Македонската снукер експедиција бара помош да се врати безбедно!

фото: фејсбук

Нашите натпреварувачи во Португалија штотуку вкусија како е да се биде на едно Европско првенство, а сега се соочуваат со проблеми и апелира за помош од институциите.

Голем на спортски натпреварувања се одложуваат поради коронавирусот, но Европското првенство во снукер во Португалија е еден од ретките спортски настани кои не се откажани.

На ова ЕП настапија и македонските снукер учесници и го стекнаа искуството од прво учество на вакви големи натпреварувања.

Но, сега огромен притисок и проблем за играчите, но и за одговорните лица направи и моменталната светска ситуација. Откажани летови, откажани резервации и букирани карти, рестрикции со багажот и слично се само еден дел од компликациите кои произлегоа од пандемијата.

Снукер Асоцијацијата на Северна Македонија преку својата фејсбук страница испрати апел до сите надлежни институции и амбасади кои веќе се контактирани од нивна страна.

фото: фејсбук
фото: фејсбук
фото: фејсбук

– Во моменти кога светот се соочува со здравствена криза, снукерот на европското првенство во Албуфеира, Португалија со намален капацитет сепак продолжи да пркоси на психолошкиот притисок од секојдневните известувања за зголемен ризик, зголемена бројка на новозаразени од вирусот итн.

Во текот на вчерашниот ден, македонците Павле Данилов и Влатко Јанев, кои беа учесници во категоријата Сениори, ги одиграа своите натпревари достоинствено и најдобро што можеа и иако во скратен формат на турнир од ваков калибар, го стекнаа искуството од првото учество на Европско првенство.

Прв започна Влатко Јанев против младиот Патрик Тихонен од Финска. Со резултат од 3 спрема 0 за финецот, и по еден брејк од 57 поени во вториот фрејм, и 56 поени во третиот фрејм, покажа дека снукерот во финска се негува доста сериозно уште од мали нозе.

Данилов првиот натпревар го играше против французинот Фабијан Монин кој триумфираше со 3-1 во фрејмови. Но сепак Павле успеа да го освои 3-от фрејм и да ја запише историјата на прв македонец кој освоил фрејм на европско првенство во категорија Сениори.

Вториот натпревар за Јанев беше поуспешен и со доста потесен резултат во поените во фрејмови. Иако не успеа да го победи мечот против шкотланѓанецот Гери Хендри, Јанев успеа да го освои 3-от фрејм со тесна разлика од 44-50 во крајниот резултат и докажа дека нашите учесници имаат само недостаток од искуство но не и храброст и пркост да се спротивстават на било кој противник.

Следен на ред беше вториот натпревар за Данилов против младиот русин Иван Каковски. Русинот ја однесе победата со 3-1 во фрејмови и брејк од 58 поени во третиот фрејм. Данилов успеа да го освои вториот фрејм во мечот и воедно втор освоен фрејм на турнирот за него со солидни 62 поени наспроти 42 за русинот.

Третиот и последен натпревар за Влатко Јанев беше против русинот Алексеј Корен кој триумфираше со 3-0 и тоа со доста високи поени во сите фрејмови а тоа може да се види и од тоа што 41 поен во првиот и 44 поени во третиот фрејм за Влатко Јанев не беа доволни за освојување на фрејмовите. Сепак храбро и со достоинство Јанев се бореше до крајот. Иако без победа, стекна огромно искуство и надеж следната година со уште подобар тренинг и напорна работа да учествува и да стигне до далеку поголем успех.

Третиот натпревар за Данилов беше против чехот Осип Зусманович. Данилов започна фуриозно со водство од 2-0 по првите два фрејма, и загуба на третиот само за 8 поени разлика. Во четвртиот фрејм чехот веќе стекна самодоверба и го изедначи резултатот на 2-2 а во 5-от фрејм тој преовлада со високи 76 поени и со тоа триумфираше со тесна победа од 3-2 во негова полза.

Огромен притисок и проблем за играчите но и за одговорните лица на Снукер Асоцијацијата на С. Македонија направи и моменталната светска ситуација со пандемија од корона вирусот. Откажани летови, откажани резервации и букирани карти, рестрикции со багажот и слично се само еден дел од компликациите кои произлегоа од пандемијата. Впрочем целата ситуација стана многу сериозна и враќањето на нашите играчи и судијката Ана Србиновска (која е на првенството од самиот почеток) доби приоритет и согласно сите препораки, се превземаа мерки за што поскоро тие да се вратат во нашата држава и своите домови. Тие веќе патуваат и се надеваме дека согласно плановите и распоредот на превозот тие веќе утре ќе бидат успешно пристигнати дома.

САСМ сака да испрати апел до сите наши надлежни институции и амбасади кои веќе се контактирани од наша страна, максимално да ни помогнат во безбедно враќање на нашите спортски амбасадори. Да сториме што е во наша моќ, првото нивно учество на Европско Првенство да остане во убаво сеќавање и позитивен исход од целата авантура.

Тие за сите нас се големи победници без разлика на скромните резултати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот