Леонид е пресреќен што ја има поддршката од јавноста во битката за неговото здравје

Леонид е пресреќен што ја има поддршката на јавноста во битката за неговото здравје, изјави за „Слободен печат“ неговиот татко Бранко Индов.

Семејството на младиот Леонид Индов, кој минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција при што го повреди третиот, четвртиот и петтиот пршлен и дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетe, бара властите итно да ги променат процедурите и да му се овозможи на Леонид и на другите пациенти во слична состојба да добијат лекување, рехабилитација и здравствена заштита.

Младиот Леонид со хеликоптер беше транспортиран во Австрија, каде моментално се наоѓа на лекување, како и рехабилитација со која треба да му се овозможи да дише самостојно, да голта и да прооди. Во тоа му отежнуваат неколку фактори, меѓу кои и тоа што во македонските болници добил 30 интрахоспитални инфекции и декубит, рана која не може да се санира ни со пластична хирургија. Во моментов тој се наоѓа во рехабилитациски центар во Австрија, каде на повеќе начини се работи со него за да му се подобри здравствената состојба.

Во меѓувреме Фондот за здравство одби да го покрие лекувањето на Леонид во Австрија, со изговор дека во нивните правилници нема основ да се покрие рехабилитација. Но, според семејството, ова не е рехабилитација, туку животозагрозувачка состојба која бара лекување и за која нема услови во Македонија. За првите три месеци лекувањето во Австрија е 140 илјади евра, а толку се потребни и за вторите три месеци, но ФЗОМ одби да го покрие овој трошок со образложение дека и во Македонија можел да се лекува и дека не покриваат рехабилитација.

„Барањето на осигуреното лице Бранко Индов за неговото дете Леонид Индов за упатување на лекување во странство се одбива како неосновано. Согласно правилникот за специјализирана медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување, медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување ФЗОМ ја обезбедил во здравствените установи во Република Северна Македонија со кои склучил договор. Постапувајќи по барањето, односно предлогот за упатување на лекување во странство на конзилиумот на Клиниката за ТОАРИЛУЦ ФЗОМ прибави наод и мислење од првостепената лекарска комисија за потребата од упатување на лекувањето во странство. Првостепената лекарска комисија за упатување на лекување во странство при ФЗОМ го разгледа барањето и го одби како неосновано бидејќи не постои законски основ согласно законските и подзаконските одредби за упатување на лекување во странство за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување поради тоа што ФЗОМ за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Северна Македонија со кои склучил договор“, пишуваат од Фондот во решението за одбивање.

Но, Бранко Индов, таткото на Леонид вели дека овој правилник на Фондот мора да се промени, бидејќи е стар со години и не кореспондира со реалните потреби на пациентите меѓу кои и неговиот син. Според него, не може скршеница на рака и животозагрозувачка квадриплегија да се третираат како иста повреда.

Бараме од владата и од сите надлежни институции итно да се преиспита и измени законодавството за да се обезбеди соодветна финансиска поддршка за лекување во странство на Леонид и други случаи од оваа категорија. Да се овозможи пристапување на Фондот и споделување на трошоците за лекување во странство, кога заради долги бирократски процедури и тежината на состојбата, родителите одлучиле детето да започне со лекување во странство и пред одобрување на лекувањето ако се потврди дека истото било неопходно, за да не ја доживеат и други деца трагичната судбина на Тамара. Да се воведат јасни, транспарентни и брзи процедури за медицински случаи кои бараат итен третман надвор од земјата и да не се стават во истата група повреди како животозагрозувачка квадриплегија со скршеница на рака, изјави за „Слободен печат“ Бранко Индов, таткото на Леонид.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот