудејќи поддршка на многумина што минуваа низ слични животни предизвици.
Неговото видео насловено „365 дена подоцна – приказната за мојата болест“ стана вирално, во кое без разубавување раскажа како ја дознал дијагнозата и како изгледале првите циклуси на лекување. Отворено зборуваше за стравот, но и за неверојатната желба за живот што го туркала напред.
Неговата искреност силно одекна меѓу публиката, а неговата приказна стана инспирација за илјадници луѓе. Не се срамеше да ја покаже својата ранливост, признавајќи во едно од подоцнежните видеа дека поради тешките вести и неизвесноста понекогаш се соочувал и со проблеми со менталното здравје.
„Станав, да речеме така, морбидна личност без цел, без нешто свое кон кое би се стремел“, искрено призна, покажувајќи дека и во најтешките моменти останал – пред сè – човек.


