МЗТ со рутинска победа над ФМП како загревање за Морнар
Убедлива победа за играчите на МЗТ Скопје Аеродром против Навико Академија ФМП (77:58) во последниот меч од четвртото коло од македонската Прва лига, по кој актуелниот шампион има учинок од 3-1.
Препорачано
Од МЗТ ова беше рутинско одработување на обврската, кое донесе поголема минутажа за тие што досега играа помалку, со цел кај никого да не дојде до прекумерен замор во пресрет на обврската во АБА лигата следниот викенд.
„Сино-белите“ по нецели осум минути веќе имаа двоцифрено водство (18:7), а единствена енигма до крајот беше само со колкава разлика ќе биде изразен триумфот на играчите на Александар Петровиќ.
Пандев со 12 поени и шет скока беше најпрецизен во победничкиот тим, Магдевски постигна 11 поени со седум скока и пет асистенции, додека двоцифрен беше и Андоноски со 10 поени и седум скока. На спротивната страна Коскоски постигна 14 поени, додека 11 коша беа дело на Иванов.
Ова беше и своевидно загревање за исклучително важниот натпревар на МЗТ в петок против црногорскиот Морнар (18.00 часот), кој исто така ќе го одигра на домашен терен во склоп на шестото коло од регионалното натпреварување.


