Милан Илиевски е новиот тренер на ФК Работнички, Баже Илијоски негов прв асистент

Пред скоро две недели од фудбалскиот клуб на Работнички објавија дека тренерската клупа ја напушти Љупчо Марковски.
Претходно Николче Шаркоски како слободен агент го облече дресот на „романтичарите“, потоа екипата забележа две победи, во Купот славеше против БВК Коњари, а во првенството триумфираше над прилепска Победа. А исто така во оваа пауза поради репрезентативните обврски, беше одигран и пријателски меч кој го загубија убедливо со 3:0 од Арсими.
Денеска Работнички го именуваше Милан Илиевски за нов шеф на стручниот штаб. Тој доаѓа во тандем со Баже Илијоски кој ќе биде негов прв асистент. Тие од утре ја преземаат должноста и ќе го одржат првиот тренинг со тимот. Поранешните истакнати фудбалери на Работнички сега се враќаат во нова улога.
Во стручниот штаб ќе бидат и Теодор Терзиев како кондициски тренер и Филип Ивановски кој ќе продолжи да работи со голманите.
Илиевски беше дел од стручниот штаб на Игор Ангеловски во А-репрезентацијата на Македонија која успеа да обезбеди пласман на Европското првенство 2020 година. Дебито на клупата ќе го има на прволигашкиот дуел против Брегалница во Штип следниот викенд.
Исто така со меѓусебен договор е прекината соработката со Горан Станковски кој ја извршуваше функцијата спортски директор на клубот.
– Му се заблагодаруваме на Горан Станковски за професионалниот однос и напорната работа во клубот во изминатиот период. ФК Работнички му посакува многу успех во натамошниот дел од кариерата – изјави претседателот на клубот, Драган Поповски.