Фото: Христијан Мицкоски / Фејсбук

Мицкоски за најавените преговори на ЕУ со Украина и со Молдавија: Кај нив опозицијата не работи против своите граѓани

По најавата дека од јули Европската Унија ќе почне преговори за сите области од пристапниот процес со Украина и со Молдавија, премиерот Христијан Мицкоски со коментар — „кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас“.

– И поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станува збор за стратешки прашања и за надворешни предизвици. Тоа не го направи претходната влада, која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија би рекол за да остане на власт. Граѓаните тоа го препознаа, ги казнија и ги испратија во опозиција, на следните избори ќе ги испратат и на политичките маргини, а за нив брзо ќе избледи политичката меморија и никогаш повеќе нема да ни се повторат – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по свеченото отворање на фабриката „Бреинчајлд“.

Тој истакна дека Владата ќе продолжиме да работи и да испорачуваме реформи, согласно „Планот за раст“.

– Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само ветуваме дека напорно ќе работиме, и работиме. Ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што многупати победувала во минатото – истакна Мицкоски.

Во врска со најавената реконстуркција на Владата, премиерот уште еднаш повтори дека во моментов тој лично и партијата што ја предводи се насочени кон одбележување на 36. роденден на ВМРО-ДПМНЕ, кој ќе се одржи на Градскиот стадион во Струмица на 17 јуни со почеток во 20 часот.

Тој рече дека не би сакал да навлегува во големината на реконструкцијата и оти повеќе би се задржал на нејзината содржина, но додаде дека за тоа ќе говори по партискиот роденден.

– Веќе од следниот ден ќе почнеме разговори со владините партнери околу реконструкцијата. Но, повторно ќе кажам повеќе би се задржал на содржината отколку на обемот на реконструкцијата. Бидете трпеливи. Станува збор за денови. Да ги отпочнеме разговорите, а потоа ќе можеме да зборуваме и за повеќе детали – изјави Мицкоски.

Промената на рејтинзите ги менува плановите за реконструкција — Мицкоски се радува дека Вреди е пред ДУИ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот