МУНДОБАСКЕТ Митев за „Слободен печат“: Во финалето лично навивам за Аргентина! – Слободен печат
КошаркаСпорт

МУНДОБАСКЕТ Митев за „Слободен печат“: Во финалето лично навивам за Аргентина!

- Од една страна не смее да потцени искуството на шпанските кошаркари, но популарните „гаучоси“ покажаа големо срце на досегашните натпревари од Мундобаскет 2019 - најавува Митев.

Боби Митев ексклузивно за „Слободен печат“ го сподели своето размислување во пресрет на последните два денешни натпревари на Светското првенство во Кина. Во Пекинг се одлучувачките дуели за медалите, од 10.00 часот е битката за бронзата помеѓу Франција и Австралија, а од 14.00 часот за златото репрезентациите на Аргентина и Шпанија.

Митев (47) е инаку поранешен тренер на МЗТ Скопје Аеродром, Карпош Соколи, словенечкиот Компрад, косовскиот Башкими Призрен, Кожув, беше асистент тренер во полските екипи Анвил Влоцлвек и Турнов Згорзелец, во германската Алба Берлин, турскиот Банвит Б.К., како и селектор на иранската репрезентација (која беше дел од СП годинава) во периодот од 2011-2012 год.

republikasrpska.net

Шпанците ќе атакуваат на својата втора светска титула, првата ја освоија во 2006 година и тоа токму на азиско тло, поточно во Јапонија. Селекцијата на Аргентина предводени од ветеранот Луис Скола после скоро 70 години ќе се обиде повторно да се искачи на тронот. Значи две непоразени селекции со по седум максимални победи на СП 2019 во Кина.

– Гледајќи го натпреварот против Австралија и целиот настап во текот на целото СП мислам дека „Богот на кошарката“ е наклонет на страната на Шпанците. Од нивната игра и среќно можам да кажам дека победија против Србите во групната фаза. Потоа, на продолженија практично во загубен натпревар успеаја да го вратат мечот против Австралија. Да, Шпанија има големи шанси за титулата, но лично навивам за Аргентина. На овој Мундобаскет аргентинските кошаркари покажаа големо срце во текот на целиот шампионат предводени од Луис Скола и не случајно се наоѓаат во големото финале. Затоа што таа генерација на овие млади играчи се гради веќе неколку години. Претходно знаеме дека предводници беа Џинобили, Ночиони и Скола, и сите овие млади момци полека стигнуваат и сега е можеби нивното време за освојување. Од друга страна за Шпанците, очигледно дека е на залез оваа селекција која што долги години освојува (три европски титули во последните 10 години) и смее да се потцени нивното искуство. Така што, верувам дек ќе гледаме едно интересно финале – ни изјави Митев.

Австралија за првпат во својата историја се наоѓа помеѓу најдобрите четири светски репрезентации, а Франција ќе се обиде да го повтори успехот од пред пет години кога се закити со бронзениот медал.

– Искрено бев за Австралија на патот до тоа финале, бидејќи покажа големо срце исто како Аргентина, но по кој знае кој пат пресуди искуството на Шпанците. Апсолутно можат Австралијците да изненадат во борбата за бронзениот медал против Франција. Французите го направија тоа „чудо“ совладувајќи ги Американците во четвртфиналето, инаку сега ќе гледавме нешто поразлично. Играчите на селекторот Андреј Леманис после тој меч со Шпанија емоционално малку се исцрпени, но верувајте тоа е еден натпревар, една топка. Австралија има искусни играчи, па ќе видиме, без сомнение ќе гледаме добар натпревар и за третото место на шампионатот – додаде Митев.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close