Само за две пристојни бурми требаат 500 евра, поминаа златните времиња за младенците

Некогаш за матурски и за свадби се купуваа златни синџири, сега многу од купувачите откако ќе ги видат цените, се префрлаат на сребро, велат низ продавниците во Скопје

Во златарниците сѐ е сјајно и преубаво, но накитот за најголем дел од народот е недостапен. Златно синџирче, нараквица, обетки и прстен некогаш беа задолжителен дел од дарување на невестата, а денеска родителите на идните младенци нервозно вртат низ продавниците. Слично е и со оние „традиционалисти“, кои сè уште сакаат на своите најблиски да им подарат нешто златно и за матура.

Низ златарниците во градот има малку народ иако се во ек матурските и свадбите. А, како што велат продавачите, многу често се случува наместо златен накит, да се купи сребрен. Не е ни за изненадување, ако од асортиманот на традиционалниот „Рубин кармин“ се види дека еден сосема мал приврзок е 4.500 денари. Златно синџирче нема поевтино од 5.500 денари и тоа кусо и тенка плетка, што значи дека за еден ваков комплет треба да се издвојат 10.000 денари. Обетки нема под 6.000 денари, и тоа сосема ситни.

Продавачките велат дека кога ќе дојдат купувачи, сега веќе не гледаат колку нешто им се допаѓа, туку колку ќе успеат да го вклопат во семејниот буџет.

– Еве, дојдоа едни луѓе што сакаа да купат убав подарок за матурска. Луѓето велат: „Како сега ние да се отсрамиме со нивната внука, кога таа иста жена за матурската на моето дете на времето дојде со златен синџир“. Не купија злато, купија поубав и поупадлив сребрен накит – раскажа една случка продавачката.

За „вистински“ невестински комплет, пак, како што се правеа некогаш, треба да се издвојат најмалку 1.000 евра.

– Многу е непријатно кога ќе видите како некој за свадба сака убаво да ја дарува невестата, па почнува амбициозно со некаков поубав прстен, па како ги открива цените, дарот го заменува за сè поситно парче. Но, тоа е… Некако дури и ние имаме потреба да се правдаме зошто продаваме толку скапо – вели нашата соговорничка во една од златарниците.

Но, според искуството на еден од сопствениците на златарниците во ГТЦ, „новите“ невести и не сакаат нападен накит.

– И самите невести кога ќе дојдат да избираат, бараат нешто понежно, колку да се одбележи чинот. Порано тие сакаа помасивни парчиња, сега не има паѓаат во очи таквите синџирчиња или бразлетни – вели златарот.

Во неговиот дуќан ја погледнавме понудата на бурми, а мерењата покажаа дека пристојни две бурми за идниот брачен пар нема под 500 евра.

– Во однос на некогашната работа, дали имаме 1 отсто. Дури и не купуваме веќе многу накит, па и немаме голема понуда – вели сопственикот на златарскиот дуќан.

Тој откри и дека веќе подолг период младите многу повеќе купуваат бело отколку жолто злато. Грам бело и грам жолто злато имаат иста цена, но самата обработка на накитот го чини белото злато малку поскапо. Сека, откупната цена по која златарниците купуваат злато (стар накит) е 35 до 38 евра за грам, додека кога се продава накитот, се наплатуваат по 65 до 74 евра за грам.

Ако, главно, златните времиња за златарниците се заминати, сепак има и такви што велат дека очекуваат добра сезона.

– Напролет и налето доаѓаат многу наши од дијаспората и прават свадби тука. Тие сакаат да ги даруваат богато невестите и знаат да купат крупен накит за идните избранички на нивните синови – велат во една златарница во Старата чаршија.

Во златарниците може да се пронајдат и драгите камења. Колку за илустрација, „одбравме“ еден прстен од бело злато со брилијант од 0,75 карати, а цената што ни ја кажаа е 3.000 евра.

Сашо Дуковски, сопственик на продавницата за ексклузивен накит „Сигма“, кој е и претседател на Трговската комора во ССК, вели дека подолг период цената на готовиот накит во продавниците не само што не е зголемена, туку има и тренд на намалување.

– Ако се гледаат цените на екран од берзите, можеби може да се добие впечаток дека цените растот, но тоа не е така со накитот во нашите продавниците – заклучува Дуковски.

Проблем на кој укажуваат златарите е „шверцот“ со златото. Билтените на Царинската управа многу често се полни текстови за запленето злато.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот