МВР соопшти колку марихуана и масло се запленети – проверувале дали дрогата во Србија е од Македонија
Вкупно 40 тони марихуана, 1300 шишиња произведено масло од канабис и биомаса запленила полицијата во акцијата што ја спроведува од средата вечерта откако беа запленети пет тони марихуана во Србија за која српските власти рекоа дека е од Македонија. Ова официјално попладнево го соопшти Министерството за внатрешни работи, а во координација со Обвинителството уште утврдувале дали марихуаната во Србија потекнува од Македонија.
Препорачано
Девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис биле запленети од скопската фирма „Алфафарм“, чиј сопственик беше уапсен во акцијата во Србија, а во фирмата биле регистрирани бројни неправилности.
– Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана- соопшти МВР.
Претреси се вршеле и во неколку фирми во Струмица и кај нив биле утврдени неправилности и неусогласеност на количините марихуана.
-Исто така, извршени се проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина. Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи- додаваат од МВР и најавуваат детали по целосно завршување на акцијата.
ВИДЕО | Српската полиција откри пет тони марихуана во Шумадија – најголема заплена во историјата


