Македонски дипломатски синдикат: Лицемерна е изјавата на Османи за корупцискиот скандал со службени возила во МНР

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија Фото: МИА

Македонскиот дипломатски синдикат со соопштение до јавноста реагира на изјавата на министерот Бујар Османи дека нема извештај за злоупотреба на службени возила за време на локалните избори во 2021 година, особено што Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) тврди дека има докази за тоа. Според Синдикатот, лицемерна е изјавата на Османи дека „како и секој друг човек имал право на пауза за одмор“.

– Големо лицемерие е да се каже дека тој „како и секој друг човек има право на пауза за одмор“ кога одморот во работно време го користел за партиски активности. Османи многу добро знае дека вакво нешто ни случајно не им е дозволено на дипломатите во МНР, кои согласно прописите не смеат да помислат на партиски активности во работно време, па дури често пати незаконски биле дисциплински гонети за настапи во јавност за време на викенд, што инаку не е забрането. Што би рекле старите Латини: „Quod licet Jovi, non licet bovi” („Што му е дозволено на Јупитер, не му е дозволено на волот“)!, пишува во реакцијата од Синдикатот.

Оттаму уште информираат дека веќе трета година без успех бараат од Османи да ја објави листата на корисници на седумдесетината паркинг места во сопственост на МНР.

– Спискот упорно се држи во тајност, иако паркингот е сопственост на Министерството и треба да им служи на вработените, јавно и под јасни критериуми, се разбира. Такво нешто, за жал, не постои и згора на тоа, како Синдикат имаме информации дека картички за користење на паркингот на МНР имаат и лица надвор од нашата институција. Доколку е точно, ова исто така претставува коруптивна активност, можеби не директно за пари, но за купување влијание секако – велат од Синдикатот.

Во реакцијата членовите на Македонскиот дипломатски синдикат се повикуваат и на извештај на Центарот за граѓански комуникации од минатата година дека МНР е најнетранспарентно министерство во Македонија и велат дека Османи упорно ги игнорира сите прашања на вработените и Синдикатот врзано за социјално-економски, финансиски, здравствени и професионални права.

– Во МНР е сѐ обвиткано со вел на тајна. Така, тој упорно одбегнува да ни појасни по кој основ било определено дека износот на К-15 ќе изнесува 9.000 денари, кога законските прописи кажуваат дека регресот изнесува 40% од просечната плата, што изнесува околу 4.000 денари плус. Кога тие пари ќе се помножат со бројот на вработени, се доаѓа до сумата од 20-30.000 евра, незаконски одземени од вработените – додаваат од Синдикатот.

Инаку, ДКСК вчера ја демантираше изјавата на министерот Османи во која тој вели дека во МНР нема Извештај којшто покажува дека била направена злоупотреба на возила за партиски цели. Извештајот констатира дека во предизборниот период МНР имало 15 свои возила и две позајмени од Агенцијата за разузнавање и оти нема евиденција, ниту може да се докаже колку гориво е потрошено.

ДКСК своите наводи ги темели на издадениот Конечен извештај од извршната ревизија на регуларност на искажаните трошоци за службените возила во МНР од 1 август до 31 октомври 2021 година (во изборен процес).

„Во извршното резиме до министерот, наведени се состојби кои укажуваат дека нема определено надлежно лице за водење евиденција на возила, опрема и нивно сервисирање. Нема евиденција за лице кое управува со службено возило, ниту се прават патни налози за поминати километри. Одредени корисници на служени возила немаат обезбедено и доставено уредни и веродостојни сметководствени документи до секторот за финансиски прашања“, се наведува во соопштението на ДКСК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот