Фото: PickPik

Луѓето губат до пет сантиметри во висина со возраста: Кога е тоа нормално, а кога е алармантно?

Борбата со гравитацијата започнува тивко, но во моментот кога полицата што била лесно достапна со години, одеднаш станува недостижна, телото испраќа јасен сигнал дека скелетниот систем се менувa.

Најдраматичниот скок во висина: Кога телото расте најбрзо

Губењето на висината со возраста не е само субјективно чувство или трик на огледалото, туку документиран биолошки процес. Повеќето луѓе почнуваат да губат во висина по 40-тата година од животот, а овој тренд обично се забрзува со секоја наредна деценија, објави Клиника Кливленд.

Иако минималното намалување на телото е дел од физиолошкото стареење, значајните промени можат да бидат ран аларм за сериозни состојби како што се остеопороза и слабеење на коскениот систем.

Зошто телото се намалува со годините

Во врска со намалувањето на висината, клучно е да се направи разлика помеѓу природното стареење и патолошките промени што бараат лекарска помош.

– Телото природно се трансформира со текот на времето, при што коските, мускулите и зглобовите доживуваат кумулативни промени. Некои од тие промени можат да ве чинат „мала висина“ – вели д-р Аби Абелсон, специјалистка за ревматологија и члека на Американскиот колеџ за ревматологија.

Неколку клучни фактори директно влијаат на тоа колку луѓето ќе „изгубат“ во висина, а тие често се одвиваат симултано, засилувајќи го крајниот ефект.

1. Губење на коскената маса

Губењето на коскената густина е директно поврзано со стареењето и може драстично да го ослаби скелетот. Во ‘рбетниот столб, овој процес води до постепено истенчување на пршлените. Посебна опасност претставуваат таканаречените компресивни фрактури – ситни пукнатини во коските што се појавуваат под притисок на сопствената тежина на телото.

– Кога пршлените ќе ја игубат висината, целиот ‘рбетен столб станува пократок. Резултат? Веќе не сте толку високи – објаснува д-р Абелсон.

Губењето на висината не треба да се гледа како неизбежен дел од стареењето

Значителното губење на висината со стареењето може да биде примарен индикатор за остеопороза, состојба што драстично го зголемува ризикот од фрактури на колкот или зглобовите, што во староста често води до долготрајна имобилизација и компликации.

2. Компресија на дисковите во ‘рбетот

‘Рбетот се состои од пршлени меѓу кои се наоѓаат дискови – структури слични на перничиња исполнети со супстанција слична на гел што служи како амортизери. Со текот на времето, овие дискови губат вода и еластичност, станувајќи потенки и посплескани.

– Бидејќи ‘рбетот е составен од голем број од овие елементи, дури и микроскопско намалување на секој поединечен диск може да доведе до забележително намалување на вкупната висина – истакнува д-р Абелсон.

3. Слабеење на мускулите

Иако мускулите не се дел од скелетот, нивната улога во одржувањето на висината е пресудна. Губењето на мускулната маса (саркопенија) го менува држењето на телото, правејќи личноста да изгледа пониско отколку што објективно е. На пример:

– Слабите мускули на грбот и трупот можат да доведат до подгрбавена положба на телото.
– Намалената мускулна поддршка околу ‘рбетот ја прави закривеноста на ‘рбетот поврзана со стареењето многу позабележителна.
– Слабоста на мускулите може да ја влоши рамнотежата и обрасците на движење, што го менува исправениот став.

– Кај постарите лица, губењето на мускулите често се појавува заедно со компресијата на дискот и остеопорозата – така што комбинираниот ефект може да го направи губењето на висината уште позабележително – забележува д-р Аби Абелсон.

4. Анатомија на стапалото и „скриени“ милиметри

Промените не се случуваат само во горниот дел од телото. Лаковите на стапалата придонесуваат за вкупната висина при стоење, но со возраста лигаментите и тетивите го губат тонусот.

Лаковите на стапалата придонесуваат за вкупната висина, но со возраста лигаментите и тетивите го губат тонусот.

Како што лакот се спушта, стапалото се сплескува и се наоѓа поблиску до земјата. Ова е една од причините зошто чевлите стануваат тесни со возраста, но тоа исто така значи и неколку милиметри помалку од вкупната висина.

– Иако ова е губење од само неколку милиметри, во комбинација со промените во ‘рбетот, тоа придонесува за целокупниот впечаток за намалување на телото – вели д-р Абелсон.

Граница на нормала: Колку сантиметри се премногу

Иако се очекува одредено намалување на висината со возраста, постојат јасни граници. Во медицинската пракса, типичното губење на висината е помеѓу 1,27 и 2,54 сантиметри, што се смета за природна последица од абењето на зглобовите и дисковите. Сè што е над овие вредности бара ревматолошка евалуација.

– Сум видел пациенти кои велат дека изгубиле 3, 4 или 5 сантиметри во висина и мислеле дека тоа е природна последица од стареењето. Но, не е – предупредува д-р Абелсон.

Превенцијата започнува децении пред да се изгуби првиот сантиметар

Таквото значително губење на висина може да биде црвено светло за остеопороза, особено ако се случи брзо или е поврзано со згрбавено држење. Проблемот е што многу пациенти со компресивни фрактури на ‘рбетот не чувствуваат болка, па затоа губењето на висината останува единствениот видлив знак дека коските се влошуваат пред да дојде до фрактура.

– Затоа е важно да се обрне внимание на промените во висината, особено ако изгледаат драстични – советува д-р Аби Абелсон, раководителка на Одделението за ревматологија во Клиниката Кливленд.

Може ли да се забави губењето на висината?

Иако стареењето е неизбежно и биолошкиот часовник не може да се запре, начинот на живот диктира колку силни ќе останат коските. А, ова значи дека брзината на губењето на висината може значително да се забави со дисциплинирани навики.

Д-р Абелсон нагласува дека превенцијата започнува децении пред да се изгуби првиот сантиметар, а следните чекори се клучни за одржување на висината:

Калциумот како основа: Калциумот е структурна основа на коските. Возрасните треба да се стремат кон внесување 1.000 до 1.200 милиграми калциум дневно преку исхраната (млечни производи, лиснат зеленчук, бадеми) или суплементи.

– Витамин Д: Без него, калциумот не може да се апсорбира. Редовната проверка на нивото на витамин Д е клучна, особено во зимските месеци.

Физичка активност против гравитацијата: Коските се зајакнуваат под оптоварување. Одењето, трчањето, аеробикот или тренингот за сила (кревање тегови) ги „тераат“ мускулите да работат против гравитацијата, што директно ги стимулира коските да останат густи и силни.

Елиминација на факторите на ризик: Пушењето директно придонесува за губење на коскената маса, додека прекумерното внесување алкохол ги ослабува коските и го зголемува ризикот од паѓања и фрактури.

– Малите промени рано во животот можат да направат голема разлика подоцна. Клучот е да се спречи губење на коскената маса и фрактурите со решавањето на факторите што можат да се контролираат – нагласува д-р Абелсон и додава:

– Исто така,  достапни се лекови за да помогнат во спречувањето на фрактури кај луѓето со остеопороза. Но, животните навики остануваат клучен дел од превенцијата на која било возраст.

Кога да се обратите кај лекар поради губење на висината?

Секое губење на висина поголемо од 2,5 сантиметри бара проверка на здравјето на коските. Скринингот може да помогне во откривање на проблеми пред да доведат до кршеници, а се препорачува тест за густина на коските (DEXA скенирање):

– За жени во текот или непосредно по менопаузата (средината до доцните 40-тите години).
– Мажи во средината на 60-тите години.

За секој што забележува драстична промена во висината или држењето на телото без оглед на годините.

– Важно е проблемите да се откријат рано, затоа разговарајте со вашиот лекар за вистинското време за тест за густина на коските – советува д-р Абелсон.

Губењето на висината не е само естетски проблем и не треба да се гледа како „неизбежен дел од стареењето“. Тоа е често начин на телото да сигнализира дека коските станале порозни и дека е време за итна реакција за да се зачува функционалноста и квалитетот на животот во староста.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот