Моите 1 + 5: По избор на Румена Бужаровска – „Gett: The Trial of Viviane Amsalem“ од Ронит и Шломи Елкабец
Долго откако ќе го гледате овој филм нема да може да го извадите ликот на извонредната Ронит Елкабец од ум, која за жал почина во 2016 година.
„Gett“ е хебрејски збор што означува ритуален еврејски развод. Па така, овој израелски филм го тематизира трауматското петгодишно барање развод на суд на Вивиен Амсалем (Ронит Елкабец).
Препорачано

Буквално целиот филм се одвива во малата, скудна судница, пред тројцата Рабини што всушност го претставуваат „Рабинскиот суд“, т.е. судот што може да дозволи развод меѓу еврејска двојка. Всушност, според религиозните закони, мажот е тој што треба да ѝ го дозволи разводот на жената, ставајќи ѝ го документот за развод (гет) во раце, и изговарајќи на глас „сега си достапна за други мажи“, со што симболично ја ослободува од гревот на прељубата. Но доколку мажот не сака жената да се разведе од него, тогаш тој има право да го одбие разводот, па така жената всушност и нема избор.
Токму ова е суштината на филмот: Вивиен Амсалем сака да се разведе од нејзиниот сопруг, но тој тоа го одбива, по што целиот процес мачно и апсурдно се одолговлекува. Во текот на ова одолговлекување, во судницата влегуваат и сведоци кои ни откриваат каков бил бракот на двајцата сопружници, а преку караниците на адвокатите, заклучоците на Рабините и повремените гневни експлозии меѓу самите сопружници, го откриваме целото социо-културно милје што го условува однесувањето на сите ликови. Во центарот на драмата, сепак, е страдањето на Вивиен Амсалем, влечкана и понижувана по судови, и на крајот на краиштата, омаловажувана и потценета само поради тоа што е жена.

Иако целиот филм се одвива во судница, тој е исклучително динамичен, што од една страна се должи на фактот што дејствието наместа е комично, а наместа трагично. Сепак, најголемиот товар на филмот го носат глумците, посебно Вивиен Амсалем, глумена од брилијантната Ронит Елкабец која е истовремено и режисерка на филмот (заедно со брат ѝ Шломи). Нејзиниот експресивен лик е често прикажан во крупен кадар, со што и преку нејзиниот молк во судницата (дури за нејзината одлука се расправаат шест мажи) се доловуваат нејзините силни емоции на страдање. И Симон Абкариан во улогата на сопругот Елиша Амсалем е исклучително убедлив, па и допадлив во сиот негов човечки инает.
Кога првпат го гледав овој филм, помислив дека се работи за некој стар филм кој обработува случка од минатото, зашто не ми беше верно дека ваков процес може да се случува во 2014 година. Веднаш се јавив кај мојата пријателка Вивиан Идн во Ерусалим да ја прашам за овој процес и дали тоа што го гледав е воопшто реално. Така дознав дека во Израел всушност и нема граѓански брак, туку дека сите бракови се склучуваат меѓу сопружници од исти верски заедници, и дека иако „гет“ е старомоден процес, и дека самата таа кога се разведувала не поминала низ процесот поради тоа што нејзиниот сопруг бил подготвен да ѝ „даде“ развод, тој сè уште се случува. Ми објасни и дека таа и нејзиниот долгогодишен партнер, на пример, не можат да стапат во брак од причини што се од различни верски заедници (Салман е Друз од Палестина).
Силата на овој филм лежи во тоа што е локално специфичен, но сепак универзален во страдањето и во човечноста на ликовите. Долго откако ќе го гледате овој филм нема да може да го извадите ликот на извонредната Ронит Елкабец од ум, која за жал почина во 2016 година.
+5
1. „Tourist“, Рубен Естлунд, 2014
2. „Leviathan“, Андреј Звајгинцев, 2014
3. „A Separation“, Азгар Фархди, 2011
4. „Oh Brother, Where Art Thou?“, Џоел и Еjтeн Коен, 2000
5. „Four Months, Three Weeks and Two Days“, Кристијан Мунгиу, 2007


