За да се продаде Паразол, не е злоупотребен само д-р Никола Пановски, туку и Лепа Брена, српски доктори, новинари па и „Јован од Чеченија“

Видни лекари, естрадни ѕвезди па и еден Чеченец злоупотребен во кампањата за Паразол/Слободен печат

Во 2015 година, се ожени началникот на чеченската полиција, Нажуд Гучиров. Веста за свадбата ги обиколи светските медиуми, но не поради раскошноста на венчаницата, или пикантериите околу накитот и тортата, туку зашто невестата, 17-годишната Луиза Гојлабиева, беше малолетна и присилена да се омажи за Гучиров, трипати постар од неа и да му стане втора жена наспроти декларативната забрана на полигамијата во Чеченија.

На свадбата дојде и Рамазан Кадиров, па фотографиите од настанот се пробија насекаде, од Гардијан до Асошиејтед Прес.

Но во 2022 година, во Македонија, на Фејсбук страницата Паразол Македонија оставен е линк кој ве води до реклама во која Гучиров е претставен како Јован.

Неговата неименувана „сопруга“ во рекламата за Паразол, односно во „сведочењето“ за тоа како тој се излекувал од паразитите, го опишува како човек со лош здив, чиј интимен живот не функционирал, а неименуван доктор му дал дијагноза дека 70 проценти од телото му го нападнале паразити. Во фабрикуваниот рекламен материјал, претставена е и фотографија од снимка на која се гледа дека наводно Јован има стомак полн со паразити.

Чеченецот чии фотографии се злоупотребени/фото Слободен печат

Потоа во рекламата која е очигледно скарана со математиката, се додава дека секоја година 850 илјади луѓе во Македонија умираат од паразити, а има и лажна анкета, според која мноштвото од „излекуваните“ тоа го направиле со Паразол, чајот за кој што „Слободен печат“ во првото продолжение пишуваше, дека не е регистриран додаток во исхраната во земјава, а камоли лек или медицинско средство или граничен производ во Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД.

Потоа, откако ќе го прочитаат сведочењето на презадоволната сопруга на Јован, во долниот дел од страницата, се упатуваат граѓаните да нарачаат Паразол од официјалната страница на производителот. Оттаму пак, откако ќе ги оставите вашите лични податоци и телефон, ве бара телефонски агент и ја комплетира нарачката и на домашната адреса го добивате чајот од 50 грама, за 2400 денари.

Во претходниот текст, „Слободен печат“ откри дека фирмата увозник на чајот Паразол во Македонија е Монад Плуг од Скопје. Овој чај преку нечесен маркетинг односно лажно претставување дека е лек против паразити, ги мами потрошувачите да го нарачаат. Спорно е и тоа што за истите цели се злоупотребува името на доктор Никола Пановски. Производител на чајот е друштвото Монатизе Ад од Босна, но оттаму негираа дека лажните реклами се нивни, туку потенцираа дека имаат партнери, а тие партнери свои потпартнери, врз кои немаат влијание ни директна контрола врз нивниот маркетинг. Од Монатизе АД ни рекоа, дека дури откако ќе им се посочи дека некоја лажна информација се пласира на интернет, дури тогаш го лоцираат проблемот на начин што им се јавуваат на партнерите со кои се во договорен однос, за тие понатаму да влијаат на своите потпартнери.

Но, дека рекламите за Паразол во кои се злоупотребуваат имиња на познати личности за промоција не се само „македонска работа“ покажува фактот што чајот Паразол, и во други држави на Балканот, преку други познати личности од српската естрада веќе биле предмет на тужби. На 9 септември 2021 година, Лепа Брена на својот Инстаграм профил напиша:

„Почитувани следбеници. Сакам да ве известам дека во јавноста се рекламира препарат Паразол, кој што без моја дозвола го користи мојот лик, покажува интервјуа кои никогаш не сум им ги дала, и рекламираат производ кој никогаш не сум го користела. Затоа Ве предупредувам и известувам дека со тој препарат никогаш не сум се лекувала. Поради лажното рекламирање на овој препарат, ќе ги поднесам сите правни санкции. Ве сака вашата Брена“.

Лепа Брена за „Слободен печат“ потврди дека поднела тужба за злоупотребата на нејзиниот идентитет и за фалсификуваната наводна позитивна препорака.

Лепа Брена реагираше и најави тужба за злоупотреба на нејзиното име во кампањата на Паразол/фото: Скриншот/Инстаграм/Новости.рс

Потоа, на 14 август годинава доктор Бранимир Несторовиќ од Србија беше искористен во лажна промоција на Паразол.

Претходно Цеца Ражнатовиќ најави дека ќе тужи зашто и нејзиното име било злоупотребено за препарат за слабеење кој никогаш не го користела. Имаше и лажни интервјуа со уредничката на забавната програма на Радио Телевизија Србија Оливера Ковачевиќ со кои што се промовираше Паразол на српската публика.

-Никогаш во животот не сум боледувала или било кому сум му зборувала за паразити или папиломи, ниту пак знам многу за тоа. Зачудена сум од ваквиот вид злоупотреба, изјави таа и доаде дека го пријавила случајот во Службата за високотехнолошки криминал во Министерството за внатрешни работи на Србија. Таа најави тужба против непознато лице. Премногу е ова, да се користи моето име во огласување за кое сметам дека е непримерно и кое е чиста злоупотреба, изјави Оливера Ковачевиќ.

Фирмите на Балканот задолжени Паразол да дојде до потрошувачите

На кутиите чај Паразол како фирма производител фигурира друштвото со ограничена одговорност од Босна и Херцеговина, со име Монетизе АД. Според податоците во Централниот регистар, Монатизе ад е основач и сопственик на друштвото за трговија и услуги Монад Плуг од Скопје. Преку оваа фирма Паразол доаѓа до потрошувачите во земјава.

Скопската Монад Плуг, има три подружници, едната во Центар на Козара 41 од каде телефонската операторка тврдеше дека доктор Никола Пановски го „препорачува“ Паразол, втората на Дебарца 43 и третата во Струмица на Ленинова број 100. Според податоците во Централниот регистар, првата е за складирање на стока, а втората и третата се со приоритетна дејност на повикувачки центри. Во сите три подружници овластено лице е Дејан Јованоски.

За да се нарачаат производите на брендот Лимитед Шарм, постои официјалната страница, како и бројните страници со лажен и манипулативен маркетинг кои што го водат купувачот до полиња каде тој ги остава името презимето и телефонскиот број, а потоа се јавуваат операторите од кол центрите за да ја потврдат нарачката. Сите патишта од страниците со манипулативен маркетинг водат кон производите а производите се поврзани со Монатизе АД од Сараево. На официјалната страница на Лимитед Шарм има и други производи, не само Паразол.

Чајот Хипертеа и Простамид се дел од асортиманот а и за нив може да се најде истиот тип на манипулативен маркетинг онлајн. На страницата на Лимитед шарм, се вели дека се работи за независен бренд кој долги години функционира на Западен Балкан кој се грижи за вашето здравје, имунитет и убавина секогаш да бидат заштитени со најдобрите природни третмани. Се вели дека ,,технолозите за храна тесно соработуваат со соодветните институти кои ги вршат потребните проверки за да се осигураат дека производите се вистинскиот избор за вас”. Адресата посочена како седиште на Лимитед шарм е истата адреса каде е регистрирана Монад плуг фирмата, која што е во сопственост на маркетинг агенцијата Монатизе ад од Босна.

Има и времеплов за почетоците на компанијата. Според наведеното на сајтот, во 2017 година „четворица зачетници, учени пријатели и познавачи, почнале да бараат алтернатива за здравите и болните, за исплашените, дебелите, тие што се во болка и започнале со растенија во недопрени предели. За 2018 година е наведено дека имало студии, неуспеси, нови формули и комбинации“.

,,По бројни и луди истражувања консултации, разгледување на идеи и обиди, започна тестирањето но ограничено”, пишува на сајтот. Се тврди дека производите биле и „поддршка во пандемијата“. Има графикони каде пишува дека фирмата има 4 години искуство, 56 илјади студии на случај, 18 прехрамбени технолози и 100 проценти задоволство на клиентите.

„Вирусот беше мотивација сите производи да добијат нова посилна и позначајна димензија. Почитувајќи ги мерките вашето здравје, време и пари, станавме пријатели. Поврзани, хармонични и полни со доверба еден во друг. Затоа ви благодарам за вниманието. Нашата сила е задоволството на вашите лица“, пишува на страницата на Лимитед чарм.

Како што веќе пишувавме, на интернет има десетици лажни интервјуа и препораки од познати личности кои треба да ве разуверат да купите Паразол, заедно со лажни лекарски препораки и неодобрени медицински тврдења дека Паразол, чај од пет билки, е ,,подобар од хемиските лекови”. Но кога ќе дојдете на официјалната страница на фирмата Лимитед шарм, нема да ги најдете овие дезинформации. Тие се пласираат од десетиците наменски создадени други страници.

На официјалниот сајт на Лимитед чарм на самото дно, со ситни букви, ќе најдете дел кој што е насловен „изјава за одрекување од одговорност“, каде на англиски јазик е испишано дека производот не е оценет од Агенцијата за храна и лекови на САД и не е наменет за дијагноза, третман или превенција на болести. Но овој дел е позициониран најдолу на страницата, а Агенцијата за храна и лекови на САД не е поврзана со легислативата во Македонија. Овој дел за одрекување од одговорност, не кореспондира со рекламните објави на другите страници каде се рекламира Паразол, а ниту со тврдењата на телефонските оператори кои велат дека доктори го препорачуваат производот. На сајтот на Лимитед шарм се вели и дека резултатите и описите во сведоштвата може да не се типични или прецизни, и дека индивидуалните резултати може да се сменат. Пред да се конзумира производот ве советуваат да се консултирате со докторот и кажуваат дека сите слики се драматизации. Но операторот кој ви го продава производот, „драматизацијата“ каде беше злоупотребен доктор Никола Пановски, на жената што го купи чајот, и ја претстави како жива вистина, а ние го слушавме тој телефонски разговор.

Ограноци во Љубљана, Тирана, Сараево…

Од страницата може да се види и дека фирми на Монатизе ад за овие производи има и во Словенија, Албанија, Босна, Косово, Црна Гора и Србија.

Адресата во Словенија е во Љубљана, на улица Мешкова број 4. Мапата на Гугл покажува дека тука се наоѓа фирмата Монад Он во жолта куќа на два спрата. Основач и директор на Монад Он е Јасмин Бојичиќ, кој на ЛинкдИн фигурира како директор на одделот за продажба во Монатизе ад. Вештина која ја навел на профилот е дигиталниот маркетинг. Во огласите фигурира како лице кое што луѓето во Словенија можеле да го контактираат кога во јули годинава нудел работа за позицијата оператор во контакт центар.

Во Тирана Албанија на улицата Фросина Плаку број 25-8, има куќа. Ознаки за фирма нема. Ама на веб страницата на Лимитед Шарм е наведено дека таму се наоѓа албанската филијала на Лимитед Шарм.

Документите до кои дојде „Слободен печат“ кои го покажуваат комплетниот тек на основањето на подружницата на Монатизе АД во Албанија, откриваат дека компанијата од 4 јуни 2020 година, има своја подружница во Албанија, дури и формално поврзана со производите на Лимитед Шарм бидејќи подружницата се вика „Монетизе ад Сараево, огранок Лимитед Шарм“. Активноста на подружницата е иста како и на Монатизе ад, односно пружање услуги за интернет маркетинг и дистрибуција на производи според моделот ,,плаќање при достава”. Седиштето на подружницата во Албанија е Руга Ибрахим Ругова бизнис центар Скај Тауер, 10 спрат, стан 103, Тирана Албанија.

Господинот Ајдин Брковиќ е правен застапник според овие документи. Адресата на подружницата во документот за регистрација и на интернет страницата не се исти.

Друштвото со ограничена одговорност Монатизе Ад кога било основано во 2017 година имало еден куп наведени дејности. Само еден дел од нив се: одгледување растенија за подготовка на пијалоци, одгледување растенија за употреба во фармацијата, ароматски, зачински и лековити билки, преработка на чај и кафе, печатење, услуги за подготовка на печатење и објавување, умножување на снимени записи, производство на комуникациска опрема, производство на електрична опрема, инсталирање на индустриски машини и опрема, чај, какао и зачини, складирање роба, претовар, изработка на софтвер, производство на филмови и телевизиска програма, програмирање, интернетски портали, обработка на податоци услуги за хостинг и дејности поврзани со нив, односи со јавност и дејност на соопштување, техничко испитување и анализа, истражување и експериментален развој во природни, технички и технолошки науки, агенција за промоција (реклама и пропаганда), огласување по пат на медиумите, фотографска дејност, преведувачка дејност и услуги на толкувач, давање под закуп интелектуална сопственост и слични производи освен за работите заштитени со авторски права, дејност на повикувачки центри, дејност за пакување. Во надворешно трговскиот промет, увоз и извоз дејноста на Монатизе ад е продажба на странска роба со складишта. Подружниците на Монатизе АД немаат својство на правни лица, ама можат да ги обавуваат сите работи во кругот на дејноста на друштвото.

Организацијата на потрошувачи знае за лажниот маркетинг онлајн

До организацијата на потрошувачите на Македонија нема поплаки од потрошувачи за конкретниот производ Паразол, но оттаму имаат сознанија за рекламирање на вакви производи на социјалните мрежи.

-Ние како организација постојано апелираме да не се купуваат вакви производи онлајн бидејќи рекламите се најчесто лажни и наменети да го доведат потрошувачот во заблуда за да купи скап производ кој ги нема својствата кои му се препишуваат. Но не станува збор за огласување на легални правни субјекти регистрирани во Република Северна Македонија туку производите најчесто ги продаваат физички лица. Од тие причини треба да се пријави во секторот за компјутерски криминал при МВР за ад може да се сопре ваквото рекламирање, велат оттаму за „Слободен печат“.

Законот за заштита на потрошувачите убаво на хартија регулирал дека заведувачкото рекламирање во Република Северна Македонија е забрането со закон, но санкции нема, а ни волја од страна на агенциите, инспекциите и истражните органи да постапуваат. Бизнисот со лажното рекламирање цвета преќутно и со молкот од сите институции и нивното непостапување. Граѓаните се оставени на своето сопствено расудување и за правилните и за неправилните одлуки при своето пазарување онлајн. Во законот за заштита на потрошувачите пишува дека при одлучувањето дали рекламирањето е заведувачко, се земаат предвид сите негови карактеристики, а особено сите информации содржани во рекламата во врска со својствата на производите или услугите, составот на производот, спецификацијата, прилагоденоста на производите и услугите за користење за одредени цели, географското или комерцијалното потекло на производите или услугите, резултатите коишто можат да се очекуваат од користењето на производите или услугите, резултатите или другите наоди од тестовите или проверките извршени врз производите или услугите и цената.

Владата во јуни годинава донесе подобрен закон за заштита на потрошувачите на предлог на Министерството за економија. Како новина декларативно се подобри законот, со посебно внимание на нечесните трговски практики, измамничката продажба вклучително и дигиталните понуди.

Овој закон ќе помогне да се подобри квалитетот на живот на граѓаните, за заштита на потрошувачите и за заштита на ранливите категории на граѓани во деловните трансакции. Со овој закон се обезбедува високо ниво на правата на потрошувачите, но и полесно деловно уредување. Исто така се уредуваат правата и обврските на здружението за заштита на потрошувачите, а предвидени се и инструменти за брзо решавање на споровите, изјави тогаш министерот за економија господинот Крешник Бектеши и рече дека се предвидени казни од 500 до 10 илјади евра за непочитување на законот.

Министерството тогаш објасни дека одредена трговска практика е измамничка, ако содржи лажни информации и поради тоа е невистинита, го доведува во заблуда просечниот потрошувач, дури и кога информациите се фактички точни, а во кој било од случаите предизвикува или веројатно е дека ќе предизвика просечниот потрошувач да донесе пазарна одлука што инаку не би ја донел. Потрошувачите чии права се повредени со користење нечесни трговски и измамнички практики, имаат право на надомест на штета што ја претрпеле, а трговците декларативно може да и да добијат забрана за вршење на дејност.

 

Овој текст е изработен во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на проектот ,,Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот