Миа Костова и Тијана Скулиќ / Фото: Инстаграм/Миа Костова

Миа Костова и Тијана Скулиќ купија плацеви во Соње и станаа сосетки: „Желбите се остваруваат само ако работиш на нив“

Инфлуенсерката Миа Костова и нејзината пријателка Тијана Скулиќ ја завршија 2025 година со значаен личен чекор – купување плацеви во Соње, и тоа еден до друг, со што официјално станаа сосетки.

Информацијата ја споделија преку социјалните мрежи, каде што открија дека плацевите се купени со сопствен труд и лични средства. Двете потенцираа дека станува збор за долго посакуван план, кој го реализирале самостојно и без финансиска поддршка од други лица.

Миа Костова во својата објава нагласи дека зад овој чекор стојат години работа, истрајност и трпение. Таа истакна дека резултатите не доаѓаат преку ноќ и дека промената на календарската година сама по себе не носи суштински промени, туку тие се резултат на континуиран ангажман.

„На моменти помислувам дека не знам како се најдов тука, со што заслужив сѐ што имам, но бргу ми текнува дека својот пат си го изодев чесно.

Чудно е што си ги гледам статусите од секоја година и колку и да ми била тешка – сум била многу благодарна што храбро сум ја поминала. Ни денес не ми е сѐ мирна вода, ама се носам со предизвиците, загубите, луѓето што излегле од мојот живот и просто не се јадам и окривувам, верувам во небото и верувам дека има зошто е тоа така.

Знам дека сите имаме една желба, таа е здравје и сите на број. Мојата е таа откако знам за себе. Никогаш немав големи соништа и баш затоа денес често мислам дека сонувам кога ми се остварува сѐ што сум мислела дека би било баш фино да е така – ама нема шанса. Има шанса. Верувајте ми на збор. Само наспроти сите лајф коучови ве советувам да сте многу истрајни и трпеливи. Желбите се остваруваат само ако работиш на нив, не ако премногу им веруваш и се надеваш некој тоа да го заврши за тебе.

Ве уверувам дека платата од 400 евра носи повеќе сила од куќата од тато и џипот од сопругот. Како остварена жена на секое поле можам да кажам дека нема ништо страшно и срамно во било која работа, нема ништо страшно во бидување сам кога така се случило ниту паника од чување дете со две блузички.

Работите не се менуваат со добра мисла од денес за утре. Ниту промената на годината нема да смени многу. Животот е вежбална. Нема резултати за две недели пред свадба. Резултатите доаѓаат со константност, истрајност и многу посветеност. И да згрешиш со руска, исправи се од понеделник. Среќна Нова другари и жени мои кои не сте свесни колку можете додека не пробате. 2025, ти се поклонувам“, напиша Костова на својот инстаграм-профил.

Миа Костова / Фото: Инстаграм/Миа Костова

Тијана Скулиќ, пак, соопшти дека на свои 30 години, со сопствен труд и „до денар“, купила имот и го започнува својот долгогодишен проект – изградба на куќа. Таа се заблагодари на соработниците за поддршката и најави продолжување на професионалните активности и проекти во новата година.

„Просто, од среќа, немам зборови! Годинава не можеше да заврши подобро од ова, благодарна сум ѝ на Миа што ми покажа дека сè во животот можам сама, со верба, труд и многу љубов – како и ова!

Благодарна на сама себе што сум тука, што на свои 30 години успеав со свој труд, до денар, да си купам имот и го почнувам мојот животен сон и најубав проект – куќата од соништата и секако кога сам го заработуваш и реализираш е многу помоќно од било што друго добиено во готово. Официјално сме комшики со Миа, кој сака нека честита.

Големо благодарам до сите мои соработници, за вербата и поддршката. Во новата продолживаме со нови идеи и успешни проекти. А ти Миа веќе си знаеш колку си посебна и им посакувам на сите во животот некој како тебе“, напиша Скулиќ во својата објава.

Фото: Инстаграм/Тијана Скулиќ

ФОТО+ВИДЕО | Миа Костова го прослави 41. роденден во интимна атмосфера со најблиските пријателки

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот