Оставки после пораз кај нас се непостоечки ставки – иако дебело поразени, Ковачевски, Арсовска и Јакимовски не се повлекуваат

Димитар Ковачевски/Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

За оставка прашајте ме по парламентарните избори на 8 мај, јас сум претседател на партијата и нормално дека чувствувам одговорност, рече претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски по првиот круг од претседателските избори вечерта на 24 април кога Стево Пендаровски освои двојно помалку гласови од Гордана Сиљановска Давкова, но вечерта на 8 мај, по катастрофалниот пораз и на парламентарните избори – не само што не поднесе неотповиклива оставка, туку не одговори ниту на новинарските прашања на оваа тема. Наместо да се повлече од партиската функција како најодговорен за поразот на СДСМ, кој освои само 18 пратенички места во Собранието наспроти ВМРО-ДПМНЕ кои освоија уверливи 58 пратенички мандати, во својот говор синоќа Ковачевски одговорноста ја раздели на сите партиски функционери и најави отчетен конгрес на кој ќе се дискутира за причините за лошите резултати и ќе се избере ново партиско раководство.

Оставка нема ниту во Коалицијата „Вреди“ на албанската опозиција, иако лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари ја најавуваше во случај на негов пораз во Гостивар. Откако „Вреди“ освои 13 пратенички места, наспроти 19 на Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ, Таравари излезе со толкување дека разликата со ДУИ е „еден или два пратеници, колку што тие имаа гласови од малцинствата, а кај Албанците дефинитивно „Вреди“ има легитимитет и ќе преговара за идната влада“.

Не поднесоа оставки и двајцата градоначалници кои доживеаја тежок дебакл – градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска и колегата од Општина Карпош Стевчо Јакимовски. Како носителка на листа во ИЕ1 и претседателка на Нова алтернатива таа освои само 1.571 глас, а во ИЕ2, каде влегуваат скопските општини Ѓорче Петров, Гази Баба и Бутел партијата доби 1.109 гласови. На локалните избори во 2021 година Арсовска со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ го победи тогашниот градоначалник Петре Шилегов во вториот круг со 118.749 гласа, а откако се искара во ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека е избрана за градоначалничка на Скопје затоа што мнозинството од гласовите ги добила лично таа, а не партијата. Стевчо Јакимовски, пак, беше избран за градоначалник на Карпош со 14.864 гласа, а на парламентарните избори неговата партија ГРОМ освои само 4.543 гласа.

Арсовска вчера беше недостапна за коментар, а недостапна беше и нејзината портпаролка за да одговорат дали градоначалничката ќе поднесе оставка како морален чин затоа што очигледно скопјани повеќе немаат доверба во неа! Од „таборите“ на Јакимовски, пак, не сакаа да одговорат на ова прашање. Од Општината не упатија одговор за оставката на Јакимовски да побараме во партијата, а во ГРОМ пак, прокоментираа дека прашањето е неосновано, а одговор да побараме во Општината!

Според аналитичарите, лидерите на поразените партии уште вечерта по првите резултати мораа да поднесат оставки за да демонстрираат култура на понесување на одговорност и за развој на демократијата во Македонија.

– Како политички морален чин, како показател на политичка култура и зрелост, претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски мораше да си поднесе оставка од партиската функција веднаш во првото обраќање после изборите. Тој најави дека за одговорноста ќе се дискутира наскоро на партиски конгрес, секоја почит за него, но, требаше уште вечерта по големиот пораз да се повлече. И за Таравари важи истото. Тој кажа дека ако освои еден глас помалку во Гостивар ќе се повлече од политиката. Ако не поднесе оставка, значи и тие лажат. Јас како гласач не сакам да бидам лажен, сакам тоа што го кажале и ветиле и да го остварат – вели аналитичарот Мерсел Биљали за „Слободен печат“.

Според универзитетскиот професор Васко Наумовски редот е оној што ќе биде поразен, да поднесе оставка, но „многу зависи и од тоа кој како ги толкува резултатите“.

– Поранешниот премиер Ковачевски нема друг избор освен да се повлече. Тој најави партиски конгрес со реизбор на сите партиски тела и на претседател на партијата. Ова е досега најлош резултат на СДСМ и овој пораз партијата треба да го искористи за да се сврти кон себеси и да се реформира после оставката на лидерот. Во коалицијата „Вреди“ и нејзините лидери, кои освоија помалку гласови и пратенички места од ДУИ, најверојатно нема да се сметаат за губитници, туку ќе одат со наративот дека се победници. Односно, оној кој ја прави владата, оној кој е дел од парламентарното мнозинство, тој е и победникот и затоа нема да даваат оставки. Тоа што ќе влезат во владата, за нив е победа – вели Наумовски за „Слободен печат“.

Наместо Ковачевски, морална одговорност вчера понесоа потпретседателите на СДСМ Фатмир Битиќи и Перо Костадинов од партиските функции, како и Јованка Тренчевска, која се повлече од челото на форумот на жени на СДСМ.

„Како потпретседател на СДСМ, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот. Во целата моја политичка кариера барам лична одговорност од сите чинители и овој акт е токму тоа. А оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“, напиша Битиќи на Фејсбук.

Се повлече и Маја Морачанин од претседателското место во ДОМ, партија која е коалициски партнер на СДСМ.

Јован Деспотовски од СДСМ, директор на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони побара раководството на СДСМ да поднесе оставки веднаш.

„Не ни требаат условени оставки кои ќе се ефектуираат ако и другите си поднесат оставки. Секој да почне од себе без да го чека партискиот другар до него. Само така овој процес на промена нема да трае предолго, а штетата нема да стане ненадоместлива“, порача меѓу другото Деспотовски.

Досега оставки од партиските челни позиции како морален чин поднесоа Зоран Заев од СДСМ, кој се повлече по поразот на локалните избори во 2021 година, како и Јован Манасиевски, кој прв почна со демонстрирање на ваквата политичка свест, кога се повлече од челното место во ЛДП по предвремените избори во 2011 година која неговата партија настапи самостојно и не освои ниту еден пратенички мандат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот