Маричиќ се сретна со германскиот пратеник Рот: Планот на ЕУ значи брзи реформи кои ќе значат брзо членство

Фото: СЕП

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ се сретна со Михаел Рот, пратеник и претседател на Комисијата за надворешна политика во германскиот Бундестаг на маргините на Форумот на граѓанско општество – Тирана 2023. Од Секретаријат за европски прашања информираат дека во фокус на средбата биле европската перспектива на регионот, новиот план за забрзување на пристапните преговори со ЕУ и важноста од унапредување на регионалната соработка.

-Пораката од средбата е дека планот на ЕУ значи брзи реформи кои ќе значат брзо членство и дека со тоа ЕУ нуди можност некои придобивки од членството да ги имаме и пред тоа, со одредени обврски, што е ретка шанса која треба да се искористи, се вели во соопштението.

Маричиќ порачал дека со заеднички ангажман и соработка, Западен Балкан и ЕУ, можат да изградат безбедна напредна и развиена Европа.

На средбата, Маричиќ посочил дека Владата прави напори да ја задржи динамиката на процесот и Македонија да ги продолжи преговорите со државите од соседството, за што, како што рече, од исклучителна важност е поддршката која ја имаме од Сојузна Република Германија.

Во таа насока претседателот на Комисијата за надворешни работи во германскиот Бундестаг и поранешен министер за Европа во германското МНР, Рот посочил дека е важно за стабилноста на целиот регион Македонија да ги заврши обврските и да остане активна во процесот на преговори, укажувајќи дека поставувањето на датум е јасен сигнал дека ЕУ има цел 2030 да биде година за ново проширување.

Во пресрет на Самитот на лидери на Берлинскиот процес Маричиќ и Рот разговарале и за потребата од поголем фокус на регионалната соработка која треба да го забрза регионалниот развој и процесот на интеграција во единствениот пазар.

Берлинскиот процес влегува во нова фаза и се очекува да напредува и многу повеќе да придонесе за забрзување на ЕУ интеграцијата на регионот, беше заклучено на средбата.

Во Тирана денеска почнува Самитот на Берлинскиот процес, на кој албанскиот премиер Еди Рама ќе биде домаќин на лидерите на Балканот и на ЕУ, на кој ќе учествува и вицепремиерот Маричиќ, како дел од македонската владина делегација предводена од премиерот Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот