Помалку пратеници и нови министерства за поефикасен политички систем

Христијан Мицкоски во Канал 5 / фото: ВМРО-ДПМНЕ

Потребни се промени во политичкиот систем, а плановите на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на некои министерства и за намалување на бројот на пратениците во Собранието се теми за кои поодамна се размислува, велат експерти кои за „Слободен печат“ ги коментираа најавите на идниот мандатар Христијан Мицкоски за сериозна реформа на политичкиот систем во Македонија. Секоја власт, откако ќе ја добие довербата од граѓаните на избори, има легитимно и демократско право својата изборна програма да ја преточи во владина програма, вели професорката Тања Каракамишева-Јовановска. Експерт по уставно право, кој коментираше анонимно, пак, вели дека предлозите на Мицкоски заслужуваат внимание, иако секогаш треба да сме внимателни со сериозните резови, затоа што во правосудството, на пример, се направија повеќе промени кои не само што не донесоа подобрување на состојбите, туку нанесоа уште поголема штета, со полоши последици.

– Со оглед на економската состојба во Македонија, бројноста на населението која се намалува, потребните динамики за носење и за спроведување на одлуките итн., треба да се размислува бројот на пратениците во Собранието од 120 да се намали на 90. Или плус 10, значи до 100 пратеника. За тоа се потребни уставни измени. За бројот на министерствата во владиниот кабинет можеби е најдобро и тие да се уредат со Уставот, да се прецизираат надлежностите и повеќе да не се измислуваат министерства од политички причини, како што се Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците или вицепремиер за добро владеење. Или министерства без ресор кои немаат никаква правна власт, без можност да носат одлуки или да санкционираат. Тие се измислени за политички пазар и не ни се потребни такви министерства, туку ефикасни. Овие предлози на идната влада се прогресивни – вели нашиот соговорник.

Тој додава и дека ВМРО-ДПМНЕ во програмата најави и воведување на уставната тужба, што е повеќегодишно барање на Уставниот суд, кое, според него, е нужно да се воведе за поголема заштита на човековите права и слободи. Сега е многу рестриктивен приодот, додава тој, и граѓаните од Уставниот суд може да побараат заштита само за три слободи и права. Можноста треба да се прошири со воведување на уставна тужба односно уставна жалба за сите права и слободи и на тој начин ќе се обезбеди многу силна уставно-судска заштита на правата и слободите на граѓаните, што е многу силно правно средство.

– За отповикување на градоначалник, кое исто така се најавува, не знам како би се регулирало, треба да се размисли на кој начин да биде уставно. Инаку, главната работа на идната власт е да расчисти со криминалот и корупцијата во државата, заради што и ја доби довербата од граѓаните. Ако на оваа тема не опстои, напразно ќе се другите реформи, граѓаните најмногу од сè сакаат земја ослободена од мито и корупција – вели тој.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски најави дека ќе настојува да обезбеди коалиција која ќе има двотретинско мнозинство за да направи реструктурирање во самата влада, со нови министерства со проширени, а на некои и со намалени ингеренции за да се одговори на потребите на граѓаните и на новото време.

– Овој состав на владиниот кабинетот е зацртан пред две и пол, три децении и потребни се реформи за да немаме министри без ресор, па да им доделуваме некакви ингеренции. Тоа не се министерства во владиниот кабинет, како на пример МВР. Ако сакаме сериозна борба против криминалот и корупцијата ни треба динамична размена на податоците меѓу граѓаните и институциите и затоа ни е потребно министерство за дигитална трансформација, кое ќе биде во рамките на Министерството за информатичко општество, а делот администрацијата ќе оди во локална самоуправа. Надворешната трговија треба да излезе од Министерството за економија како ингеренција и да оди во МНР. Ќе има ново министерство за енергетика рударство и минерални суровини, кое сега е сектор во Министерството за економија. Образовниот процес да биде цел во едно министерство, па градинките од Труд и социјала ќе се префрлат под МОН. Демографијата е предизвик, па МТСП ќе биде министерство за социјална политика, демографија и млади, а трудот ќе премине во Министерството за екомонија, затоа што е логично работниците и работодавците да бидат во една институција – рече Мицкоски синоќа во настап на Канал 5.

Извадок од предизборната програмана на ВМРО-ДПМНЕ

Освен министерствата, како дел од реформата на политичкиот систем во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се предвидува Собрание со 90 пратеници со цел Собранието да работи економично и динамично, една изборна единица со изборен праг, укинување на цензусот при избор на претседателот на државата, укинување на концептот заменик-директор, разрешување на градоначалник со јасно утврдена процедура и двотретинско мнозинство во општинскиот Совет, укинување на балансерот при вработувањата во јавната администрација, укинување на техничката влада, воведување на уставна жалба, регистар на закони, дигитален попис на населението во 2026 година, централизиран систем за администрација, сметководство, логистички работи, јавни набавки за малите институции итн.

Тања Каракамишева, Фото: МИА

Професорката Каракамишева-Јовановска вели дека власта во демократските системи има обврска ветеното во изборната кампања да го реализира на најдобар можен начин, бидејќи само така ќе може да го потврди и одржи добиениот легитимитетот.

– Редно време е на македонската политичка сцена повеќе да зборуваме за политичка одговорност, иновативност, политичка отчетност и владина транспарентност, суштински карактеристики на власта кои извираат од освоениот мандат на изборите. Новата влада во Македонија ќе мора одговорно и посветено да се насочи кон реализација на секој ветен проект во изборната програма, не само во политичкиот систем, туку и во сите останати области во државата. Изборот на начините како да ги реализира проектите во пракса е исто така легитимно право на секоја власт. Доколку идната влада смета дека реализацијата на изборните ветувања ќе може на најдобар начин да биде постигната преку длабоки и суштински реформи во администрацијата тоа секако треба да се почитува имајќи предвид дека е одобрено од граѓаните на избори и е обврска на власта. Дел од изборните ветувања ќе бараат и посуштински интервенции во многу сфери, но повторно ќе кажам дека власта има право и обврска да ги бара најдобрите начини како да ги спроведе изборните ветувања и како резултатите од тие ветувања да бидат најквалитетни за државата и за граѓаните – вели Каракамишева-Јовановска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот