Мандалиниќ: Битола живее за спортот, за ракометот

Екипата на Еурофарм Пелистер од вчера ги започна подготовките за вториот дел од сезоната во која битолчани ги очекуваат настапи во Лигата на Европа како и во домашните натпреварувања.

Еден од предводниците на тимот предводен од Жељко Бабиќ ќе биде и Стипе Мандалиниќ кој задоволен од своите играчи но и од престојот во Битола, кон крајот на годината го продолжи договорот до 2021 година.

– Првите шест месеци во Битола за мене беа едно убаво искуство. Немавме многу натпревари, не можевме добро да влеземе во форма, но во екипата гледам многу потенцијал и добро работиме и тренираме. Мојот впечаток за овие шест месеци е многу позитивен. Што се однесува до градот, градот е мал, но има душа. Живее за спортот, посебно за ракометот. Тука е одлично за моето семејство, во овој град се пронајдов, среќен сум во Битола и така ја договоривме соработката за следната сезона. Клубот се стреми за големи цели, почнувајќи од тренерот и стручниот штаб. Откако размислив и се консултирав одлучив да ја продолжам соработката.

Целите на екипата во вториот дел од сезоната се највисоки иако Мандалиниќ малку стравува од збиениот календар.
– Во вториот дел од сезоната натпреварите се збиени. Ќе има многу натпревари, но не ме плаши збиениот календар, бидејќи играв во Бундеслигата, каде што се играат три натпревари неделно. Треба многу да се работи и да бидам искрен, го гледам тимот многу високо. Како ќе оди текот на сезоната ќе видиме, но одиме натпревар по натпревар – вели Мандалиниќ.

Минатата, но и оваа година спортот ќе помине во знак на пандемијата на коронавирусот. Во првиот дел од сезоната, натпреварите во сите спортови се играа пред празни трибини или пред мал број на гледачи, а така ќе биде и во вториот дел од сезоната што ќе ги остави екипите, па така и пелистерци без посакуваната поддршка од верните навивачи.
– За навивачите на Пелистер сум слушал од многумина, гледав и неколку натпревари на Интернет, минатата сезона против Веспрем и Мешков Брест, и тоа е навистина атмосфера која ти дава „ветер во грб“, баш кога треба да го прекршите натпреварот. Секому му недостигаат, но нам посебно. Таква публика со таков ентузијазам посебно ќе ни фали на големите натпревари. Но, ние може да им ветиме и ним и на граѓаните на Битола дека на секој натпревар ќе го дадеме максимумот.

Стипе Мандалиниќ го продолжи договорот со Е. Пелистер

Еурофарм Пелистер цели кон титулите и нокаут-фаза во Лига Европа

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот