Тројца лекари од Македонија жртви на дезинформации со кои фирмата „Монад Плуг“ се богатела, на сметка на здравјето на луѓето

Фото колаж на Слободен печат

Фирмата „Монад Плуг ДООЕЛ“ Скопје и одговорното лице Дејан Јовановски се правосилно осудени затоа што ги злоупотребиле личните податоци на лекарите Никола Пановски, Вело Марковски и Маја Мојсова Мијовска за да остварат профит. Покрај лекарите, жртви на оваа голема измама опасна по здравјето на луѓето се и граѓаните во земјава, бидејќи преку дезинформации биле наведувани да купуваат чаеви на интернет кои немале медицинско дејство. Сличен модус-операнди е откриен и на Балканот.

Според пресудата која што ја донесе судијата Џенета Бектовиќ, „Монад Плуг“ и Дејан Јовановски се виновни, затоа што користеле слики, имиња и презимиња на лекарите за да продадат два чаја – „Паразол“ и „Хипертеа“. Овие чаеви на територијата на Македонија како што веќе обелодени „Слободен печат“ во своето истражување, ги увезува фирмата „Монад Плуг“. На повеќе Фејсбук страници осудените овозможиле незаконска обработка на личните податоци на лекарите и директен маркетинг без нивна согласност, со емитување на лажни интервјуа со секој од нив. Тие содржини потоа биле преземани и споделувани, а во нив било лажно претставувано дека докторите Никола Пановски и Вело Марковски „го препорачуваат“ чајот „Паразол“, а докторката Маја Мојсова Мијовска чајот „Хипертеа“.

Сето тоа било правено со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои лекарите никогаш не ги дале.

Казната за Дејан Јовановски е 2.100 евра, а за „Монад Плуг ДООЕЛ“ Скопје е 5 илјади евра. Лекарите ќе бараат отштета во граѓански парници за штетата која им е причинета.

-Конечно, после година и половина, донесена е правосилна пресуда за злоупотреба на личните податоци заради промоција на чаевите „Паразол“ и „Хипертеа“. Правдата е делумно задоволена. Имено, фирмата и осудениот и понатаму работат, тоа што го заработиле криминално ќе го вратат за недела дена. Демек, немало како да ги судат за измама на граѓаните, да им забранат дејност, немало основ во законите за овој интернет криминал, туку само за злоупотреба на личните податоци. Сега продолжувам во граѓанска постапка да барам оштета од 15.000 евра за злоупотребата и душевната болка што ми ја сторија. Благодарност до младата адвокатка Барбара Стевчевска, која самата се нафати, бесплатно да ме застапува, а трошоците да ги наплати по добивање на случајот, благодарност до новинарката Мирослава Симоновска, за истрагата која ја изведе заедно со Барбара и објавените текстови во Слободен печат и на сите вас кои ме подржавте, изјави доктор Никола Пановски.

Но, уште поважно нешто кое произлегува од оваа пресуда, е тоа што граѓаните се спасија од лагите и дезинформациите дека чаевите „Паразол“ и „Хипертеа“ лекуваат болести.

Од сите дезинформации на интернет просторот, најстрашни се оние кои може да му повлијаат на човековото физичко здравје. Пациентите со најразлични дијагнози секој ден се изложени на наплив од лаги на интернет просторот кога им се ветуваат чудотворни резултати, а таков беше и случајот со чајот „Паразол“. Истражувањето на „Слободен печат“ откри дека во Македонија оваа компанија продава „магла во тегла“, бидејќи чаевите на интернет невистинито се претставуваат како да се „лекови“ и така се таргетираат милионски добивки.

„Слободен печат“ истражуваше која фирма во земјава увезува еден од чаевите рекламирани на нечесен начин.

За овој чај, со име Паразол во јавноста имаше огромен јавен интерес, затоа што со комплетно фабрикувано интервју на популарниот микробиолог и професор на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски истиот се продаваше за висока цена.

 

Опасноста по јавното здравје е голема, со оглед на тоа што во некои од овие реклами, се изнесуваа и тврдења дека чајот Паразол е подобар од специјалните хемиски лекови против паразити. Вистината е дека Паразол е чај од пет тревки увезен во државата во категоријата храна.

 

Дополнително откривме дека Монад Плуг постојано во огласниците бара телефонски агенти за машинеријата која успешно галопира преку институционалната небрежност и потрошувачката наивност.

Во Агенцијата за храна и ветеринарство Монад Плуг е регистрирана како оператор со храна за промет на големо и мало со храна и додатоци во исхрана. Но, чајот „Паразол“ не е регистриран додаток во исхраната во земјава, ни одговорија од АХВ. Во државата Паразол влегува како обична храна, односно како чај, со легален увоз и платени давачки. Проблемот настанува кога почнува да се рекламира, а за тоа ќе прочитате во продолжение.

Во нашето истражување самите бевме сведоци како операторите кои го продаваат „Паразол“ лажеа дека доктор Никола Пановски го „препорачува овој чај“. Разговорот со операторот одеше вака:

-Ве барам од компанијата Лимитед Шарм, имате нарачано Паразол чај. Може ли да ја потврдиме нарачката?

-Да.

-Кажете ми од кој град сте и адреса? Кажете ми госпоѓо какви проблеми имате, за што го нарачувате?

-Имам проблеми со варењето дали е добар за тоа или не?

-Да за тоа е госпоѓо, за прочистување на организмот, за варење на храната. Ви го препорача некој овој лек или вие го видовте на интернет овој чај?

-На интернет го најдов.

-Бидејќи го препорачуваат и лекарите, затоа ве прашав.

-Кои лекари?

-Доктор Пановски. Да. Не знам дали го видовте на интернет. Го препорачува лекарот, доктор Пановски. Тоа е природен продукт каде нема контраиндикации госпоѓо, се пие секој ден по двапати на ден. Се ви пишува на самата кутија како да го подготвите. За 15 дена ќе се направи детоксикација на организмот а после првиот месец ќе почнат да се чистат и паразитите. Така што симптомите што ги имате ќе почнат да се регулираат, да немате надуеност, главоболка итн.

-Дали треба да правам испитување претходно, зашто јас немам проблеми со паразити, туку со варење?

-И за тоа е, а и за паразити госпоѓо. Ви кажав една кутија ви е конзумација за десет дена, после тоа се прави детоксикација на организмот со тоа што и се препорачува да се користи два до три месеци редовно. Имате и пакети каде ќе ви биде многу поисплатливо. Да ви напоменам дека може да го користат и деца и возрасни. За три месеци имате пакет од осум кутии за осум илјади денари. Имате шест кутии за 6.500 денари и имате пакет две кутии плаќате две добивате гратис по цена од 5.100 денари. Ќе ви се достави најдоцна за три дена.

Веднаш го проверивме телефонскиот број од каде сврте продажната агентка. Станува збор за телефон регистриран на име на фирмата Монад Плуг, во Скопје, на улица Козара 41. Монад Плуг е македонската фирма на босанското друштво со ограничена одговорност Монатизе АД.

 

Чајот чини 50 евра за 50 грама измешани нане, анасон, мајчина душичка, вранилова трева и пелин

 

Претходниот ден и „Слободен печат“ нарача од овој чај преку истата фирма. Но, ние избравме да го нарачаме не преку официјалната страница на Лимитед шарм, туку преку една од десетиците манипулативни реклами направени специјално за да се продаде оваа мешавина од билки. Нашата кутија пристигна следниот ден и добивме 50 грама измешани нане, анасон, мајчина душичка, вранилова трева и пелин.

До маркетинг целта која ги оправдува средствата, се стигнува преку злоупотребени лични податоци на лекари, фотошопирани задоволни корисници и цена на чајот од 2.400 денари за педесетграмско пакување.

Има два начина да се нарача Паразол. Едниот е официјалната страница на фирмата Лимитед шарм, а вториот е преку десетиците реклами раштркани на социјалните мрежи и на порталите, кои изобилуваат со невистини.

Страниците на Фејсбук каде се продава чајот, односно од каде се упатуваат купувачите да ги остават своите телефонски броеви за да им се јави телефонски агент, изобилуваат со опасни невистини и нереални ветувања. Таа е само една од повеќето страници што го нудат Паразол. На пример, се тврди дека ,,Паразол е подобар од специјалните хемиски лекови”, дека е ,,сертифициран лек препорачан од лекарите за отстранување на паразитите во домашни услови”, како и дека ,,тоа е целосно безбеден лек за детоксикација, така што може да се земе без рецепт“.

Од Агенцијата за лекови и медицински средства МАЛМЕД за „Слободен печат“ изјавија дека Паразол не е регистриран во Агенцијата ниту како лек, ниту како медицинско средство, ниту како граничен производ и дека Паразол нема поминато низ системот на МАЛМЕД за регистрација. Следствено, Паразол не е никаков лек за паразити во Република Северна Македонија и така не би смеело да биде рекламиран.

Вистината е дека Паразол е мешавина од пет билки, односно чај

Чајот е увезен во Македонија од страна на фирмата Монад Плуг ДООЕЛ Скопје, регистрирана на улицата Филип Втори Македонски број 22/3-10. На кутијата пишува дека производителот е Монетизе АД Д.О.О, друштво регистрирано во Босна и Херцеговина на улица Хаџиабдиница бб. На оваа адреса нема фабрика за чаеви, туку – маркетинг агенција.

И двете фирми, и босанската и македонската се поврзуваат со едно лице – Ајдин Брковиќ, самиот основач на Монетизе АД, што во медиумските написи може да се пронајде како најуспешната, најбрзорастечка маркетинг компанија на Балканот.

Монатизе АД не се занимава само со продажба на чаеви туку и со дигитален маркетинг, а при основањето во босанските документи има наведено десетици дејности. И адресата во Сараево, за која на кутијата од чајот пишува дека е ,,адреса на производителот”, е всушност истата адреса каде се наоѓа седиштето на маркетинг фирмата, а не на некаква фабрика, како што би било логично. Не ни беше јасно како маркетинг компанија постигнала да произведува чај во своите канцеларии, па со ова и повеќе други прашања, му се обративме на самиот господин Брковиќ.

Во врска со билните чаеви кои фирмата Монад Плуг ги увезува во Македонија го прашавме господинот Брковиќ дали знае дека тие чаеви на интернет се продаваат со лажен маркетинг како и на целиот Балкан.

Во рекламите за Паразол на интернет се наведува дека чајот е против паразити, а на пакувањето тоа не го пишува. Прашањата ни беа поврзани со тоа врз основа на што се тврди дека чај лекува од паразити за 30 дена и дали е точно дека Монад Плуг и Монатизе АД стојат зад веб страниците каде овие производи се препорачуваат. Каде навистина се произведува чајот Паразол, дали има фабрика и во која држава е, на која адреса? Прашавме како го коментираат фактот дека нивните телефонски оператори во Македонија ги лажат луѓето дека чајот го препорачува доктор Никола Пановски на што и самите бевме сведоци? Прашавме каде тестирале дека Паразол лекува од паразити за 30 дена и да ни ги достават сертификатите за Паразол и другите нивни производи.

Одговорите ни стигнаа од адвокатот на Монатизе АД, на адвокатски меморандум. Во одговорите се наведува дека Монатизе АД како многу иновативна и успешна современа компанија која работи во 16 држави, со повеќе од 450 вработени и десетици бизнис партнери, е само давател на услуги за огласување на производи и генерално не е обврзна да ги надгледува информациите за производите кои ги складирале, пренеле или направиле достапни на Монад Плуг платформата. Адвокатот Мирсад Црновршанин, ополномоштен во име на газдата на Монатизе АД, Ајдин Брковиќ во одговорите до „Слободен печат“ беше дециден дека креирањето на рекламите не е во надлежност на компанијата од Сараево. Сепак, тој во своите одговори навести дека Монатизе АД, може да дознае врз основа на одредени параметри, кој интернет огласувач на нивната платформа користи невистинити информации.

-Како општествено одговорна компанија, Монатизе АД таквите проблеми ги решава брзо по пријава на потрошувачи, што моментално претставува единствениот механизам на контрола на пласираните содржини на корисниците на платформата Монад Плуг, бидејќи е тешко и речиси невозможно да се предвидат сите потенцијални проблеми кои би можело да се појават со пласирањето на информациите за производите кои поради широката употреба на интернетот за жал не можат секојдневно да се следат. На пример, ако некој интернет огласувач, се одлучи да го користи името на Никола Пановски во некоја од рекламите, дури откако ќе се јави Никола или некој трет во име на истото и ќе укаже на користење на имињата во рекламни цели, ние на основа на одредени параметри дознаваме кој интернет огласувач користи таков вид огласување и тогаш реагираме во склад со законодавните и интерни процедури и регулативи, ни одговори ополномоштениот адвокат Мирсад Црновршанин.

За да го нарачаме производот Паразол, отидовме на Фејсбук страницата Parazol-Macedonia и веднаш забележавме дека секој ден таму се пласираат неверојатни и очигледно нереални описи на перформансите на производот, кои што треба да го измамат вниманието на конзументите. Конкретната реклама гласеше:

„Дали имате акни, мозолчиња, ќелавост или себореја? Дали страдате од честа ангина, полипи, тонзилитис, синузитис, замор и чести заболувања на урогениталниот систем? Дали имате паразити во телото или се сомневате во тоа? Чајот Паразол е сигурен лек против паразити! Целосно ќе ги отстрани паразитите и цревните црви од вашето тело во рок од 30 дена. Отстранува паразити при првиот третман. Го штити црниот дроб, срцето, белите дробови, желудникот и кожата од паразити. Го забрзува распаѓањето на паразитите во цревата и ги уништува изведените јајца од паразити“.

Од таа реклама, преку линк оставивме име презиме и адреса и веднаш ни се јави машки глас, кој се претстави дека се јавува од компанијата Лимитед Шарм.

Кога разговаравме со телефонскиот оператор, тој не беше расположен да ги коментира длабински спецификациите на производот. На прашањето дали воопшто треба да се тестираме против паразити пред да го почнеме ,,лекот”, рече дека е наш личен избор, иако претходно од уста не ги извади паразитите кога го промовираше производот. Рече, дека паразити имаат сите луѓе, дека Паразол лекува папиломи на кожата и дека е регистриран во државата, ама не беше сигурен каде.

Нашето истражување покажа дека Паразол не е регистриран  во Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија како ,,додаток во исхраната”, а дури и кога би бил, не би смеело да му се припишуваат својства на лек при рекламирањето бидејќи тоа е недозволено за чај од пет тревки. Во Македонија, Паразол не е додаток во исхраната, спротивно на начинот на кој се рекламира, а уште помалку е лек. Паразол во Македонија е обичен чај, регистриран во регистарот за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Чајот влегува на граница како храна, уште од 2020 година, а завршува во чашите на граѓаните преку телефонски оператори кои го претставуваат како да ќе ги ослободи од паразити.

Операторот преку кого нашата редакција го нарача чајот се јави во име на компанијата Лимитед шарм и ни рече:

-Сите имаме паразити генерално. Со константно пиење се случува прочистување на самиот организам, со самите екстракти се прави прочистувањето и подобрување на самата состојба на организмот. На секој му е потребно. Некои го пијат тераписки, како за состојбата со папиломи, а има и состојби кога луѓето го земаат превентивно, за здравје и добробит.

-А производот, тука одобрен е?

-Како не е одобрен, нормално, да. Се работи за билка од оригано го подобрува варењето, ги отстранува мачнините, го елиминира лошиот здив, грчевите. Зборувам генерално што прави. Билката од оригано го подобрува варењето, ја зајакнува цревната флора, подобрува апетит и има антипаразитски својства и го зајакнува имунитетот. Хербата делува деструктивно на самите познати паразити, ја отстранува анемијата. На природна база прави комплетно прочистување на организмот госпоѓо. За дваесет дена ќе ви се јавиме, многу ни е важна вашата рецензија, мене како агент ако вие имате позитивна реакција сум го добил натпреварот условно кажано, ни рече операторот.

Потоа му споменавме дека сме слушнале дека има проблем, дека доктор Никола Пановски демантира дека го препорачува Паразол, на што операторот кажа дека не се работело за истиот производ и дека некој друг неповрзан со производот им направил проблем. Но, „Слободен печат“ сведочеше, дека операторка од вториот кол центар на Монад Плуг во Скопје, беше таа која кажа дека доктор Никола Пановски го препорачувал производот, исто како што се тврдеше и во фабрикуваните реклами на интернет.

-Можеби делуваат слично пакувањата, но во нашата компанија ни направија лош маркетинг го искористија и не само за Паразол туку и за уште еден продукт за дијабетичари за кого велеа дека го рекламира Сашко Кедев, а не е така и не е во ред. Нашата фирма не е тоа.

-Која е вашата фирма?

-Лимитед шарм. Ова е босанско генерално застапништво по кластери застапено во повеќе држави низ Балканот и во Европа.

-Добро и кај е одобрен чајот?

-Не знам, во ветерина. Не знам госпоѓо зошто толку ме прашувате за спецификации. Како да ме испрашувате, како да ми се јавува некој инспектор.

Кога производот пристигна на адресата каде го нарачавме, ниеден од овие наводно чудотворни карактеристики на чајот за делотворноста околу паразитите, не беше наведен на кутијата. На кутијата пишува дека Паразол е тоа што навистина е – кутија со мешавина билки. Сите делови околу магичното ,,лекување на папиломите и паразитите” се само за на интернет и за на телефон, додека на самиот производ не фигурираат.

Лекарите се и згрозени и вџашени што им се злоупотребува белиот мантил

 

„Слободен печат“ се јави во Институтот за јавно здравје и разговараше со началничката на лабораторијата за паразитологија, доктор Снежана Цветковиќ, специјалист по медицинска микробиологија и паразитологија. Разговаравме и со нејзиниот колега, доктор Дугаџин Османи. Двајцата беа децидни дека податоците во рекламниот материјал за чајот Паразол кои им ги испративме на увид, а кои се однесуваат на тоа дека овој чај може да излекува паразити и дека е „подобар од специјалните хемиски лекови“, се невистинити. Од нив дознавме дека во 2021 година, во ИЈЗ во Скопје всушност, почнале да се јавуваат пациенти и да прашуваат дали нивна докторка од Институтот препорачува некој чај што пациентите го виделе на интернет. Докторката била со измислен идентитет,  никогаш не работела во ИЈЗ ниту пак препорачувала производ.

Всушност, токму тоа е заштитниот знак на рекламите што се предмет на нашето истражување – измислените препораки. Прво им кажавме на двајцата лекари од ИЈЗ, дека телефонскиот оператор од кого го нарачавме Паразол, ни потенцираше дека сите луѓе имаат паразити и ги прашавме дали тоа е точно.

-Не е точно дека сите луѓе имаат паразити. Паразитите се докажуваат. Таман работа сите да имаме, тогаш сите ние што работиме во лабораторија би требало да сме полни со паразити. Тоа е лажна информација за да се продава производот. Тревките, чајчињата не се штетни по здравјето, но не се лек за паразити. Некој очигледно добро заработува од тие тревки. Но, да се тврди дека лекари го препорачуваат ова како лек, не е во ред и не е вистина. Медицината е базирана на докази. Паразитите се лекуваат со докажани лекови, за кои има пропишано дозирање, регистрирани се во Агенцијата за храна и лекови МАЛМЕД, доаѓаат со упатство за користење, ни изјави доктор Цветковиќ.

Според доктор Дугаџин Османи пак, не постои ниту теориска шанса некој лекар во земјава да препорачува чај од пет билки за да се излекуваат паразити.

– Не го препорачуваме. Верувајте, кога такво нешто би се случило, Комисијата за етички прашања при Лекарската комора би му ја одзела лиценцата на таквиот доктор. Затоа што, ако кај само еден пациент биде пропуштен некој од научно докажаните лекови и истиот за сметка на тоа биде третиран со вакво нешто, па да му се отвори болест, животозагрозувачка маларија, лишманија, а вие во таква ситуација да се фатите за чај, тоа би било лекарска грешка која би завршила на суд. Паразитите може да се во цревниот тракт, на кожата, во крвта, ткивни паразити, внатрешните органи. Нека ми каже производителот како кучешката тенија би ја лекувал со овој чај и дека хемијата била поопасна?! Ова треба да се деконспирира, ни изјави доктор Османи.

Од ИЈЗ велат дека паразитите се докажуваат во точно утврдена медицинска дијагностичка процедура, по претходна симптоматологија. Начините на кои се докажуваат се микроскопски, серолошки или со ПЦР тест зависно од нивниот вид.
Тоа ни го потврди и професор доктор Никола Пановски, чија лажна и непостоечка препорака беше злоупотребена за да се продава чајот Паразол. Тој ангажираше адвокатка и ќе тужи со помош на неколкумина сведоци кои што се согласиле да сведочат пред суд зашто производот го купиле баш поради исфабрикуваната ,,препорака” во која беше вмешан Пановски. Тој веднаш го пријавил случајот во одделот за компјутерски криминал во МВР.

-Паразитите се исклучително ретки во градска средина. Со чај секако не можат да се исфрлат, туку со лекови (антихелминтици) кои се докажани во клинички испитувања, кои се регистрирани и се употребуваат со децении. Тие лекови ги препишува лекар на рецепт, само и исклучиво по доказ за присуство на паразитите и нивниот вид. Болестите со црви во развиениот свет се извонредно ретки. Ако се јават, даваат карактеристични симптоми и карактеристични промени во крвната слика. Се докажуваат јајченца или цисти од паразити во лабораторија. Доказ за излекување е исфрлање на мртвите црви и тении во изметот, вели доктор Пановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот