Фото: Приватна архива

Мусли барови – здрав и нутритивен десерт на Стефанија Несторовска

Нема ништо поубаво од домашно. Особено кога тоа е вака скоцкано, со одбрани намирници и со состојки што се нутритивни и добри за вашиот организам. Со оглед на тоа што овие барови не се печат, не содржат јајца, брашно, можете и да си ја удвоите дозата, па да ги замрзнете и да имате здрав десерт и брз енергетски бар за наредниот месец, вели Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com.

Состојки:

– 450 г (2 филџани) урми
– 90 г (1 филџан) овесни снегулки (крупни)
– 75 г (1/2 филџан) бадеми
– 25 г (¼ филџан) кокосови снегулки
– 30 г (¼ филџан) семки од тиква
– 30 г (¼ филџан) семки од сончоглед
– 1 лажица чија семе
– 2 лажици ленено семе
– 2 лажици сусам
– 1 лажичка цимет
– малку сол
– 60 г (¼ филџан) путер од бадеми

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Првиов чекор е по желба и можете слободно да го скокнете, но јас топло би ви препорачала ако имате 15 минути плус. Загрејте ја рерната на 160 степени и додајте ги и бадемите на тава за печење (не треба ниту масло ниту хартија за печење). Печете околу 12-15 минути односно додека не фатат малку боја и не се истостираат. Оставете малку да се изладат, доволно за да може да преминете на наредниот чекор.
Се сечкаат бадемите (најубаво со нож, зошто во блендер може премногу да се иситнат). Парчињата нека бидат поголеми за да имаат текстура бадемите. Се додаваат во голем, длабок сад.

Во истиот сад со бадемите се додаваат и другите суви состојки (овесни снегулки, кокосови снегулки, семки од тиква и сончоглед, чија семе, сусам, цимет и малку сол) се промешува за да се измешаат сите состојки и да се распоредат.

Во блендер се додаваат урмите и се блендира сè додека не се направат како карамела. Доколку имате мал блендер, тогаш ќе може да треба да ги блендирате на тури, зошто може да прегрее блендерот од густата смеса. Добиената смеса од урми се додава во садот со суви состојки.

Се додава и путерот од бадеми и се меша сè додека не се добие густа, изедначена смеса. Најубаво да мешате со раце, бидејќи смесата може да биде малку тешка. Внимавајте да биде сè убаво измешано особено сувите состојки на дното од садот. (таму знаат да останат овесни снегулки или чија семе)

Во некој момент може да си помислите дека е невозможно да се измеша и ќе бидете во искушение да додадете некое масло за да си ја олесните работата, но верувајте ми – возможно е само треба малку време и трпение.
Добиената смеса се додава во сад со обложена хартија за печење (каков било сад што ќе служи за моделирање), се притиснува на дното од садот и се израмнува за да се добие рамна површина.
Се остава во фрижидер 30-ина минути за да се зацврсти пред да се исече на барчиња.
Баровите најубаво да се чуваат во ладилник за да одржуваат свежина. Може да се чуваат и во замрзнувач и до eден месец доколку не сакате сите веднаш да ги искористите. Пред јадење, само оставете да се одмрзнат 20-ина минути и можете да уживате во нив!

Фото: Приватна архива

Забелешки и совети:

→ За вакви сирови десерти јас сакам да користам т. н. „кралски“ урми. Може да се најдат на пазар или во продавници за здрава храна, најчесто и одат на рефус. Овој вид урми се многу помеки, посочни и со побогат вкус. Ако не можете да ги најдете овие, можете слободно да користите какви било урми, само можеби ќе треба да додадете повеќе. Ако урмите се многу суви, додајте ги во врела, превриена вода да отстојат десетина минути и веднаш ќе омекнат и ќе се блендираат многу подобро.
→ Наместо бадеми може да се користат какви било јаткасти плодови или, пак, мешавина од јаткасти плодови.
→ Ако сакате да го направите овој рецепт палео или безглутенски – наместо овесни снегулки додадете повеќе од другите состојки (семки, јатки или кокос)
→ Наместо ленено семе може да додадете повеќе чија семе или обратно.
→ Путерот од бадеми може да се замени со путер од какви било јаткасти плодови или, пак, со таан. Во зависност од тоа каков путер користите – баровите ќе го сменат вкусот, меѓутоа, ќе бидат подеднакво вкусни така што не би требало да е проблем.
→ Ако сте љубител на суво овошје, слободно може да додадете неколку лажици и од тоа во смесата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот