Маж кој ја демнеше Били Ајлиш загина откако бил удрен од воз
Маж кој претходно ја демнеше поп-ѕвездата Били Ајлиш загина во Њујорк, откако бил удрен од воз на линијата Лонг Ајленд Рејл Роуд.
Препорачано
Станува збор за Пренел Русо, кој трагично го загубил животот во раните утрински часови на 25 март, во местото Вестбери на Лонг Ајленд. Според надлежните, несреќата се случила околу 5:30 часот, кога тој се движел по или во непосредна близина на железничките шини.
Истражителите засега случајот го третираат како несреќен случај.
Русо ѝ стана познат на јавноста откако во 2020 година повеќепати се појавувал пред домот на пејачката во Лос Анџелес. Според судските документи, неговото однесување било оценето како непредвидливо, а семејството на Ајлиш побарало и добило судска забрана за приближување.
„Додека ја чекавме полицијата, господинот Русо остана на нашиот трем. Седна и почна да чита книга, а во исто време повремено продолжуваше да води монолог“, навела Ајлиш во судските документи.
„Мојот татко повеќепати го замоли да си замине, но тој одби“, додала таа.
Таа и нејзиното семејство биле дополнително вознемирени и затоа што во пет од седумте наврати Русо не носел заштитна маска за време на пандемијата со ковид-19.
Според судските документи, Русо добил тригодишна забрана за приближување кон пејачката.
И покрај тоа, тој продолжил да објавува пораки на својот профил, насочени кон Ајлиш. Во една од нив, објавил и цртеж од неа, проследен со навредлива порака.
Според информациите, железничката линија Лонг Ајленд Рејл Роуд е најпрометната приградска железница во Северна Америка. По несреќата, околу 100 патници биле пренасочени во друг воз за да го продолжат своето патување.


