Сцена од филмот „Бело се пере на деведесет“

Микрокосмос на едно семејство е прикажан во филмот „Бело се пере на деведесет“

Во рамките на програмата „МК во ЕУ“ на 24. „Синедејс“ се одржа проекција на филмот „Бело се пере на деведесет“ на режисерот Марко Набершник, а како гости на фестивалот дојдоа актерките Леа Цок и Аница Добра заедно со продуцентот Алеш Павлин од „Перфо продукција“ од Словенија.

Долгометражниот игран филм „Бело се пере на деведесет“ на режисерот Марко Набершник е реализиран како филмска копродукција во која учествуваат Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Северна Македонија и Црна Гора.

Премиерата на филмот се одржа на Сараевскиот филмски фестивал, потоа беше прикажан во Херцег Нови, каде Леа Цок и Аница Добра ја освоија наградата „Златна мимоза“ за најдобра женска улога, беше прикажан во Љубљана, додека проекцијата на „Синедејс“ се води како македонска премиера.

Филмот „Бело се пере на деведесет“ е трогателна, инспиративна и проткаена со хумор приказна за животот на Броња (ја игра актерката Леа Цок), додека ја следиме низ различни фази од животот. Како дете, таа ужива во истражувањето на светот со својот помлад брат Рок, и наоѓа утеха кај нејзината баба, Дада (ја игра Аница Добра). Но, нејзиното безгрижно детство завршува кога нејзината мајка ја губи битката со ракот, а во доцните тинејџерски години и таа самата мора да се соочи со подмолната болест, кога ѝ е дијагностициран Хоџкинов лимфом.

Приказната е заснована на вистински настани и адаптација на истоимениот роман на словенечката писателка Броња Жакељ. Филмот го прикажува патот до созревањето на Броња во текот на 80-тите и 90-тите години од минатиот век, преку нејзината лична трансформација, нудејќи им надеж и инспирација на гледачите.

– Првпат ми се случи откако го прочитав романот на Броња да помислам дека знам сѐ. Потоа, кога се подготвував за улогата преку ликот на Броња се запознавав и себеси. Со оглед на трагиката што ја носи, ликот не го доживеав како казна, туку како предизвик подлабоко да се запознаам себеси – рече актерката Леа Цок.

Заедничка фотографија на актерките Леа Цок и Аница Добра со македонските новинари

Фестивалските гости од филмот „Бело се пере на деведесет“ имаа многу непосредна, срдечна и искрена средба со новинарите кои ги следеа фестивалската програма и прес-активностите на „Синедејс“.

Домаќин на средбата беше македонскиот продуцент Томи Салковски од „Црна мачка продукција“. Тој објасни дека со словенечкиот продуцент Алеш Павлин се познаваат веќе триесетина години. Со оваа копродукција сакале да направат екс-ЈУ приказна која ќе асоцира на тие времиња, но не сакале да прават спектакл, туку посакувале филмот да ги спојува луѓето. Периодот на подготовка на филмот траел долго поради адаптацијата на романот, како и поради склопувањето на копродукциската конструкција.

Долго време траела и подготовката на актерката Аница Добра за улогата на бабата Дада. Поминала речиси година и половина од моментот кога го добила сценариото до моментот на снимањето на филмот. Уште при првото читање на сценариото доживеала неверојатно силна емотивна реакција за ликот. На почетокот се појавила дилема околу нејзината возраст, бидејќи требало да глуми лик што е постар од неа. Потоа се појавил проблем со јазикот и затоа морала да го научи не само словенечкиот јазик, туку и да зборува со љубљански акцент.

– Приказната прави сплет на драма и хумор, што ја прави препознатлива. Не сакавме да правиме спектакл, туку создадовме микрокосмос на едно семејство. Во подготовките за филмот имавме читачки проби за да ја најдеме тенката линија помеѓу патетиката и студената рационалност. Мислам дека не е добро ако премногу те обземат емоциите за улогата. Затоа секоја моја солза во филмот беше вистинска, немаше потреба да ја глумам. Секој од нас што учествувавме во снимањето на филмот доживеа некаква лична трансформација – објасни актерката Аница Добра.

Филмот ќе ја продолжи својата патека со проекции на филмски фестивали и во другите земји-копродуценти, а скопската публика повторно ќе може да го види кога ќе дојде фазата на кино-дистрибуција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот