Мило Ѓукановиќ се споменува во судски списи во Палермо во случај против поранешен албански нафтен тајкун

Мило Ѓукановиќ
Мило Ѓукановиќ, претседател на Црна Гора/ Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, откако беше споменат во „Пандорините документи“, се појави и во документ на истражниот судија на судот во Палермо во случајот против поранешниот албански нафтен тајкун Резарт Тачи и неколку италијански државјани осомничени за перење над 20 милиони евра, објави РТ Црна Гора.

Во документот на истражниот судија Алфред Монталт, објавен на порталот на црногорската телевизија, покрај црногорскиот претседател се споменува и неговиот брат Ацо Ѓукановиќ, кој поединечно е најголем акционер на Прва банка на Црна Гора.

Извештајот за истражните дејствија на судот во Палермо содржи транскрипт од разговорот меѓу Резарт Тачи и осомничениот италијански државјанин Даниеле Кестагали, во кој Тачи го споменува Ѓукановиќ во контекст на интервенција за меѓународна исплата преку „претседателската банка“ од Црна Гора.

Во извештајот се наведува дека истражителите, користејќи отворени извори, утврдиле дека црногорскиот претседател и неговиот брат учествувале во приватизацијата на поранешната Никшиќ банка во 2006 година и подоцна, кога станала Прва банка на Црна Гора.

Судијата Алфредо Монталто го потпишал извештајот за предистражните дејствија на 4 ноември годинава, јавува Танјуг.

Документот на судот во Палермо прв го објави албанскиот новинар Тими Самаркиу во кој се наведува дека од тие документи јасно се гледа трансферот на голема сума пари за потребите на мафијашката организација Коза Ностра.

Самаркиу за порталот на Радио-телевизија на Црна Гора изјави дека Црна Гора се споменува на неколку страници во извештајот, дека бил споменат и Ѓукановиќ, но дека во овој момент е тешко да се дадат подетални коментари.

Според овој документ, Резарт Тачи соработувал со лица под истрага на полицијата во Италија, кои во јуни дошле во Албанија преку Црна Гора за да се договорат со него како да се водат операции.

Тие се сомничат дека соработувале за потребите на мафијашката организација Коза Ностра во перење пари – сума од 22.340.285 евра, преку Банк дело стато, потоа Алфа банка во Тирана и купување на аргентински обврзници.

Тачи со години е познат по бизнисот во нафтената индустрија и своевремено важеше за најбогат човек во Албанија. Извесен период беше сопственик и на италијанскиот фудбалски клуб Парма.

Во врска со овој судски документ од Палермо, порталот на Радио-телевизија на Црна Гора испрати прашања до Кабинетот на претседателот на Црна Гора, но, велат, се уште не добиле одговор.

Видео на денот