„Лажеа дека чаевите лекуваат рак и го намалуваат диоптерот“: Во Хрватска откриена истата измама со чаеви што „Слободен печат’“ ја разобличи во Македонија

Во Хрватска оперира истата група која што во Македонија со лажни реклами продава чаеви и суплементи, ветувајќи дека тие „лекуваат болести“ иако станува збор за најобични тревки. „Слободен печат“ пред 1 година пишуваше за оваа измама со која чај кој во државава влегува под ознаката „храна“, на интернет се рекламира како лек. Станува збор за производите „ГоСлим“, „Паразол“, „ХиперТеа“ итн кои ги продава фирмата Лимитед Шарм зад која пак стои компанијата Монатизе Ад, основана од Ајдин Брковиќ.

Хрватски Индекс истата измама ја открива и во Хрватска и пишува дека таму продавачите односно кол-операторите што работеле за фирмата Монатизе Ад, отишле и чекор подалеку – односно ги лажеле луѓето преку телефон дека чаевите лекуваат рак и го намалуваат диоптерот.

– Долго време работев во кол-центри како продавач. Работев во повеќе фирми, но никаде не сум имал така лошо искуство како во Монатизе Ад. Оваа компанија огласува суплементи. На почетокот беше добра работата, барем додека не дознав за што се работи. Фирмата ветува се и сешто, дека нема да ве приморуваат да форсирате продажби, дека се добиваат убави договор, пари и провизија. Работев како агент во кол-центар каде ги потврдував нарачките на клиентите, вели тој за Индекс.Хр.

Додава дека во еден момент сопствениците почнале да форсираат дека мора да продаваат повеќе пакети.

– На пример ако корисникот нарача за 39 евра, ние моравме да го натераме да купи најмалку за 100 евра. Моравме да лажеме дека сме лекари, се претставувавме со друго име и гарантиравме дека производот делува. Лажевме дека сто проценти за 1 месец, се губат 10 килограми. Некои кажуваа дека капсулите лекуваат рак и ја намалуваат диоптријата. Ако не продадевме производи за 100 евра, од сопствениците добивавме закани дека ништо нема да ни биде платено, дека ќе добиеме отказ, вели оваа личност за Индекс.Хр.

Тој додава дека секој телефонски повик го снимала „екипата од Сараево и газдите од Словенија“ и потенцира дека „некои од производите се обични витамини од продавница“.

-Во еден момент ми прекипе. Реков дека нема да можеме да ги лажеме луѓето повеќе и дека се има некакви граници. Сите производи се главно витамини и минерали кои што ги купувате во продавница за 4 или 5 евра. Некои се произведени во Босна и Херцеговина, некои во Естонија, Полска и Чешка. Во последно време имаат и е-комерс продажба каде се продаваат производи купени преку Алибаба од Кина кои се неоргинални, вели поранешниот кол-оператор на Монатизе Ад.

Според него, целта на компанијата се ранливи групи граѓани кои што се постари и имаат проблеми со болестите.

-На таквите групи е полесно да им продадате магла. Само парите се цел на фирмата, а потоа главните ѕвезди ги делат, пишува Индекс.

 

„Слободен печат“ пред една година откри дека чајот под името „Паразол“ во Македонија е увезен од страна на фирмата Монад Плуг ДООЕЛ Скопје, регистрирана на улицата Филип Втори Македонски број 22/3-10. На кутијата пишува дека производителот е Монетизе АД Д.О.О, друштво регистрирано во Босна и Херцеговина на улица Хаџиабдиница бб. На оваа адреса нема фабрика за чаеви, туку – маркетинг агенција. Едно кутивче од 50 грама во Македонија се продава за 50 евра, а постои и обид да ви се „протнат“ неколку кутивчиња односно пакети за 100 до 200 евра.

И двете фирми, и босанската и македонската се поврзуваат со едно лице – Ајдин Брковиќ, самиот основач на Монетизе АД, што во медиумските написи може да се пронајде како најуспешната, најбрзорастечка маркетинг компанија на Балканот. Тој јавно се фали со своите финансиски успеси во подкасти каде е гостин.

Во Македонија пак, телефонските агенти како што и самите се уверивме кога нарачавме ваков чај „Паразол“, лажеа дека чајот „Паразол“ го препорачувал доктор Никола Пановски, што тој изрично го демантираше и се впушти во битка да ги разоткрие овие измами.

Основното јавно обвинителство Скопје после написите на „Слободен печат“ до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против едно физичко лице и едно правно лице кои се обвинети за три кривични дела – злоупотреба на лични податоци од член 149 од Кривичниот законик.

Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на Законот за заштита на личните податоци без согласност на тројцата оштетени лекари меѓу кои и доктор Никола Пановски ги користеле нивното име, слика и презиме за онлајн продажба на два производи. Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите „Паразол“ и „Хипертеа“ кои на територијата на државата ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.

Лажните интервјуа и постови, преземани и споделувани на повеќе веб-страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи кои оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконска обработка на личните податоци и директен маркетинг.

Обвинителот му предложи на судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневна глоба од 30 евра односно 2.100 евра, а правното лице да го казни со глоба од 5 илјади евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот