Во Битола одбележани 23 години од загинувањето на бранителите кај Вејце

Дополнителен заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев и директор на БЈБ Сашо Тасевски/фото: Слободен печат

Со полагање букети свежо цвеќе пред споменикот „Ангел” кај градскиот часовник и спомен обележјето пред Секторот за внатрешни работи, денес, во Битола беа одбележани 23 години од загинувањето на македонските бранители кои загинаа во конфликтот во 2001 година кај тетовското село Вејце.

Нашата татковина опстојува благодарение на храброста, непокорот и пожртвуваноста на нашите херои бранители-рече на денешното чествување во Битола, Митко Бојмацалиев, дополнителен заменик министер за внатрешни работи.

„За мирот и спокојот што денеска го имаме им должиме ним и им се поклонивме пред спомениците во Битола. Тие се великани коишто ја променија историјата и оставија светол пример за идните генерации. Нивните имиња остануваат вечно врежани во колективната меморија на македонскиот народ. Нивните херојски дела оставија траен белег врз нашите животи за што денеска со гордост се сеќаваме и со пиетет зборуваме. Како син на воено лице во пензија кое во 2001 година учествуваше во овие настани, сега како претставник на Министерството за внатрешни работи сакам да им оддадам признание и да им кажам на фамилиите дека никогаш нема да бидат заборавени а Македонија ќе биде вечна-рече на одбележувањето дополнителниот заменик министер за внатрешни работи“, Митко Бојмацалиев.

Искажувајќи сочувство до семејствата на загинатите бранители, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски рече дека Битола како  мултиетнички центар треба достојно да го задржи споменот на загинатите бранители, тие да не бидат заборавени, и ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат.

Градоначалник на Битола, Тони Коњаноски/ фото: Слободен печат

„Тука сме да го зачуваме споменот за овие македонски херои и да оддадеме почит и никогаш да не ги заборавиме. Денес навршуваат 23 тажни години од денот на загинувањето на битолските херои, и со ова чествување искажуваме огромна почит кон нивното дело, да не остане заборавено и да биде една голема опомена до сите нас ваквите настани никогаш повеќе да не се повторат. Сведоци сме дека во предизборието повторно се слушаат националистички изливи, апсолутно тоа треба да биде едно минато. Битола е град на мултикултурата и претставува мултиетнички центар и треба достојно на нашите бранители да им оддадеме почит и да го задржиме споменот-рече на одбележувањето на 23 годишнината години од загинувањето на битолските бранители во конфликтот од 2001 градоначалникот на Битола“, Тони Коњановски.

фото: Слободен печат/Бранители

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот