Петровска: Немаме право да ве лажеме, нема успех без цена

Славјанка Петровска, министерка за одбрана

Вечерва стојам пред вас без намера да ви држам говори со демагогии и лажни ветувања. А уште помалку со лажен патриотизам и лажен национализам. Затоа што во времињата кога лажниот патриотизам владееше од Македонија над 70.000 граѓани излегоа и земаа бугарски пасоши, рече носителката на листа на СДСМ во ИЕ 6, Славјанка Петровска на граѓанскиот митинг во Гостивар.

-Во тие времиња студентите беа тепани, а новинарите беа апсени. Вечерва, јас ќе зборувам за иднината и патот кон иднината. А тој пат е тежок и макотрпен. Но, друг пат нема. Секој кој што ќе ви вети, брз и пократок пат, знајте дека ве носи во бездна. Ве враќа во минатото, и не ве носи кон иднината. И тие, кои велат дека има друг пат слободно прашајте ги: Кој е тој пат? Ќе излезете од НАТО? Ќе прекинете преговори со ЕУ? Ќе ги затворите границите со соседите? Ќе седите дома додека децата ни бегаат преку граница? А вие опозицијо, ќе ја фатите старата песна. Да изградите уште една бела палата со парите од народот, и заканувајќи му се на истиот тој народ од нова меѓуетничка војна“, рече Петровска.

Таа посочи дека СДСМ и Коалицијата за европска иднина се јасна опција. Како и дека не бегаат од тешки прашања, но и не ги негираат ни грешките.

-И ние сме луѓе од крв и месо. И нас не болат неправдите кои доаѓаат однадвор, и сите тешки одлуки. И за името и за односите со соседите. И сето тоа и нам ни тежи на душа. Но, ние немаме право да ве лажеме, дека има успех без цена. За нашата Македонија, да дојде таму каде што природно припаѓа. Во цивилизирано, европско семејство, со висок стандард, со плати со кои што ќе може да се живее нормално. А не да се преживува – истакна Петровска.

Петровска посочи дека e потребно граѓаните да не губат надеж во единствената опција која ова јасно го кажува. За Гостивар, Македонија за неколку години да станат дел од ЕУ, и заедно да растат и стандардот и платите, и нашите деца и нашите внуци покрај нас. Притоа додаде дека таа ова го знае, дека тоа го посакува и работи на тоа. Затоа што, доаѓам од просечно, македонско семејство, порача Петровска , семејство кое ме научило да бидам чесна жена и да не лажам.

-И токму затоа јас знам дека во секоја педа, што ја газиме во Гостивар, има крв на македонскиот партизански одред, дека Гостивар какои многу градови го коси бела чума додека младите масовно се иселуваат.И затоа јас имам намера да работам и да сработам. И сето она што како министерка сум го постигнала, да го продолжам, но истото да го подржам во останатите сектори во земјата. За младите да останат тука. За Европа да биде дома. А мојата работа колку и да лажат, и колку да се обидуваат да ме исцрнат, мојата работа е јасна, мерлива и се гледа – истакна Петровска.

Таа се осврна на платите кои претходно не ги пишувале ни на хартија, опрема и вооружување за кое претходно само сме читале, дневници, храна и исплата за секој вработен. Институција со највисока доверба во земјата.

Петровска рече дека уште повеќе ќе се бори за Македонија да биде и членка на ЕУ и да бидеме горди на сето тоа што сме го постигнале досега.

-Од тука ќе ја испратам пораката до оние кои себе си се нарекуваат патриоти. А истовремено мјаукаат. Патриотизам не е да го избришете името Македонија од вашиот статут. Патриотизам не е да не знаете како се вика вашата држава. Тоа е кукавичлук, тоа е предавство. И затоа уште повеќе ќе се борам за Македонија да биде и членка на ЕУ и да бидеме горди на сето тоа што сме го постигнале досега – рече Петровска.

Таа порача дека СДСМ и коалицијата, ќе продолжат да се борат за богата, европска и безбедна Македонија.

-Ќе се борам за Гостивар и за секој град, за секое село, за секој човек, ќе се борам за пристојна, среќна Македонија, и заедно рака под рака рамо до рамо, ќе се избориме Македонија да биде членка на ЕУ. Да сте живи и здрави и заедно да ја славиме победата на 8 мај. Нема откажување од иднината – порача Петровска од Гостивар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот