На Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица, „ТрансФормА“ повика на еднакви права, безбедност и поддршка во Македонија
Наместо марш, годинава ќе се одржи хуманитарен базар за обезбедување бесплатна психолошка и правна помош за транс заедницата во Македонија
На 31 март ширум светот се одбележува Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица — ден посветен на животите, искуствата и придонесот на транс луѓето, но и на предизвиците со кои тие секојдневно се соочуваат. Целта е да се подигне јавната свест, да се зајакне видливоста на транс заедницата и да се испрати порака дека достоинството, безбедноста и еднаквите права не смеат да зависат од родовиот идентитет.
Препорачано
По тој повод, иницијативата „ТрансФормА“ повика на поголема безбедност, достоинство и еднаков пристап до права за транс луѓето во Северна Македонија. Од организацијата посочуваат дека транс лицата во земјата и понатаму се соочуваат со дискриминација, насилство, институционални пречки и ограничен пристап до услуги и поддршка. Според нив, видливоста не значи само препознавање, туку и обезбедување услови за достоинствен и безбеден живот.
Годинава, наместо традиционален марш, одбележувањето ќе се реализира преку хуманитарен базар, со цел да се обезбедат средства за продолжување на бесплатната психолошка и правна помош, како и за активности насочени кон јакнење на транс заедницата.

Под мотото „Ние сме дел од ова општество“, ТрансФормА порачува дека транс луѓето живеат, работат, создаваат и придонесуваат во земјата, и дека не се на маргините, туку се активен дел од заедницата кој заслужува достоинствен и безбеден живот.
Во реакцијата се нагласува и дека во јавниот простор сè почесто се појавуваат дезинформации, говор на омраза и анти-родови наративи, додека насилството, дискриминацијата и институционалното непостапување остануваат реалност за многу транс лица. Од иницијативата оценуваат дека ваквата состојба дополнително се одржува поради неказнивост и недоволна системска заштита.
Дополнително, оттаму потсетуваат дека и седум години по пресудата на Европскиот суд за човекови права, државата сè уште нема воспоставено јасна и достапна постапка за правно признавање на родот, што, според нив, значи дека транс лицата остануваат без целосна правна сигурност.
ТрансФормА апелира до институциите, медиумите и јавноста да придонесат кон создавање општество во кое транс луѓето ќе можат да живеат без страв, со чувство на припадност и со еднакви права.
Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица се одбележува секоја година на 31 март и има за цел да ја истакне видливоста на транс заедницата, да ја подигне свеста за дискриминацијата со која се соочуваат транс луѓето и да го одбележи нивниот придонес во општеството.
Овој ден е инициран од трансродовата активистка Рејчел Крандал од Мичиген во 2009 година, како одговор на недоволната видливост на транс луѓето во рамките на ЛГБТК+ заедницата. Повод за иницијативата било тоа што единствениот пошироко препознаен ден посветен на транс лицата бил Денот на сеќавање на трансродовите лица, кој се фокусира на жртвите на насилство, но не ги истакнува живите членови и нивниот придонес. Во Северна Македонија, Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите лица за првпат беше одбележан на 31 март 2019 година.


