Македонската филхармонија ќе го одржи концертот „Нови хоризонти“ со врвниот пијанист Алим Беисембајев
Оркестарот на Македонската филхармонија на 26 февруари, со почеток во 20 часот, ќе го одржи симфонискиот концерт насловен „Нови хоризонти“ на кој како солист ќе настапи Алим Беисембајев од Казахстан, еден од најдобрите млади пијанисти во моментов на светската музичка сцена.
Препорачано
Диригент на концертот ќе биде маестро Емил Табаков, а на програмата се Концерт за пијано и оркестар бр. 1 во бе-мол, оп. 23 од П. И. Чајковски, Суита бр. 2 „Ромео и Јулија“ од Сергеј Прокофјев.
Алим Беисембајев ја освои Првата награда на Меѓународниот пијанистички натпревар во Лидс во септември 2021 година, изведувајќи ја Рапсодијата на тема од Паганини од Рахмањинов со Кралскиот филхармониски оркестар од Ливерпул, а ја доби и Наградата на публиката на „Медичи.тв“, како и Наградата на Кралското филхармониско друштво на Ливерпул за современа изведба. Toa се само неколку од признанијата за овој извонреден пијанист.
Како актуелен уметник од програмата „Би-би-си њу генерејшн артист“ (BBC New Generation Artist, 2023 – 2025), Алим доживеа значаен меѓународен пробив со своето деби на Би-би-си промс, каде настапи со „Симфонија од Лондон“ под водство на Џон Вилсон, прифаќајќи го настапот со само два дена најава. Магазинот „Релеграф“ за него напиша: „Нема пијанист под 30 години во светот кого би сакал повеќе да го слушам.“
Меѓу значајните оркестарски настапи се вбројуваат концертите со Симфонискиот оркестар на Би-би-си, Филхармонискиот оркестар на Би-би-си, Чешката филхармонија, Симфонискиот оркестар на Барселона, Симфонискиот оркестар на SWR Штутгарт, Националниот симфониски оркестар на Индија, Државниот академски симфониски оркестар на Русија „Евгениј Светланов“, како и симфонискиот оркестар Форт Ворт (САД), меѓу многуте други.
Во декември 2022 година, издавачката куќа „Ворнер класикс“ го објави неговиот деби-албум „Лист: Трансцендентални етиди“, кој ги содржи сите дванаесет етиди на Франц Лист и беше пречекан со одлични критики.
Роден во Казахстан во 1998 година, Алим ги започнал своите музички студии во „Purcell School“, каде што освоил повеќе награди, меѓу кои и Првата награда на „Junior Cliburn International Competition“. Учел кај Теса Николсон, со која продолжил да работи и на Кралската академија за музика во Лондон. Во 2023 година ги завршил магистерските студии и Artist Diploma по изведба на Кралскиот колеџ за музика, под менторство на професорката Ванеса Латарш.
Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија студирајќи контрабас на Гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на Одделот по композиција. Една година пред тоа, Табаков ја освојува првата награда на натпреварот за млади диригенти „Николај Малко“ во Копенхаген и оттогаш неговата кариера рапидно расте.
Досега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…
Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за различни инструменти, на дела различни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент.


