МАКЕДОНКИТЕ ТРПАТ НАСИЛСТВО: Познати функционери ги тепале сопругите, меѓу нив и еден градоначалник

Фото: илустрација

Под мотото „Обојте го светот портокалово: Генерацијата еднаквост против силувањето”, денеска се одбележува меѓународниот ден за борба против насилството врз жените годинава.

Се малтретираат сите, од необразовани рурални жени, до жени на функционери

Економската зависност на жената раѓа насилство, поради што најчесто жртви на семејно насилство се невработени жени, кои и покрај малтретирањето, сепак се враќаат кај насилникот, со што си го изложуваат животот на опасност, вели претседателката на Организацијата на жени на Град Скопје, Томка Дилевска.

– На СОС линијата 15 700, која функционира веќе 29 години, секој ден имаме околу 8 пријави, од кои 5 секогаш се во ноќните часови, по што, доколку се работи за телесна повреда секогаш ѝ излегуваме во пресрет на жртвата. По направен лекарски преглед, жртвите на семејно насилство ги сместуваме во нашиот шелтер центар каде што имаат можност да останат од 1 до 12 месеци. Од почетокот на 2019 година во шелтерот се сместени 10 жени и 12 деца, а лани беа сместени 30 жени и 18 деца. Но, проблемот се јавува по напуштањето на шелтерот, кога 80 проценти од жртвите се враќаат кај насилникот, поради економската зависност од мажот – објаснува Дилевска.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески
СОС линијата заѕвони за време на нашето интервју

Иако во јавноста се верува дека само необразовани мажи од рурални средини ги тепаат жените, Дилевска ни открива дека кај нив се обраќаат и жени на познати функционери, од кои една жена на градоначалник дошла претепена. И не е единствена.

Во шелтер центарот веќе 9 месеци престојува мајка на девет деца, со нејзините три најмали деца. Таа е жртва на сексуално и физичко насилство од нејзиниот сопруг. Можноста да престојува таму истекува за само три месеци, по што нејзината судбина е неизвесна.

– Само во Македонија жртвите се тие кои претепани, силувани и психички истрошени се приморени, некогаш и со мали деца да излезат од семејната куќа, дури и на полноќ, барајќи спас од ќотекот. Организацијата на жени на Град Скопје апелира до Министерството за труд и социјална политика да обезбеди центар за мажи-насилници, кои треба да го напуштат домот, а не жртвите – велат од ОЖС.

Фото: Слободен печат/ Д. Митрески
Томка Дилевска- претседателка на ОЖС

Позитивни примери за малтретирани жени, кои на крајот излегле победнички

Со цврста воља и желба да се извлечете од пеколот, ама и со наша помош, а можам да кажам и со Божја помош, се случуваат чуда, вака Томка ја започнува приказната за 18-годишна девојка, која била постојано малтретирана откако забременила со женско дете. Партнерот, сакајќи да има син, ја принудувал на абортус, а родителите ја избркале од семејниот дом. Помош побарала од ОЖС, каде што и помогнале и покрај ризичната бременост и сериозноста на повредите да роди здраво дете. Иако првично сакала да го даде на посвојување, подоцна се премислила, а сега нашла мајка и татко во луѓето кај кои живее под кирија, кои за неа и нејзината ќерка се грижат како за свои деца, а таа работи на проект во Црвениот крст.

Друга жена херој е мајка на три деца која сопругот ја тепал и покрај дијагностицираниот рак на дебело црево, и бели дробови. По добивањето на хемотерпијата, таа успева да ја победи болеста и да се вработи, за конечно да почне да живее слободен живот.

Бројките се поразителни

Според податоците од ОН, поразителни се бројките за насилството врз жените и девојчињата во светот, кои покажуваат дека секоја трета жена и девојче биле жртви на физичко или сексуално насилство, најчесто од страна на партнерот.

Во Македонија, само во првите 9 месеци од 2019 година, пријавени се 709 кривични дела од областа на семејното насилство, од кои, 610 биле жени жртви. Семејното насилство и насилството врз жени несразмерно повеќе ги погодува жените, токму поради тоа што се жени, информираат од Хелсиншкиот комитет на Република Македонија.

Од таму потенцираат дека истражување на ОБСЕ покажува дека „само два отсто од жените кои доживеале насилство од сегашен партнер, го пријавиле во полиција, како и дека тоа зборува дека бројката на жени кои трпат насилство е многу повисока од официјалните статистики.

Најизложени на насилство се сексуалните работнички

Најголеми жртви на сексуално и физичко насилство, според податоци добиени од ХОПС- опции за здрав живот се сексуалните работнички. Покрај малтретирањата кои ги трпат од нивните клиенти, тие се единствените кои трпат насилство, малтретирање од омраза од луѓе кои не ги познаваат, само поради изборот на нивната професија.

– Искуствата од досегашната директна работа со сексуалните работнички укажуваат на тоа дека тие се соочуваат со насилство и сериозни прекршувања на нивните права од страна на институциите и на трети лица. Истражувањата спроведени на територија на Град Скопје покажуваат дека единствено сексуалните работнички се жртви на насилство од омраза на јавен простор. Во случаите на повреди на нивните права, тие имаат ограничен пристап до правдата, а често и државните институции се прекршители на нивните права – велат од ХОПС, и потсетуваат дека и сексуалните работнички се жени, и ако се зборува за елиминирање на насилството врз жените, никако не смеат да биде заборавена оваа категорија.

Пример кој го посочуваат од ХОПС, а не би смел да се повтори, е нападот на млада сексуална работничка од пред десетина дена, во кој жртвата била ограбена, исечена по двете раце и силувана.

Меѓународниот ден за борба против насислтво врз жените ќе го означи отпочнувањето на 16 дена активизам во паркот на жената борец, денеска од 19 часот, со слоган „#НемаОправдување – заедно против насилството врз жените и девојчињата“.

Фото: Слободен печат/ Е. Бејкова

Кампањата ќе заврши на Меѓународниот ден на човековите права, на 10 декември 2019.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот