Морбиден профит: Аналитичарот Петар Арсовски и доктор Драган Даниловски најнови жртви на измамниците што со лажни интервјуа продаваат чај

Чај измама / Фото Слободен печат колаж

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски и професор доктор Драган Даниловски се најновите жртви на измамниците кои со лажен и манипулативен маркетинг продаваат чаеви на кои им припишуваат „магични лековити својства“.

Овојпат станува збор за измислено интервју кое се шири на социјалните мрежи, а во кое лажно се тврди дека „Петар Арсовски повторно бил на границата меѓу животот и смртта“. Во измисленото интервју злоупотребено е и логото на „Канал 5“ телевизија, како и фотографија од презентерката Татјана Стојановска, за да се создаде лажна слика за веродостојноста на интервјуто, кое всушност никогаш не било направено ниту објавено.

Во интервјуто Арсовски невистинито е презентиран како „македонски актер“ кој „паднал поради хроничен висок крвен притисок и се здобил со скршеница“. Фантазијата на маркетинг гуруата кои стојат зад овие измами, оди дотаму што тие ги обвинуваат докторите што наводно го хоспитализирале Арсовски – дека го третирале само за скршеницата а не и за срцевата слабост, односно дека не му давале терапија. За да се добие на драматичност, во лажното интервју се вклучува и невистинито тврдење дека „македонскиот доктор Драган Даниловски му препишал на Арсовски билно средство за чистење на крвните садови – Хипертеа и така состојбата почнала да му се подобрува“.

-По којзнае кој пат, пак е злоупотребено моето име за рекламирање на безвреден чај! Не наседнувајте! Целата содржина на написот вклучително и „разговорот“ со мене на Канал 5 е сосема измислена! Ја информирам јавноста дека ќе ги преземам сите правни чекори за санкционирање на измамниците, напиша професор доктор Даниловски на Фејсбук.

Целта на оваа манипулативна реклама е да се измамат граѓаните да нарачаат од чајот по цена од 2.400 денари откако ќе бидат наведени да поверуваат во оваа лажна приказна. „Слободен печат“ остави телефонски број за нарачка на чајот, по што добивме повик од телефонскиот број 02/311-6955 и телефонскиот оператор се претстави како оператор од „Монад Плуг“ компанијата. Со нарачката не продолживме бидејќи знаевме дека се работи за измамнички маркетинг. Во телефонскиот именик 1188 проверивме чив е овој телефонски број и оттаму ни кажаа дека се води на „Монад Плуг“ на улица „Козара“ број 41.

-Го видов ова интервју и секако дека е невистинито. Го пријавив ова во „Фејсбук“ но во македонските институции не сум се обратил, изјави за „Слободен печат“ политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

Тој не е првата жртва на измамничките реклами со чија помош во земјава се продаваат чаеви со злоупотреба на личните податоци на познати личности. Целта е да се креира кредибилна слика за тоа дека медицински професионалци се промотори на одредени препарати или суплементи, со цел да се придобие довербата од наивните потрошувачи.

Минатата година „Слободен печат“ разоткри цела мрежа на поврзани актери на Балканот кои на ваков начин оперираат во речиси сите балкански земји, остварувајќи богати приходи.

По нашето истражување фирмата „Монад Плуг ДООЕЛ“ Скопје и одговорното лице Дејан Јовановски беа правосилно осудени затоа што ги злоупотребиле личните податоци на лекарите Никола Пановски, Вело Марковски и Маја Мојсова Мијовска за да остварат профит.

Тие беа огласени за виновни, затоа што користеле слики, имиња и презимиња на лекари за да продадат два чаја – „Паразол“ и „Хипертеа“. Овие чаеви на територијата на Македонија како што веќе обелодени „Слободен печат“ во своето истражување, ги увезува фирмата „Монад Плуг“. На повеќе Фејсбук страници осудените овозможиле незаконска обработка на личните податоци на лекарите и директен маркетинг без нивна согласност, со емитување на лажни интервјуа со секој од нив. Тие содржини потоа биле преземани и споделувани, а во нив било лажно претставувано дека докторите Никола Пановски и Вело Марковски „го препорачуваат“ чајот „Паразол“, а докторката Маја Мојсова Мијовска чајот „Хипертеа“.

Сето тоа било правено со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои лекарите никогаш не ги дале.

Казната за Дејан Јовановски беше 2.100 евра, а за „Монад Плуг ДООЕЛ“ Скопје 5 илјади евра. Лекарите ќе бараат отштета во граѓански парници за штетата која им е причинета.

Но, оваа пресуда не беше доволен сигнал за ваквите лажни реклами да престанат да се појавуваат на интернет просторот. Она што се случи е – бројот на злоупотребени јавни личности во само една реклама сега да е значително поголем. Така во најновата реклама украдени и злоупотребени се фотографии на макеоднски актери кои лажно се претставени како „задоволни корисници на Хипертеа“. Лицата чии лични податоци се злоупотребени овојпат се исклучително проминентни – Синоличка Трпкова, Тони Михајловски и Стојна Костовска.

Од сите дезинформации на интернет просторот, најстрашни се оние кои може да му повлијаат на човековото физичко здравје. Пациентите со најразлични дијагнози секој ден се изложени на наплив од лаги на интернет просторот кога им се ветуваат чудотворни резултати.

Кој во Македонија продава „магла во тегла“ со нечесни реклами и лажни интервјуа со д-р Пановски во кои чај се претставува како лек против паразити?!

За да се продаде Паразол, не е злоупотребен само д-р Никола Пановски, туку и Лепа Брена, српски доктори, новинари па и „Јован од Чеченија“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот