Македонија ќе има претставник во стрелаштво на ЛОИ 2020, Борјан Бранковски: Настапот на Олимписките игри во Токио е остварување на сонот

Фото: Македонска Спортска Стрелачка Федерација
Македонската експедиција на Летните олимписки игри во Токио ќе има осум претставници, а еден од нив е и Борјан Бранковски кој ќе се натпреварува во спортско стрелаштво – воздушен пиштол на 10 метри.

 

Со Бранковски, Македонија повторно има натпреварувач во спортско стрелаштво по Дивна Пешиќ која настапи на Олимписките игри во 2000 во Сиднеј и во Атина 2004 година. За разлика од Пешиќ која се натпреваруваше во воздушна пушка, Борјан Бранковски се натпреварува со воздушен пиштол на 10 метри.

Бранковски на ЛОИ оди со исполнета Б-норма, односно вајлд-карта, која му ја додели трипаритетна комисија, како резултат на досегашните постигнати резултати во дисциплината воздушен пиштол на 10 метри. Тој досега трипати успеа да ја исполни олимписката норма, која изнесува 563 круга.
Првпат на СК во Минхен во 2018 годинана, потоа СП во Јужна Кореја во 2018 година, каде што го освои 66-то место, како и на вторите Европски игри во Минск во 2019 година. Борјан ќе настапи меѓу првите македонски спортисти во Токио, веќе на 24 јули ќе ги започне квалификациите во воздушен пиштол.

Настапот на Олимписките игри во Токио значи остварување на сонот, но во исто време конечно макотрпната работа од 10 години тренинзи и настапи на Европски, Светски првенства се исплатеше и стигнав до настап на Олимписки игри – вели Бранковски за „Слободен печат“ кој не сака да се задоволи само со настап на Игрите во Токио.

Тој цели повисоко покрај вообичаената желба на најголем дел од македонските натпреварувачи кои ќе настапат во Токио.

По сите подготовки и настапи кои ги имав пред ОИ, очекувам место во финалето, очекувам да го подобрам својот личен рекорд кој изнесува 572 поени, но повторно ќе кажам, посакувам пласман во финалето иако знам дека против себе ќе ги имам најдобрите стрелци во својата категорија – смета Бранковски на кого оптимизам му влеваат и добро одработените подготовки.

Фото: Македонска Спортска Стрелачка Федерација

– Подготовките поминаа супер, бевме на неколку места низ Македонија, Охрид, Битола, Прилеп и задоволен сум како ги сработивме подготовките и тоа ми влева оптимизам во настапот во Токио.

26-годишниот Борјан во стрелаштвото се вљуби пред десетина години, и од хоби денеска дојде да биде македонски претставник на Олимписки игри. Борјан Бранковски е член на стрелачкиот клуб „Стрелец“ од Скопје од каде што произлегуваат многу стрелци од сите категории и дисциплини кои исполнуваат високи резултати и олимписки норми

Се започна како хоби пред 10 години. Но, со тек на време стрелаштвото прерасна во љубов. Работев заедно со тренерот Јордан Тасевски, почнав да одам на натпревари низ Македонија но и во странство по што резултатите стануваа се подобри и едноставно се вљубив во овој прекрасен спорт – вели Борјан Бранковски, првиот македонски претставник во дисциплината воздушен пиштол 10 метри.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот